Во фокусот на овој краток прилог е еден уред, што зазема посебно место во историјата на телевизијата. Потекнува од седумдесеттите години и обично можевме да го видиме покрај најстарите модели на црно-бели ТВ-приемници, во домовите на нашите дедовци и баби или други постари роднини.
За што служеше овој уред и која е приказната зад него?
Во деновите кога телевизиските програми сè уште се пренесувале со користење на радио-бранови со фреквенции само од VHF-опсегот (VHF-I: 47-68MHz и VHF-III: 174-230MHz), телевизиските приемници имале бирачи на канали само за овој опсег. Но, со текот на времето, станало потребно и возможно користење и на UHF-опсегот и нови 49 канали од овој опсег (470-862MHz) биле доделени за телевизијата.
Имало многу причини за овој потег и тоа не се случило истовремено во сите делови на светот. На пример, во САД, по Втората светска војна, бројот на ТВ-станици брзо се зголемувал, па каналите распределени во VHF-опсегот веќе не биле доволни. Освојувањето на UHF било логично и потребно и таму се случило во текот на педесеттите. Во Европа, експанзијата кон UHF се случила во шеесеттите години, а нешто подоцна тоа се случило и во Југославија, кога националните телевизиски центри започнале да ги емитираат своите втори програми.
По воспоставувањето на пренос на UHF, во телевизиските приемници што се произведувале тогаш, веќе бил стандардно вградуван и бирач за UHF (покрај бирачот за VHF), па овие приемници можеле да примаат програми од двата опсега. Но, требало да се понуди и некое решение што ќе им овозможи прием на UHF и на оние корисници коишто имале постари телевизиските приемници (со бирачи само за VHF-опсегот). Една опција била во нив дополнително да се вгради модул/бирач за UHF, а друга опција било да се користи надворешен претворувач, што ќе врши претворањена сигналот од UHF во VHF и со тоа ќе овозможи прием на овие канали.
Уредот што го гледате овде е еден таков конвертор, произведен од EI Niš и беше наменет за телевизиските приемници коишто имаа бирачи само за VHF-опсегот. Со овој уред сеобезбедуваше прием и конверзија на програмите од UHF-опсегот (од каналите 21-69)на еден слободен канал од VHF-опсегот (во случајов на каналот 4 од опсегот VHF-I).
Потребата за овие претворувачи е одамна надмината, а со воведувањето на дигиталната телевизија кај нас, станува специфично и тестирањето на функционалноста на еден ваков уред во целиот опсег (ова, ако од некоја причина поседувате ваков уред и сте љубопитни да видите дали сè уште е во функција).
Повеќе детали и информации за овој конвертор, како јас го тестирав и дали сè уште функционира, ќе најдете во видеото подолу.
А ако оваа тема ви побуди интерес, особено ви ги препорачувам написите за развојот и историјата на телевизиските бирачи на следниов веб-сајт: