Рубрика: Аеронаутика
Ултралесно летало УЛВ ‘’Кора“
Автор: Перица Поповски
Објавено на 11.12.2020 - 11:45

Досега неколкупати сме пишувале во Емитер на темата ултралесни летала. Во меѓувреме, кај нас во Македонија сè повеќе заживува трендот желбата за летање да се надополни и да се оствари со набавка на сопствено ултра лесноултралесно летало. Ова лето, на една навидум обична средба со членови на АК Битола и претставници од дијаспората, воздухопловци од разни генерации, бевме сведоци на прелетот на ултралесното летало УЛВ Кора. Леталото го измина патот од спортскиот аеродром Стенковец во Скопје до Битола, управувано од Васко Михалчев, искусен професионален пилот, но и инструктор и љубител на ултралесни летала.

Набавката на УЛВ Кора претставува исполнување на желбата за двајца другари, поранешни пилоти едриличари – Драган Цветановски и Александар Атанасовски ‒ за поседување сопствен авион. Тие вложија сопствени средства за набавка на авионот и за негов темелен технички преглед, по што следеше отстранување на сè она што не е квалитетно и замена со нови делови, вклучувајќи и нов мотор. Сето ова беше направено од страна на овластен сервисерски тим, во кој свој удел имаше и Коста Стојановски, овластен авиомеханичар. Процедурата одзеде многу време, меѓу другото и поради тоа што беше спроведена во услови на пандемија и спроведување стриктни здравствени мерки, но на крајот беше крунисана со добивање одобрение од страна на органите за цивилна воздушна пловидба на Македонија и запишување на леталото во македонскиот регистар на воздухоплови.

Еуфоријата на исчекувањето беше голема, но сепак заради протоколите согласно препораките од Светската здравствена организација и Министерството за здравство, бројот на посетители на денот кога Кора пристигна ‘дома’ беше редуциран на минимум. Во одборот за дочек се најдоа Стево Стефановски, најискусниот професионален пилот, капетан и инструктор за управување со патнички авиони (за повеќе типови, од „каравела“ до „боинг“, „ербас“, „фокер“...), неговиот брат Гоше Стефановски, исто така професионален пилот и инструктор за управување со патнички авиони, најстариот спортски пилот на едрилици, Јани Свидерски и Љупчо Ружиновски, кои летале буквално со сите едрилици што досега крстосувале на македонското небо, и мојата маленкост – авторот на овој напис.

За каков ултралесен авион се работи, ќе се потрудам да ви опишам пошироко во продолжението на овој текст.

УЛВ „Кора“ е авион од типот висококрилец (со крило поставено високо на трупот), со мотор монтиран стандардно во предниот дел од воздухопловот, зад којшто е сместен композитен труп во кој е сместена кабината двосед. Трупот завршува со опашка од видот Т, стабилизатор за аеродинамичко управување и во долниот дел подвозје, односно стојни органи  – трицикл со сопирачки.

УЛВ „Кора“ спаѓа во категоријата ултралесни воздухоплови, со максимална полетна тежина од 450 килограми, и е наменет за спортски активности..

 

Крило

УЛВ „Кора“ има крило коешто е комбинација на права и трапезоидна форма, односно центропланот е права форма што завршува со трапезоид на крајните делови од крилото, со носечка упорница. Изработено е од композитни материјали и дрво, преслечени со платно. Платното е лакирано со посебни лакови и со нанос од акрилна боја. Секако, има и заштитен лак за УВ-зраци.

Торзионата кутија и излезниот раб на крилата се изработени од композитен материјал, со една носечка раменица изработена од дрво од која понатаму се протегаат дрвени ребра до излезниот раб.

Конструкцијата на аеродинамичката конфигурација на крилото (крилца и заткрилца), се изработени на ист начин како и крилото.

Крилото е прицврстено на трупот со три (3) упорници за центропланот, како и со упорница сместена во зоната на прицврстување на подвозјето кон трупот и кон другиот крај од самото крилото.

 Некои основни карактеристики на крилото:

– Аеропрофил: UA-2;

– Растојание на крилото:11,4 m;

– Длабочина (ширина на крилото): 1,2 m;

– Површина на крилата: 12,5 m2

– Виткост на крилото: 10,4

– Закрилца: Положба бр. 1: 8°; Положба бр. 2: 16°; Положба бр. 3: 30°

Труп

Трупот е изработен од композитен материјал со вертикален стабилизатор од два дела (оклоп направен во калап), кои потоа со посебна постапка се споени во една целина (монолит). Трупот од внатрешната страна е зајакнат со напречни ребра и соодветни прегради. Во состав на трупот влегува и кабината за сместување на двoчлениот екипаж – пилотите, кои седат еден покрај друг.

