Рубрика: Астрономија и астронаутика
Структурата на универзумот
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 11.11.2020 - 13:00

Структурата на универзумот не ја сочинуваат случајно расфрлани објекти, како што тоа изгледа на прв поглед, туку гледано во крупен размер, таа е составена од мрежа од “конци” (filaments), на кои како монистри се “нанижани” галактичките јата обвиткани со гас, а помеѓу тие “конци” се наоѓаат огромни празнини, така што целата таа конфигурација наликува на мрежа од пајажина, па космолозите така и ја нарекле “космичка пајажина” (cosmic web). Ваквата структура на универзумот астрономите ја осознаваат индиректно, со набљудување на многу далечни светлински извори, при што забележале дека светлината од тие извори покажува “шума” од водородни апсорпциски линии, всушност пајажински конци, коишто патем ја пресретнуваат таа светлина.

Конфигурацијата на космичката структура со децении била предизвик за астрофизичарите, а на почетокот од оваа година беше направено мапирање на космичката структура во локални граници, т.е. во регион ограничен на околу 500 милиони светлински години, што претставува 1/3 од целокупниот простор на универзумот. Да објасниме, светлосна година е мерка за должина – растојание што светлината го изминува во време од 1 година, движејќи се со брзина 3 • 108 m/s. За споредба, нашата галаксија Млечен Пат, има видлив дијаметар помеѓу 150 000 – 200 000 светлосни години.

Компјутерска симулација на космичката пајажина на дел од универзумот

Мапирањето е направено со користење на податоците за позициите на 37 000 галаксии добиенио со опсерваторијата Sloan Digital Sky Survey и примена на компјутерски алгоритам. Како резултат била создадена тридимензионална мапа за наведениот локален регион. За појасен увид во структурата на космичката пајажина, на долниот дел на сликата дополнително се покажани во помал размер 3 јазлени места во пајажината, така што на тие места можеме да ги видиме индивидуалните галаксии нанижани на “конците” во пајажината. Тие галаксии се покажани како жолти точки, а космичките конци, коишто нив ги поврзуваат, се покажани со пурпурна боја.

Но, што е тоа што прави нашиот универзум да има таква необична пајажинеста структура? Одговорот лежи во процесите што се случиле по т.н. инфлаторна експанзија веднаш по Биг Бенгот, кога според астрофизичарите, универзумот бил целосно составен од примордијална плазма. Таа, под дејство на сопствената сила на гравитацијата и на интеракцијата со мистериозната супстанција позната како “темна материја”, содржана со најголем дел во универзумот, започнала да се групира во “јазли” кои започнале да се поврзуваат во низа, како монистри на ѓердан. Од нив потекнуваат галаксиите коишто сега ги гледаме нанижани на “конци” во мрежа, односно во космичката пајажина.

Клучни зборови:
Компјутерска симулација на космичката пајажина на дел од универзумот

Компјутерска симулација на космичката пајажина на дел од универзумот