Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 28/29.12.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 29.12.2020 - 13:00

Во овој времеплов го славиме роденденот на Македонското радио, на иноваторот Чарлс Гудјир и на првото “од епрувета” дете родено во САД. Покрај ова ја одбележуваме првата јавна демонстрација на кинематографот на браќата Лимијер, како и записот со којшто Шокли ја предвидува иднината на полуспроводниците.

 

28.12.1944 – 76 години Македонско радио

На 28 декември 2020 година, се навршуваат 76 години откога во далечната 1944 година, во етерот, за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на првиот директор на Радио Скопје, Владо Малески-Тале на македонски јазик “Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија... “

Во деновите кога ослободувањето на Скопје и на Македонија било само прашање на време, во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) му дава задача на Владо Малески-Тале, да се зафати со создавање и работа на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел, од борбените редови биле издвојувани техничари и новинари и испраќани во Горно Врановци заради извршување на задачата. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на НОВ на Македонија. Борците-техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош и на други технички кадри, забрзано работеле на оспособување и адаптација на запленета радиостаница. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови, задачата тешко и бавно се реализирала.

Експериментите почнале со француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, оспособиле радиопредавател од 20 W. Новиот предавател успешно стартувал од куполата на Офицерскиот дом во ослободеното Скопје.

На крајот на декември се подготвувало одржувањето на Второто заседание на АСНОМ во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието на Република Македонија. Владо Малески на Президиумот на Собранието му предложил смела идеја – Второто заседание да се пренесува директно преку радио. Тоа било голем предизвик, но и грижа како да се поврзе со кабли салата од каде што требало да се врши преносот до самиот предавател. Недостасувале стотици метри кабли што тогаш не можеле да се најдат во Македонија. Наскоро решението било најдено - радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом, на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши преносот од заседанието. По неколкудневна работа, се било спремно од технички аспект.

Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ бил определен – 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраниската сала, зад микрофонот, многу возбуден, според сопственото сведочење, се наоѓал Владо Малески во исчекување да почне собирот. Кога во салата се појавил првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, низ етерот за првпат во ослободената татковина се пренеле зборовите на македонски јазик

Преносот бил извршен со радиопредавател од американско потекло, од фирмата “СЦР”, со снага од 20 W, приспособен за таа намена. Тоа била трофејна воена радиостаница на кратки бранови, чиј опсег бил нешто зголемен (околу 49 m бранова должина, односно 6200 kHz) за да може да се слуша и на обичните радиоприемници во регионот на Скопје. Покрај радиостаницата, за цело време на преносот главен оператор бил Александар Грков, еден од пионерите на македонските радиотехничари.

Следните триесетина денови од овој историски датум биле најтешки за малубројната екипа радиотехничари кои имале задача да оспособат предавател и студиска техника за емитување редовна програма на македонски јазик од сопственото студио во Скопје.  Со помош на сонародниците од странство, со набавен и приспособен трофеен материјал, со многу труд и умеење првиот професионален предавател од 200 W бил поставен на тогашниот скопски аеродром поради зачуваниот антенски систем. Редовната работа со своја секојдневна програма на македонски јазик од студиото во градот, Радио Скопје ја започнува на 21 (некаде стои 28) јануари 1945 година. Првиот студиски простор радиото го добило во зградата подигната пред војната со режија од 15 m2 и спикерна од 12m2. Се започнало со читање вести за разни настани, соопштенија и прогласи што ги издавала власта и општествено-политичките организации.

Тежок проблем бил фондот на музиката бидејќи најголемиот дел од плочите биле уништени. Токму поради тоа, освен говорните текстови што биле читани во живо, и музичките изведувачи заедно со ансамблите доаѓале во терминот на емитување и свиреле во живо.

За сигнал (авизо) на новата радиостаница едногласно била избрана борбената мелодија “А бре Македонче''. За да се емитува сигналот бил конструиран метален тас на кој биле закачени 6 жици и перца кои што при движење на тасот го емитувале сигналот. Конструираниот уред честопати се расипувал, и дури во 1958 година била снимена грамофонска фолија со сигналот.

Означувањето на точното време било со гонг на кој што се удирало со чеканче на крајот прекриено со филц. Најавата била: “Со ударот во гонг означивме ... часот”. Тој гонг и денес се наоѓа во просториите на радиото. (Д. М.)

