Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5/6.11.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 05.11.2020 - 14:15

Во овој времеплов го одбележуваме денот кога интернетот ја оствари бројката од 100 милиони страници, денот кога Гугл ја воведе платформата Андроид, а славиме и два родендени – на францускиот хемичар и нобеловец Пол Сабатје и на шкотскиот астроном и математичар Џејмс Грегори.

 

5.11. 2006 – Интернетот може да се пофали со 100 милиони страници

Според компанијата за интернет услуги Неткрафт, на овој ден над 100 милиони веб-страници постоеле на Интернет. На овој голем напредок се надоврза бројката од 27,4 милиони додадени страници во таа година, со што лесно се надмина претходниот рекорд за повеќе од 17 милиони, споредено со 2005 година. Интернетот се зголемил двојно по бројот на страници од мај 2004 година. Блоговите и веб-страниците на малите бизниси го поттикнаа експлозивниот раст во 2006 година, а за огромното зголемување секако придонесоа услугите за бесплатно блогирање на Google и Microsoft. Првото истражување на Неткрафт во август 1995 година открило 18,957 хостинзи. (И. З.)

 

5.11. 2007 – Воведена е Андроид платформата

Гугл ја воведува платформата Андроид. Новиот оперативен систем на Гугл е наменет за мобилни телефони, а се заснова на изменета верзија на оперативниот систем Линукс. Првиот телефон базиран на Андроид се појави во септември 2008 година. (И. З.)

 

5.11.1864 – Роден е Пол Сабатје

Пол Сабатје (Paul Sabatier) е познат француски хемичар и добитник на Нобеловата награда за хемија во 1912 година, за истражувањата за подобрување на хидрогенацијата на органските видови во присуство на метали. (Т. С.)

 

5.11.1879 – Почина шкотскиот физичар и математичар Џемс Клерк Максвел

Џемс Максвел (James Clerk Maxwell) ја формулира класичната теорија на електромагнетското зрачење. (Т. С.)

 

6.11. 1638 – Роден е Џејмс Грегори

Џејмс Грегори (James Gregory) е шкотски астроном и математичар. Најпознат е по неговиот пронајдок – рефлекторскиот телескоп, а имал и повеќе откритија во областа на тригонометријата. Тој теоретски ја опишал градбата на Грегориевиот рефлекторски телескоп во неговата книга “Напредна оптика“ (Optica Promota, 1663). Грегориевиот телескоп употребува секундарно вдлабнато огледало кое ја одбива сликата назад низ дупката на примарното огледало. На овој начин се добива исправена слика, која може да се употреби за површински набљудувања. Некои помали телескопи сè уште се изработуваат на овој начин. За жал, Грегори никогаш не успеал да направи функционален модел. Првиот успешно направенм работен модел на ваков телескоп го конструира Роберт Хук во 1673 година.

Во истото дело, “Напредна оптика”, тој го опишува методот со којшто посредно, преку набљудување на транзитот на Венера, може да се одреди оддалеченоста помеѓу Земјата и Сонцето. За овој метод подоцна ќе се заложи Едмунд Халеј и ќе биде усвоен како основа за првото ефективно мерење на астрономската единица. (Н. С.)

Клучни зборови:
Шкотскиот астроном и математичар Џејмс Грегори

Шкотскиот астроном и математичар Џејмс Грегори

Градба на грегориевиот рефлективен телескоп

Градба на грегориевиот рефлективен телескоп