Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 4/5/6.1.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.01.2021 - 11:15

Во овој времеплов ги славиме роденденoт на еден од најголемите научни умови – сер Исак Њутн и го одбележуваме првиот успешен тест на комуникациското средство кое ќе го промени светот – телеграфот на Семјуел Морзе. Покрај ова си спомнуваме и за првото известување во еден дневен печат за откритието на рентгенските зраци и првата употреба на раниот програмски јазик Симула, шеесетгодиншнината од смртта на Ервин Шредингер. Го одбележуваме и денот кога сите влеговме во првата GPS епоха ...

 

4.1.1643 – Роден е Исак Њутн

Некому можеби ќе му се чини чудно зошто роденденот на Њутн го славиме двапати. Причината е едноставна – човекот бил гениј. wink

Шега на страна, не е само тоа. Во времето кога Исак Њутн бил роден англичаните сè уште се раководеле, односно го сметале времето според стариот јулијански календар. Според него, Њутн е роден на 25 декември 1642 година. Со имплементирањето на грегоријанскиот календар во Велика Британија во 1752 година, датумот на раѓање на сер Исак Њутн се ‘поместил’ за точно 10 дена, колку изнесувала разликата меѓу двата календари во тоа време.

Исак Њутн (Isaac Newton) е англиски математичар и физичар, еден од најголемите научници коишто човештвото ги дало. Неговото генијално откритие на Општиот закон за меѓусебно привлекување на масите на телата, претставува почеток на нова ера во механиката, вклучувајќи ја и небеската механика. Во неговото дело “Математички принципи на природата на филозофијата” тој ги навел основните закони на механиката, и со тоа ги поставил темелите на класичната физика. Врз основа на тие закони, тој го објаснил движењето на Месечината околу Земјата, планетите околу Сонцето, движењето на кометите, плимата и осеката, и прв ја пресметал т.н. прва космичка брзина (7,9 km/s), која треба да ја има некое тело за да биде вештачки сателит во орбитата околу Земјата. Во областа на оптиката, покажал дека белата светлина е составена од повеќе основни бои, коишто можат да се видат при дисперзија на белата светлина кога таа поминува низ стаклена призма.  (П. Л.)

 

4.1.1961 – Почина Ервин Шредингер

Ервин Шредингер (Erwin Schredinger) е австриски физичар, еден од основоположниците на брановата механика. Познат е по неговата т.н. Шредингерова равенка за движење на микрочестичките. Добитник е на Нобелова награда за физика. (П. Л.)

 

5.1.1896 – Австриските весници информираат за откритието на нов тип зрачење на Вилхелм Рентген

Новите зраци, коишто Рентген ги нарекол x-зраци, подоцна на многу јазици ќе го носат неговото име – рентгенски зраци, додека придружните радиограми на x-зраците ќе бидат наречени рентгенограми. Оригиналниот труд на Рентген, “За новиот вид зраци“ (Ueber eine neue Art von Strahlen), бил објавен на 28 декември 1895 година. На 5 јануари 1896 година, еден од австриските весници објавил дека Рентген открил нов вид на зрачење. По откритието, на Рентген му бил доделен почесен докторат за медицина на Универзитетот во Вирцбург. Исто така, го добил и медалот Рамфорд на Британското кралско друштво во 1896 година. Помеѓу 1895 и 1897 година тој објавил вкупно три труда за рентген зраците.


Денес, Вилхелм Рентген се смета за татко на дијагностичката радиологија, медицинската гранка која користи слики за дијагностицирање на болести. (Д. М.)

 

5.1.1962 – Направенa е првaта референца со употреба на програмскиот јазик Симула

Симула бил ран, објектно-ориентиран програмски јазик, напишан од Кристен Нигард и Оле-Јон Дал, обајцата вработени во Норвешкиот компјутерски центар во Осло. Симула функционирала на тој начин што ги групирала податоците и упатствата во блокови наречени објекти, а секој од нив претставувал еден аспект на системот наменет за симулација. (И. З.)

 

6.1.1838 – Електромагнетниот телеграф на Семјуел Морзе го има првиот успешен тест

На 6 јануари 1838 година, телеграфскиот систем на Семјуел Морзе (Samuel Morse) за првпат бил демонстриран во кругот на железарата Спидвел во Мористаун, Њу Џерси. Без репетитор (повторувач), опсегот на телеграфот бил ограничен на три милји (околу 5 km). Телеграфот, уред што користел електрични импулси за пренесување шифрирани пораки преку жица, на крајот направил револуција во комуникацијата на далечина, достигнувајќи го својот зенит на употреба во 20-тите и 30-тите години од минатиот век.

