Овој месец ќе бидеме сведоци на несекојдневен астрономски настан – привидно спојување на планетите Сатурн и Јупитер во една светла точка на ноќното небо. Овој несекојдневен настан што се случува на секои 400 години ќе може да се следи и со голо око, односно барем ќе можат да го следат сите со добар вид, а ние другите ќе се послужиме со дурбин, двоглед или уште подобро, телескоп. За што всушност се работи?
Во астрономијата овој настан кога положбата на две небески тела што, гледано од Земјата, ќе се најдат приближно на истата права линија, односно блиску едно до друго на небото (види ја сликата подолу) се нарекува конјункција (лат. coniunctio).
Големата конјункција (The Great Conjunction) претставува посебен случај кога тие две тела речиси целосно се преклопуваат едно зад друго, па гледано од Земјата изгледа како тие речиси наполно да се споиле во едно единствено тело. Токму ваков случај набргу им претстои на двете џиновски гасовити планети во Сончевиот систем, Јупитер и Сатурн, па деновиве тие го привлекуваат вниманието кон себе.
Да објасниме, двете планети орбитираат околу Сонцето во речиси иста рамнина, па поради тоа тие постојано периодично влегуваат во конјункција, односно доаѓаат блиску една со друга. Според времето на нивната периода на орбитирање околу Сонцето – Јупитер со 11,86 земјини години, а Сатурн со 29,65 години – тие перманентно влегуваат во конјункција секои 19,76 години, така што од Земјата изгледа дека тие периодично се “спојуваат“ и се “одвојуваат“.
Наредната нивна конјункција ќе се случи на 21 декември годинава, и таа ќе биде од типот голема конјункција, бидеќи тие визуелно речиси целосно ќе се поклопат една зад друга. Така, на ноќното небо со голо око ќе се гледаат Јупитер и Сатурн како две екстремно блиски светли точки (еве прилика да си го тестирате видот!), додека во телескоп ќе имате ретка прилика истовремено во истото видно поле на телескопот да ги видите Јупитер и Сатурн со неговиот прстен (види ја сликата подолу).
Ваквите големи конјункции се случуваат многу ретко. Имено, последeн пат кога Сатурн и Јупитер на ноќното небо биле волку блиску е пред 400 години, а последното нивно привидно совпаѓање во единствена светла точна на ноќното небото се случила пред 800 години, а еве, ќе се повтори дури деновиве. Притоа, за разлика од сите други претходни досегашни нивни конјункции во кои поклопувањето не било потполно, туку помеѓу нив останувало аглово растојание нешто поголемо од 1 степен, во престојната голема конјукција, на 21 декември годинава, агловото растојание помеѓу нив ќе биде од ред на големина 1/10 од степен.
Астрономите веќе започнаа да го следат влегувањето на овие планети во големата конјункција и констатирале дека на ден 1 ноември планетите меѓусебе веќе се приближиле на аглово растојание од 5,1º, на 15 ноември тие се приближиле на 3,8º. Според пресметка, заклучиле дека денес, на 1 декември, тие ќе се приближат на аглово растојание од 2,2º, додека на 15 декември ќе се приближат на само 0,7º. Потоа, секој нареден ден ќе се приближуваат по 0,1º, сè до долгоочекуваниот “состанок” на 21 декември, кога ќе бидат на најмало аглово растојание од само 6,1 аглови минути (arc minute), по што тие ќе започнат меѓусебно да се оддалечуваат. Да објасниме, аглова минута претставува мерка за мерење многу мали аглови големини и е еднаква на 1/60 од степенот.
Да се надеваме дека временските услови тој ден ќе бидат поволни за набљудување на ноќното небо, со што големата конјункција ќе може да се забележи и со обичен ловечки дурбин.