Астрономите веќе подолго време интензивно го прислушуваат космосот трагајќи по радиосигнали емитувани од некоја вонземска цивилизација. За сега, резултатите се многу „тенки“. Освен еден краткотраен сигнал (наречен Wow! ) забележан во 1977 година од соѕвездието Стрелец, и уште еден тројно повторен сигнал (наречен SHGb02+14a) од 2003 година кој дошол од просторот меѓу соѕвездијата Риби и Јарец, нема ништо вредно да се спомене... сè до настанот од 29 април 2019.
Веста за тоа прв ја објави британскиот весник Гардиан (The Guardian) на 18 декември 2020, дека е идентификуван загадочен, многу тесен радиосноп на фреквенција од 982,002 MHz, којшто навидум доаѓа од насока на најблиската ѕвезда до нас, Проксима Кентаур, џуџеста ѕвезда оддалечена од нас 4,2 светлосни години. Радиоснопот е регистриран во опсерваторијата Паркс во Австралија, уште минатата година во месец април, од страна на посебна истражувачка група формирана во 2015 година, за реализација на најнова истражувачка програма т.н. „Breakthrough Listen“. Но, снимените податоци дошле на ред на анализа дури во октомври оваа година, па астрономите кои го направиле ова откритие во моментов го подготвуваат научниот труд кој ќе ги даде сите детали (се очекува студијата да биде објавена во 2021 година).
Опсерваторијата Паркс во која е идентификуван загадочниот радиосигнал
Радиосигналот се повторил 5 пати во рок од 30 часа. Досега сè уште не е точно одредено потеклото на овој сигнал, за разлика од многубројните други радиоснопови, детектирани од други опсерватории Грин Бенк во Вирџинија и Аресибо во Порторико, коишто се дел од програмата СЕТИ (Search Extraterrestrial Inteligennce). Имено, точно е утврдено дека потеклото на сите тие други радиосигнали е од расипни радиозрачења од електронски извори на Земјата, или од уреди во лансираните орбитални летала, или пак извори од извесни космички процеси. Меѓутоа, единствено досега не е утврдено потеклото на најновонаведениот радио-сигнал, иако тој е во анализа подолго од една година. Имено, научниците ги збуни не само насоката од која тој доаѓа, туку и тоа што точно ја менува неговата бранова должина, соодветно како движење на некоја планета на која би се наоѓал изворот. Во врска со тој проблем, Пит Ворден (Pete Worden), поранешен директор на Истражувачкиот центар на НАСА, а сега директор на новиот проект Breakthrough Listen, изјави дека во наведениот радиосноп се откриени неколку невообичаени ефекти, па треба да се почека истражувачката екипа да ја заврши нејзината работа, за да се донесе заклучокот за неговото потекло. Овој радиосигнал официјално го доби називот Breaktrhrough Listening Candidate 1 (BLC1).
Што се однесува до насоката од којашто тој пристигнал, се дебатира за тоа дали е можно сигналот да потекнува од некоја планета сместена во орбитата на ѕвездата Проксима Кентаур?
Досега астрономите идентификувале две планети околу таа ѕвезда. Едната е наречена Проксима А, но таа е од типот гасовит џин, па не е актуелна. Меѓутоа, другата планета, наречена Проксима Б, е од типот карпести планети и е 17% помасивна од нашата Земја; што е уште поинтересно, таа орбитира во т.н. животна зона, во којашто климатските услови одговараат за да има и вода на нејзината површина, во трајно течна агрегатна состојба. Според Пит Ворден, таа планета е сериозен кандидат за локација на изворот на наведениот радиосигнал.
Уметничка визија на планетата Проксима Б, можна локација на изворот на загадочниот сигнал (ESO/M. Kornmesser)
Но, поголемиот број научници се внимателни во своите заклучоци за потеклото на изворот на чудниот сигнал. За пример, еве ја изјавата на Луис Дартнел (Lewis Dartnell), астробиолог и професор на Универзитетот Вестминстер: „Шансата тој сигнал да е создаден вештачки на планета околу ѕвездата Проксима Кентаур изгледа мошне интригантно. Имено, идејата звучи неверојатно; по толку долга потрага по вонземен живот во нашата галаксија, ваков живот дури сега да биде откриен и тоа на нашиот праг, токму во соседниот планетен систем, најблизок до нашиот Сончев систем“, рече тој.
Меѓутоа, освен таа, т.н. статистичка нелогичност, постои и друга, т.н. конфигурациска неповолност. Имено, планетата Проксима Б орбитира по прилично блиска орбита до нејзината матична ѕвезда, па така двете тие се во меѓусебна спрега слична како спрегата меѓу Земјата и Месечината. Па така, едната половина на таа планета е трајно свртена кон нејзината матична ѕвезда, па на таа половина е вечен ден, додека на спротивната половина е вечна ноќ, и тешко е да се замисли како при таков систем може да има услови за појава на напредна вонземска цивилизација.
Според тоа, заклучокот за потеклото на овој сигнал најверојатно ќе биде ист каков што е и во сите претходни случаи – расипни зрачења од електронски уреди. Што значи, сепак човечки фактор.