Во 1832 година, додека пловел дома од Европа, Морзе слушнал за новооткриениот електромагнет и дошол до идеја за електричен телеграф. Тој немал сознание дека други пронаоѓачи веќе работат на концептот. Следните неколку години Морзе ги поминал во развој на прототип, во што му помогнале и двајца партнери – Леонард Гејл (Leonard Gale) и Алфред Вејл (Alfred Vail). Во 1838 година, тој го демонстрирал својот изум којшто за пренос на пораката се служел генерирање на долги и куси сигнали, интерпретирани како црти и точки. Однапред определените комбинации од црти и точки, го претставуваат кодот за букви и броеви која се нарекува Морзеова азбука.

Морзе ја посетил Европа каде покрај тоа што се обидел да обезбеди заштита на патентите во странство, сакал да ги испита и конкурентските телеграфски системи во Англија. По состанокот со Чарлс Витстоун, пронаоѓачот на еден таков електричен телеграфски систем, сфатил дека иако неговиот главен конкурент изградил генијален механизам, неговиот сопствен систем бил далеку поедноставен, поефикасен и полесен за употреба.

Во 1843 година, Морзе конечно го убедил скептичниот Конгрес да ја финансира изградбата на првата телеграфска линија во САД, од Вашингтон до Балтимор. Во мај 1844 година, Морзе ја испратил првата официјална телеграма преку линијата, со порака: “Што направи Бог!“

Во текот на следните неколку години, приватни компании, користејќи го патентот на Морзе, поставиле телеграфски линии на североистокот на САД, а 1861 година, Вестерн Јунион ја завршила првата трансконтинентална линија низ САД. Пет години подоцна, била изградена првата успешна постојана линија преку Атлантскиот Океан, а до крајот на векот биле воспоставени телеграфски системи во Африка, Азија и Австралија. (Д. М.)

 

6.1.1980 – Почеток на првата ГПС епоха (GPS Еpoch)

Времето на Глобалниот систем за позиционирање (Global Positioning System Time – GPST) или GPS време претставува атомска временска скала што ја одржуваат GPS сателитите и контролните земски станици што се користат за синхронизација на GPS системот. Секој сателит е опремен со прецизен атомски часовник кој периодично се синхронизира со контролната земска станица, односно со Поморската опсерваторија на САД (United States Naval Observatory – USNO), лоцирана во Колорадо.

GPS епоха (GPS Epoch) е континуиран временски систем за сите сателити и системи за набљудување. Првата GPS епоха започнала на полноќ од 5 кон 6 јануари 1980 година (сабота кон недела)  во 00:00:00 часот. Се мери како просек на атомските часовници за набљудувања и сателитите – точноста на позиционирањето зависи од прецизното мерење на времето со точност од две наносекунди, со оглед на брзините со кои се движат сателитите. Времето е претставено како број на недели (почнувајќи од сабота навечер на полноќ) и секунди во неделата. Така броењето на секундите може да достигне 604 800 (60x60x24x7), а потоа да се сврти на нула и повторно одново се продолжува со броењето. Кога бројот на недели достигнува 1024 и тие се враќаат на нула (ова се случило за прв пат на 21 август 1999 година, а потоа на 6 април 2019 година).

GPS епохата не се прилагодува за престапни секунди, така е 16 секунди пред  универзално координирано време (UTC) и разликата ќе расте со текот на времето. (Д. М.)

Клучни зборови:
Исак  во неговата лабораторија, уметничка визија

Исак  во неговата лабораторија, уметничка визија

Ервин Шредингер

Ервин Шредингер

Вилхелм Рентген и првата рентгентска снимка

Вилхелм Рентген и првата рентгентска снимка 

Кристен Нигард и Оле-Јон Дал, творците на програмскиот јазик Симула

Кристен Нигард и Оле-Јон Дал, творците на програмскиот јазик Симула

Телеграфскиот уред на Семјуел Морзе од 1937 година

Телеграфскиот уред на Семјуел Морзе од 1937 година.

Семјуел Морзе

Семјуел Морзе

Начинот на којшто работат ГПС сателитите

Начинот на којшто работат ГПС сателитите