Една група астрономи од Иницијативата за истражување на орбитите на галактичкиот центар при Универзитетот на Калифорнија (UCLA), под раководство на професорката по астрофизика Андреа Гец (Andrea Ghez), открила непознат вид космички објекти во центарот на нашата галаксија, недалеку од супермасивната црна дупка Стрелец (Sagittarius) која е 4 милиони пати помасивна од нашето Сонце. Откритието било направено од опсерваторијата Кек лоцирана на Хавајските острови. Според групата, она што објектите ги чини невообичаени е тоа што тие во нивната орбита најголем дел од времето изгледаат стабилни и компактни, меѓутоа кога ќе се приближат до супермасивната црната дупка тие се деформираат растегнувајќи се.
Орбитите на шестте новотокриени објекти
Приказната за овие “нови” објекти има нешто подолга историја. Имено, уште во 2005 година истата истражувачка група идентификувала два чудни космички објекти во центарот на нашата галаксија, кои подоцна ги добиле имињата G1 и G2. Понатаму во 2014 година астрономи од Германија за првпат забележиле дека објектот G2 се деформирал, растегнувајќи се откако се приближил до црната дупка. Лидерот на истражувачката екипа Гец, смета дека е многу веројатно објектот G2 всушност да претставува бинарен систем од ѕвезди кои орбитираат една околу друга, покриени со невообичаено густ гас и прав. Ова би го објаснило тоа што што бинарниот состав наликува на една екстремно голема ѕвезда, која орбитира околу супермасивната црна дупка. Кога тој состав е подалеку од црната дупка, тој не изгледа чуден, но кога тој ќе се приближи до неа, тој се деформира така што добива издолжен облик и губи дел од гасовитата обвивка.
И додека групата размислувала дали се работи за нова категорија космички објекти, во меѓувреме тие откриле уште четири нови “G" објекти – G3, G4, G5 и G6. За да се утврди дали овие новооткриени објекти се од иста категорија како претходно откриените G1 и G2, истражувачката група се фокусирала на обликот на орбитата на секој од нив. Притоа било констатирано дека само првите два објекти, G1 и G2, имаат слични орбити, додека четирите новооткриени објекти имаат наполно различни орбити. Нивните орбити, покажани секоја со различна боја, ги гледаме на сликата во прилог.
Што може да се заклучи од сево ова? Како конечен заклучок Андреа Гец вели дека постои голема веројатност сите 6 чудни објекти претходно да биле ѕвезди во состав на бинарни системи, но под дејсто на меѓусебната интеракција и на интеракцијата со црната дупка, ѕвездите во секој од составите се соединиле во единствени објекти, процес којшто веројтно траел преку милион години. Понатаму таа укажува дека ако новооткриените “G" објекти претставуваат соединети бинарни ѕвезди, може да се заклучи дека соединувањето на две ѕвезди од еден бинарен состав, веројатно и не е толку ретка појава како што досега се сметаше.
Откритието е објавено во научното списание Nature.
Како и да е, универзумот се збогатил со нова категорија космички објети.