 

28.12.1981 – Родено е првото бебе од епрувета во Соединетите Американски Држави

Елизабет Џордан Кар (Elizabeth Jordan Carr) е првото дете родено во САД со помош на инвитро вештачко оплодување, односно 15 дете во светот. Инвитро процедурата беше извршена во медицинската кола Истерн Вирџинија (Eastern Virginia Medical School) во Норфолк, од страна на докторите Хауард Џонс (Howard Jones) и Џорџиана Сигар Џонс (Georgeanna Seegar Jones), коишто ги спроведуваат и првите обиди со оваа процедура во САД.

Елизабет Кар се роди во Општата болница во Норфолк во Вирџинија на 28 декември во 7 часот и 46 минути, од страна на д-р Мејсон Ендрјуз (Mason Andrews), со тежина од околу 2600 грама. (Н. С.)

 

28.12.1895 – Прва јавна демонстрација на кинематографот

Кинематографот (Cinématographe) е еден од уредите врзани со зачетоците на филмската уметност.  Пронајдокот на Луј и Огист Лимиер, кинематографот, може да се користи и како камера и како проектор. Уредот делумно се заснова на кинетоскопот (Kinetoscope) на Томас Едисон, а делумно на Оптичкиот театар (Théâtre Optique) на Емил Рејно. Имено, браќата Лимиер ја презеле идејата за филм со запчаници од пронајдокот на Едисон, а од Рејно идејата за проектирање последователни рамки на екран. Кинематографот можел да функционира и како камера, па со негова помош се прават дополнителни отпечатоци од филмот. Браќата Лимиер ја забавиле стапката на репродукција на проекцијата од 46 рамки во секунда, колку што користел изумот на Едисон, на 16 рамки. Оваа стапка на репродукција сè уште се користи.

Првата јавна демонстрација на Кинематографот се одржала во Гранд Кафе, кое се наоѓа на булеварот Капуцин во Париз, на 28 декември 1895 година. По само неколку месеци уредот веќе се користи ширум Европа и Северна Америка. (Н. С.)

 

29.12.1800 – Роден е Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир (Charles Goodyear) е познат американски иноватор, изумител на постапката вулканизирање. Неговото име го носи најголемиот производител на автомобилски гуми во светот, Гудијар основан во 1898 година од Франк Сеинбринг.

Чарлс Гудјир бил трговец со железарии кој се почнал да се занимава со пронаоѓаштво по пропаста на неговиот бизнис. Тој измислил вентил за надувување на елеците за спасување во вода. Вентилот бил изработен од еден во тоа време нов материјал наречен индиска гума. Индиската гума била штотуку откриена како супстанција којашто се добивала со цедење и собирање на смолата/млекото од каучукови дрва во Амазон.

Насекаде низ светот инвеститорите вложувале големи пари во компаниите коишто се занимавале со гума, кои никнувале на секој чекор во надеж за брз профит. Гудјир го прикажал својот вентил во една таква компанија во Њујорк, но употребата на индиската гума се покажала во најмала рака проблематична. Причина – на повисоки температури природната гума премногу омекнувала добивајќи структура налик на желатинска смола, додека во услови на студ гумата станувала тврда и лесно ронлива. Големиот број вратени и неупотребливи гумени производи за чиешто производство биле потрошени десетици илјади долари, го поттикнале Гудјир да изнајде нов начин за обработка којшто гумата ќе ја направи корисна.

Тој ќе ги помине следните неколку години обидувајќи се да го подобри квалитетот на гумата со помош на  различни адитиви. Така, на пример, се обидел да ја отстрани лепливоста со додавање на прашести супстанции, но во летните горештини сите готови производи се стопиле формирајќи леплива паста. Во еден момент помислил дека конечно успеал да го фиксира квалитетот на гумата кога во неговата смеша додал азотна киселина, што резултирало со мазен и сув производ. Користејќи го овој процес, Гудјир успеал да ја убеди владата на САД да купи поштенски торби изработени од овој тип гума. Но, и оваа формула набргу се покажала како неуспешна, па договорот пропаднал.

