Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10/11/12.1.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 11.01.2021 - 12:30

Во овој времеплов ги славиме роденденoт на американскиот астроном и нобеловец Роберт Вудроу Вилсон, на пионерот од областа на програмските јазици Тони Хор, и на советскиот нуклеарен физичар Игор Василевич Курчатов. Покрај ова го одбележуваме првиот успешен експеримент од областа на радиоастрономијата, откривањето на месечините Оберон и Титанија, и денот кога криогенски беше замрзнат првиот човек со намера еветуално некогаш да му се продолжи животниот век ...

10.1.1946 – Проектот Дијана го детектира радарскиот сигнал рефлектиран од Месечината

Проектот Дијана (Project Diana) е можеби првиот експеримент од областа на радиоастрономијата, а бил спроведен од страна на Сигналниот корпус на американската армија, од сосема практични причини – да се испита дали радарите можата да продрат низ јоносферскиот слој над Земјата, со цел навремено да се откријат противничките ракети со голем дострел, чија траекторија оди над јоносферата. Тие емитувале сигнал кон Месечината и го детектирале сигналот рефлектиран од нејзината површина. Нивниот радар бил дел од радарската мрежа Forth Monmouth сместена во Њу Џерси, имал моќност од 3 kW и работел на фреквенција од 111,5 MHz Кон Месечината биле емитувани радио импулси со траење од ¼ секунда, а повратниот сигнал бил детектиран по 2,5 секунди – времетраењето на патување на радиосигналот од Земјата до Месечината и назад.

Успехот од овој експеримент докажа дека Месечината може да се искористи како пасивен рефлектор за пренос на високофревенциски радиосигнали зад линијата на хоризонтот. Иако сигналите честопати биле слаби и за нивно емитување и прием биле потребни моќни предаватели и осетливи приемници, принципот бил функционален. Подоцна овој начин за емитување на радиосигнали на големи далечини бил заменет со употребата на комуникациски сателити. Радиоаматерите и денес ја користат Месечината како пасивен рефлектор за интерконтинентални комуникации – овој систем е наречен Earth-Moon-Earth (EME) комуникација, или Moon bounce.(Н.С.)

 

10.1.1936 – Роден е Роберт Вудроу Вилсон

Роберт Вудроу Вилсон (Robert Woodrow Wilson) е американски астроном, кому во 1978 година му припаднала половина од Нобеловата награда за физика . Наградата ја дели заедно со Арно Алан Пензијас за откривањето на космичкото заднинско микробраново зрачење (CMB). CMB зрачењето всушност претставува заднински радио “шум“ за којшто се верува дека претставува остаток од радијацијата настаната при Биг Бенгот. (Н.С.)

 

11.1.1787 – Откриени се Титанија и Оберон

Вилијам Хершел (Wiliam Herschel), англиски астроном од германско потекло, ги открил Урановите сателити Тианија и Оберон, а подоцна открил и два Сатурнови сателити. Неговото име го носи еден од вселенските орбитални телескопи за студија на далечните галаксии. (П.Л.)

 

11.1.1934 – Роден Тони Хор, развивач на аксиоматскиот пристап

Роден е Чарлс Антони Ричард “Тони” Хор (Charles Antony Richard “Tony” Hoare). Магистрирал на Универзитетот во Оксфорд во 1959 година. Во периодот од 1960 до 1968 година работел во Елиот Брос Лтд во Лондон, а од 1968 до 1977 година предавал на Универзитетот во Белфаст. Има голем придонес за разбирање на логиката на програмите, а особено во развојот на аксиоматскиот пристап во описот на програмата. Творец е на еден од напознатите алгоритми за сортирање, quicksort (квиксорт), и ја засновал хоровата логика за верификација на програмите и формалниот јазик ЦСП. Добитник е на наградата АЦМ Туринг во 1980 година.(И.З.)

 

12.1.1967 – Д-р Џејмс Бедфорд станува првата криогенски зачувана личност

Др. Џејмс Бедфорд (James Bedford, 20.4.1893 – 12.1.1967) бил американски професор по психологија на Универзитетот во Калифорнија, кој напишал неколку книги за професионално советување. Тој е првата личност чие тело беше крионски зачувано по неговата смрт.

Бедфорд страдал од рак на бубрег, кој подоцна метастазирал во неговите бели дробови, состојба која во тоа време не можела да се лекува. Неговото тело било замрзнато неколку часа по неговата смрт. Во неговиот тестамент Бедфорд оставил 100 000 американски долари за истражување на криониката. Споредено со процедурите што ги употребуваат современите организации за крионика, криопротекторите што биле применети во случајот Бедфорд биле мошне примитивни. Имено, во телото бил инјектиран раствор од 15% диметилсулфоксид и 85% изотоничен раствор (ringers solution), соединение за кое се сметало дека помага во процесот на долготрајно криогено “замрзнување”, поради што се смета дека неговиот мозок веројатно не бил доволно заштитен. Во тоа време не бил достапен ниту процесот на витрификација, којшто би овозможил соодветна заштита на телото до некоја идна евентуална реанимација.

Телото на Бедфорд се одржувало во течен азот, и по неколку „преселби“, во 1977 година било преземено за чување од страна на неговото семејство во јужна Калифорнија, каде останало сè до 1982 година, кога ќе биде преместено во просториите на Алкор фондацијата за продолжување на животот, каде се наоѓа и ден денес. Состојбата на телото на Бедфорд била оценета во мај 1991 година, кога бил преместен во нов резервоар за складирање. Испитувачите заклучиле дека “се чини веројатно дека неговата надворешна температура останала на релативно ниски температури под нулата за време на целиот интервал на складирање“.

Криониката е техника чијашто примарна цел е спасување животи и продолжување на животниот век. Процесот подразбира замрзнување на клинички мртвите луѓе на температура на течен азот, точка за која се смета дека се спречува физичкото распаѓање, со надеж дека идните научни процедури, некогаш ќе можат да ги оживеат и да ги вратат во младост и добро здравје. За лицето задржано во таква состојба се вели дека е “криозачуван пациент“, затоа што не се смета дека криозачуваната личност е неизбежно “мртва“. (Д.М.)

 

12.1.1903 – Роден е Игор Василевич Курчатов, советски нуклеарен физичар

Игор Василевич Курчатов бил советски нуклеарен физичар кој би ја водел советската програма за нуклеарно истражување за производство на првото советско атомско оружје, термонуклеарно оружје и првата атомска централа. Тој работел на техничките проблеми за создавање верижна реакција со употреба на ураниум во моментот кога започнала германската инвазија на Русија. Ова ги стопира неговите истражувања. Но, во моментот кога советските разузнавачки служби дознаваат дека САД и Велика Британија се многу блиску до создавањето на атомска бомба, тој бил активиран за да ги предводи советските напори. Неговиот последен проект бил обид за производство на електрична енергија со употреба на процесот фузија. (Н.С.)

Клучни зборови:
Антената употребена во проектот Дијана

Антената употребена во проектот Дијана

Роберт Вудроу Вилсон

Роберт Вудроу Вилсон

Мапа на космичкото микробраново заднинско зрачење

Мапа на космичкото микробраново заднинско зрачење

Урановите сателеити Титанија и Оберон

Урановите сателеити Титанија и Оберон

Тони Хор

Чарлс Антони Ричард “Тони” Хор

Игор Василевич Курчатов

Игор Василевич Курчатов

Таткото на советската нуклеарна програма Игор Василевич Курчатов

Таткото на советската нуклеарна програма Игор Василевич Курчатов

Игор Василевич Курчатов

Игор Василевич Курчатов