Во долниот дел, кабината на екипажот ја сочинуваат кабински простор од трупот и центропланот, кој е горен дел од кабината и е изработен од метални цевки со соодветни упорници за спојување и закачување на крилата.

Во кабината се влегува од две странични врати под крилата, секој пилот од своја страна. Ветробранското стакло, страничните стаклени површини и самата диспозиција овозможуваат солидна прегледност.

Должината на трупот изнесува 6,1 метар.

 

Хоризонтален стабилизатор

Хоризонталниот стабилизатор се состои од подвижен и од неподвижен дел, и е со мешовита градба, композит-дрво, со слични конструкторски решенија како и крилото, кои се среќаваат и кај други УЛВ-летала.

Неподвижниот дел е прицврстен за вертикалниот стабилизатор со две навртки коишто се осигурани. Подвижниот дел е поврзан со пилотската палка во функција на кормило за височина со цврста врска.

Вкупната површина на хоризонталниот стабилизатор изнесува 1,56 m2, сместени на растојание од 2,40 m, и има длабочина (подвижен и неподвижен дел ) од 0,65 m.

 

Вертикален стабилизатор

Изработен е од два дела, со тоа што неподвижниот дел е интегрален дел од трупот и e зацврстен со соодветни прегради (профилирани) кои воедно се и упорници за подвижниот дел од стабилизаторот, кормилото за правец.

Кормилото за правец, т.е.подвижниот дел, е врзан со ножните команди коишто се од флексибилен тип (челични плетени сајли).

Вкупната површина на вертикалниот стабилизатор изнесува 0,9 m2.

 

Команди на воздухопловот

Сите команди на воздухопловот се двојно зависни, изведени со систем од челични јажиња, макари и лостови, што овозможува тие лесно да се движат.

Врз основа на она што го видов при долетот на искусниот пилот Васко Михалчев и од подоцна направените неколку стартови со кандидатот за инструктор Јован Трајков, можам слободно да заклучам дека се работи за извонреден УЛВ-авион. Сопствениците Драган Цветановски и Александар Атанасовски се откажаа од набавка на скапи автомобили со цел да спортуваат, односно да летаат. УЛВ „Кора“ е четврти по ред авион од оваа категорија во Битола, набавен со заеднички вложувања. Верувам дека во иднина ќе имам можност да направам еден лет во школскиот круг, за да го почувствувам од прва рака и да дадам потполна слика за квалитетот на леталото. Досега имав можност да летам со два УЛВ-авиони – Маја и Савана, моторен змеј, па зашто не и на УЛВ „Кора“. На сопствениците им посакувам да се обучат комплетно со инструктор и самостојно, безбедно да крстосуваат по македонското небо.

Клучни зборови:
Пристигнување на УЛВ Кора на спортскиот аеродром во Битола

Пристигнување на УЛВ Кора на спортскиот аеродром во Битола

Одборот за дочек на новиот воздухоплов Кора

Одборот за дочек на новиот воздухоплов Кора

Средба на професионалните пилоти Стево и Гоше со новиот член на пилотската фела Драган

Средба на професионалните пилоти Стево и Гоше со новиот член на пилотската фела Драган

Васко Михалчев го предава клучот на еден од сопствениците на воздухопловот, Драган Цветановски

Васко Михалчев го предава клучот на еден од сопствениците на воздухопловот, Драган Цветановски

За еден од сопствениците радоста конечно се има клучот во рацете, е неизмерна

За еден од сопствениците радоста конечно се има клучот во рацете, е неизмерна

Ултралесниот авион УЛВ Кора конечно дома – пред хангарот на АК Битола

Ултралесниот авион УЛВ Кора конечно дома – пред хангарот на АК Битола

Средба на генерации на пилоти

Средба на генерации на пилоти

УЛВ авионите Маја и Кора пред хангарите на спортскиот аеродром во Битола

УЛВ авионите Маја и Кора пред хангарите на спортскиот аеродром во Битола

Технички опис на леталото

Технички опис на леталото