На крајот, Гудјир се обидел како адитив да користи и сулфур. Еден зимски ден, еден од примероците со сулфур паднал врз плотната од печка. Кога го подигнал примерокот, Гудјир забележал дека тој не се топи како останатите тест-примероци, туку дека попримил карактеристика слична на производ од кожа. На овој начин, сосема случајно, Гудјир го открил процесот на вулканизирање на гумата. Во следните две години ќе се обиде да ја утврди вистинската количина сулфур и точното количество топлина потребно за да се оптимизира квалитетот на гумата пред да достави пријава за патентирање на овој процес.

Гудјир имал мноштво идеи за употреба на гумата, но за несреќа не успеал да ги реализира со некоја поголема финансиска добивка. Лошо управувал со патентите, дел од нив ги продал за ситен ќар, а голем дел едноставно биле ‘пиратирани’. До крајот на животот Гудјир ќе се обидува да ги одбрани правата за своите патенти на суд. Иако успеал да ги добие повеќето судски процеси во САД, пиратирањето на неговите патенти продолжило. Починал во 1860 година со долг од над 200 000 американски долари. Паричните надокнади за користење на неговите патенти од гума му обезбедиле пристоен живот на неговото семејство, но не и некое големо богатство.

Компанијата за гуми Гудјир (Goodyear), којашто е денес една од најголемите производители на автомобилски гуми е именувана во чест на Чарлс Гудјеар, а е основана 40 години по неговата смрт. (Н. С.)

 

29.12.1939 – Шокли прави историски запис во неговиот лабораториски дневник

Во својот лабораториски дневник  Вилијам Шокли ќе запише дека е веројатно можно електронските ламби да се заменат со полуспроводници. Осум години подоцна, тој, Валтер Братејн и Џон Бардин успешно го тестираат првиот транзистор со точкаст спој (bipolar point-contact transistor) во просториите на АТ&Т Бел лабораторијата.

Поголемиот дел од од теоријата којашто го објаснива однесувањето на транзисторот ја развива Шокли, којшто наскоро ќе го претстави и споениот транзистор, многу посигурен елемент. Поминале околу десет години по откритието од 1947 година, пред производителите да ги прават доверливи и со добри карактеристики, а новата генерација инженери да научи како да ги користи. Во текот на 60-тите години од минатиот век транзисторите ќе ги заменат вакуумските цевки во електронските уреди и компјутерскиот дизајн. (И. З.)

Клучни зборови:
Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот за време на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 година

Владо Малески, првиот директор на Радио Скопје, пред микрофонот за време на директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ на 28 декември 1944 година

Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17, просторот кадешто денес се наоѓа Соборниот храм во Скопје. Зградата била во функција сè до земјотресот на 26 јули 1963 година

Зградата на Радио Скопје на улица Марксова 17, просторот кадешто денес се наоѓа Соборниот храм во Скопје. Зградата била во функција сè до земјотресот на 26 јули 1963 година

Металниот диск за најавниот сигнал А бре Македонче – изум на техничарите и музичарите на Радио Скопје во 1945 година

Металниот диск за најавниот сигнал А бре, Македонче – изум на техничарите и музичарите на Радио Скопје во 1945 година

Гонгот со којшто Радио Скопје го означуваше точното време

Гонгот со којшто Радио Скопје го означуваше точното време

Елизабет Кар, првото американско дете од епрувета на насловната страница на Лајф магазинот 

Елизабет Кар, првото американско дете од епрувета на насловната страница на Лајф магазинот 

Среќната мајка со првото американско дете од епрувета

Среќната мајка со првото американско дете од епрувета

Кинематографот на браќата Лимијер што денес може да се види во Музејот на уметностите и занаетите во Париз

Кинематографот на браќата Лимијер што денес може да се види во Музејот на уметностите и занаетите во Париз

Постер за јавна демонстрација на кинематографот во Шпанија

Постер за јавна демонстрација на кинематографот во Шпанија

Кинематографот Лимијер што може да се види во Институтот Лимијер во Франција

Кинематографот Лимијер што може да се види во Институтот Лимијер во Франција

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир

Уметничка визија за откривањето на процесот на вулканизација

Уметничка визија за откривањето на процесот на вулканизација 

Вилијам Шокли, Валтер Братејн и Џон Бардин во просториите на Бел лабораторијата

Вилијам Шокли, Валтер Братејн и Џон Бардин во просториите на Бел лабораторијата

Првиот транзистор

Првиот транзистор

Плочникот пред Лабораторијата за полуспроводници која го носи името на Шокли

Плочникот пред Лабораторијата за полуспроводници која го носи името на Шокли