Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 25/26/27 декември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.12.2020 - 01:30

Во овој времеплов ги славиме родендените на еден од најголемите научни умови – сер Исак Њутн, и на ФМ радиото. Дарвин го започнува своето патување со бродот Бигл, Иранците успеваат да се справат со вториот сериозен хакерски упад, а Французите накратко го прекинуваат мораториумот за нуклеарни тестови...

 

25.12.1642 – Роден е прочуениот Исак Њутн

Исак Њутн е познат како творец на класичната механика. Неговите три закони се основа за класичната механика (статика, кинематика, динамика) со која успешно се решаваат проблемите во механиката за брзини на телата многу, многу помали од брзината на светлината а телата се многу поголеми од атомите и атомските честици.

Како математичар, тој има огромни заслуги во развојот на диференцијалната анализа која ја користел во пресметките за своите истражувања, иако веднаш не го објавил своето откритие и потоа имало многу контроверзии кој имал поголем придонес во ова поле.

Експериментирајќи со светлина и стаклена призма, покажал дека белата светлина всушност е составена од спектар на бои со различна бранова должина. Истовремено тој е и првиот кој конструира телескоп – рефлектор.

Негово капитално дело “Математички принципи на природната философија” за првпат е објавено во 1687 година. Во 3 тома поставени се математичките основи на динамиката и механиката (вклучително и небеската механика), претставени се трите аксиоми на кои почива механиката и е математички изведено (дефинирано) движењето на планетите.

Починал во 1727 година. (Т. С.)

 

25.12.2012 – Иран пресретнува хакерски напад по теркот на Stuxnet

Нов компјутерски вирус сличен на Stuxnet напаѓа електрична компанија во јужниот дел на Иран, но иранските власти тврдат дека успешно се справиле со нападот, ограничувајќи го неговото дејство и ублажувајќи ја секоја поголема штета. Нападот се случува веднаш по хакерскиот напад со црвот Стакснет за којшто Техеран во 2010 година објави дека успеал да осакати дел од иранската инфраструктура наменета за збогатување ураниум. Црвот успеал да предизвик штетни варијации во брзината и прекини во работата на центрифугите што се користат во објектите за збогатување ураниум. Пред да ја предизвика оваа штета, и да биде откриен, вирусот непречено се ширел низ мрежите, како и преку флеш-уредите и другите надворешни уреди за складирање. (И. З.)

 

26.12.1933 – Патентирано е ФМ-радиото

Во 1933 година на 26 декември, ФМ радиото било патентирано од пронаоѓачот Едвин Х. Армстронг (Edwin H. Armstrong 18.12.1890 – 1.2.1954). Армстронг бил американски електроинженер и пронаоѓач, кој развил ФМ радио (радио со фреквентна модулација) и систем на суперхетеродински приемник. Имал 42 патента и добил бројни награди, вклучувајќи го и првиот медал на честа доделен од Институтот за радиоинженери (сега IEEE), Француската легија на честа, медалот Франклин во 1941 година и медалот Едисон во 1942 година. Тој бил примен во Националната сала на славните пронаоѓачи и бил вклучен во списокот на големи пронаоѓачи на Меѓународната унија за телекомуникации.

ФМ емитување е метод на радио емитување со користење на фреквентна модулација на радио бранот  како носител за да ги намали статичките и пречките од електричната опрема и атмосферата. ФМ со широк опсег се користи ширум светот за да се обезбеди звук со голема верност преку емитуваното радио. ФМ-радиодифузијата е способна за поголема верност - т.е. попрецизна репродукција на оригиналниот звук на програмата - отколку другите радиодифузни технологии, како што е емитувањето со AM. Затоа, ФМ се користи повеќе за емитувања на музика или општо аудио (во аудио спектарот). ФМ радиостаниците го користат многу високиот фреквентен опсег на радиофреквенции. Низ целиот свет, опсегот за емитување на ФМ спаѓа во VHF дел од радио-спектарот. Обично се користат 87,5 до 108,0 MHz, или некој дел од нив, со неколку исклучоци.

На почетокот на 1928 година, Амстронг започнал со истражување на можностите на ФМ, иако во тоа време имало и други вклучени во истражување на ФМ. Работејќи во тајност во подрумската лабораторија на Филозофската Сала (Philosophy Hall) зграда во кампусот на Универзитетот Колумбија во Њујорк, Амстронг развил „широк опсег“ ФМ, при што открил значителни предности во однос на претходните „тесни опсези“ на ФМ преноси. Во „широк опсег“ ФМ систем, отстапувањата на фреквенцијата на носачот се прават да бидат многу поголеми од фреквенцијата на аудио сигналот. Можело да се покаже дека ова обезбедува подобро отфрлање на пречките и шумот за разлика од АМ модулацијата. Тој добил 26 патенти во САД кои ги опфаќаат основните карактеристики на новиот систем на 26 декември 1933 година. (Д. М.)

 

27.12.1571 – Роден е Јохан Кеплер, прочуен германски астроном и математичар.

 

27.12.1831 – Дарвин го започнува своето патување

Прочуениот англиски биолог и истражувач, Чарлс Дарвин, тргнува на пат околу светот со бродот Бигл (HMS Beagle). Примероците од растителниот и од животинскиот свет што ќе ги собере во текот на оваа мисија ќе бидат основата којашто подоцна ќе резултира со Дарвиновата теорија за потеклото на видовите, односно современата теорија на еволуцијата. (Т. С.)

 

27.12.1995 – Франција врши тестови за нуклеарно оружје

Франција изврши серија тестирања на нуклеарно оружје во Јужниот Пацифик. Во контроверзен потег, францускиот претседател Жак Ширак го укина мораториумот за нуклеарни тестирања. Повеќето земји нуклеарното оружје го тестираат со употреба на компјутерски симулации наместо преку вистински експлозии на бомби. Но, Франција ќе тврди дека тестовите, кои биле прекинати неколку години претходно, ја оставиле земјата без доволен број податоци за да може да се спроведат идните компјутерски симулирани тестирања. (И. З)

Клучни зборови:
Исак Њутн

Исак Њутн

Исак Њутн, еден од брилијантните умови на науката

Исак Њутн, еден од брилијантните умови на науката

Едвин Х. Армстронг

Едвин Х. Армстронг (Edwin H. Armstrong 18.12.1890 - 1.2.1954)

Првиот прототип на FM предавател за пренос, лоциран во Емпаер Стејт Билдинг, Њујорк

Првиот прототип на FM предавател за пренос, лоциран во Емпаер Стејт Билдинг, Њујорк, кој го користел за тајни тестови на неговиот систем помеѓу 1934 и 1935 година. Лиценциран како експериментална станица W2XDG, тој се пренесува на 41 MHz со моќност од 2 kW

Позиционирањето на ФМ радио во електромагнетниот спектар

Позиционирањето на ФМ радио во електромагнетниот спектар

Чарлс Дарвин и графика на бродот Бигл

Чарлс Дарвин и графика на бродот Бигл

Рутата на патувањето на Дарвин со бродот Бигл

Рутата на патувањето на Дарвин со бродот Бигл