Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 9/10 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.11.2020 - 12:00

Во овој времеплов го одбележуваме создавањето на еден нов хемиски елемент – дармштатиумот, претставувањето на еден сосема нов вид интернет прелистувач – Фајрфокс и првиот повик остварен директно и на далечина, без посредство на телефонските оператори.

 

9.11.1994 – Откриен е хемискиот елемент Дармштатиум

Дармштатиум (Darmstadtium) е вештачки произведен трансураниумски елемент со симбол Ds и атомски број 110. Тој е исклучително радиоактивен синтетички елемент. Најстабилниот познат изотоп, дармштатиум-281, има полупериод на распаѓање (полуживот) од приближно 12,7 секунди.

Првпат е создаден во 1994 година од Хелмхолц Центарот за истражување на тешки јони (Gesellschaft fur Schwerionenforschung) во близина на градот Дармштат, Германија, по што го добил и името. Екипата предводена од Питер Армбрустер (Peter Armbruster) и Готфрид Минценбер (Gottfried Münzenber) користеле линеарен забрзувач за да ја бомбардираат целта од олово-208 со повеќе од милијарда милијарди јони на никел-62 во текот на една недела, што резултирало со еден атом дармштатиум-269 (269Ds).

Во периодниот систем, дармштатиумот е сместен во д-блокот на транзициските метали. Се наоѓа во 7-та периода и е ставен во елементите од групата 10. Иако сè уште не се спроведени хемиски експерименти за да се потврди дека се однесува како потежок хомолог на платина во групата 10, како осми член на 6-та серија на транзициските метали, Дармштатиумот се смета дека има слични својства на неговите полесни хомолози, никел, паладиум и платина. (Р. М.)

 

9.11. 2004 – Претставен е Firefox 1.0

Понекогаш означуван скратено и како FF, првиот Firefox прелистувач од следната генерација на Mozilla вклучуваше низ новини – карактеристики како прелистување со јазичиња и блокирање на скокачки прозорци, на пример. Mozilla Firefox стана популарна замена за корисниците на Microsoft Internet Explorer кои бараа алтернативи што можат да спречат шпионски софтвер, но и да  ползуваат низата други карактеристики на новиот интернет прелизтувач Firefox. (И. З)

 

9.11.1921 – Алберт Ајншајн (Albert Einstein) ја добива Нобеловата награда за физика за неговата работа на феноменот на фотоелектричниот ефект

10.11.1951 – Остварен е првиот телефонскиот разговор со директно бирање во САД, реализиран од спротивните краеви на континентот

На 10 ноември 1951 година, првиот директен телефонски повик во Северна Америка бил направен од градоначалникот М. Лесли Денинг (M. Leslie Denning) од Инглвуд (Englewood), Њy Џерси, до градоначалникот Френк П. Озборн (Frank P. Osborn) од Аламеда (Alameda), Калифорнија.

Повикот е револуционерен во доменот на телефонските разговор – реализиран е од спротивните краеви на САД. Растојанието помеѓу градоначалниците изнесувало 3 000 милји (речиси 5000 километри), далечина на којашто опфаќа цели 3 временски зони. Комуникацијата помеѓу градоначалниците била остварена за 18 секунди, а телекомуникациските професионалци го слушале разговорот.

Пред да се воведе директното бирање, сите повици на далечина биле воспоставувани од специјални оператори на разводни табли. Извршувањето на повиците на далечина одземало многу време и било скапо, бидејќи секој повик го воделе повеќе оператори во повеќе градови. Водењето евиденција било исто така покомплексно, бидејќи времетраењето на секој повик требало да се снима рачно за наплата.

Набргу по спроведувањето на троцифрените кодови за области и системите за автоматско префрлување, директната линија веќе не била невозможна. Овие чекори го револуционизирале телекомуникацискиот систем во САД, но и во целиот свет, намалувајќи ги трошоците за трансфери на повици од трети страни и намалувајќи го времето потребно за воспоставување линија. Исто така, отстранувањето на операторот ја направило комуникацијата поприватна работа, без директно вклучување на трето лице во логистиката за повици. Последователно, системот за комуникација бил експоненцијално подобрен, отворајќи го патот за факс-машините и за другите телефонски услуги. (Д. М.)

Клучни зборови:
Дармштатиум

Дармштатиум 

Градоначалникот на Инглвуд за време на првиот директен телефонски повик на далечина

Градоначалникот на Инглвуд за време на првиот директен телефонски повик на далечина (фото: AT&T Archives and History)

Сè до педесттите години од минатиот век поврзувањето на разговорите се врши рачно со посредство на луѓе вработени како телефонски оператори

Сè до педесттите години од минатиот век поврзувањето на разговорите се врши рачно со посредство на луѓе вработени како телефонски оператори