Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 3/4 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 04.11.2020 - 01:30

Во овој времеплов ги славиме родендените на шкотскиот хемичар Даниел Ратерфорд и на кинескиот инженер Чарлс Куен Као. Покрај ова го одбележуваме лансирањето на сондата Маринер 10 и откритието на гробницата на Тутанкамон.

 

3.11.1973 – НАСА ја лансира сондата Маринер 10 кон Меркур

Мисијата Маринер 10 на НАСА беше лансирана од Кејп Канаверал и тргна на пат кон планетата Меркур. Маринер 10 е прва сонда којашто го посетила Меркур. Тоа е и првото вселенско летало кое ја искористи гравитацијата на една планета (Венера), метод познат како гравитациски “чатал”, за да го забрза патувањето и за да досегне до орбитата на друга планета. (Н. С.)

 

3.11.1741 – Роден е Даниел Ратерфорд

Даниел Ратерфорд (Daniel Rutherford) е шкотски хемичар, најпознаг по тоа што го открил и изолирал гасот азот. Тој сместил глушец во затворен контејнер исполнет со воздух и го чувал внатре сè дури животинчето не умрело. Потоа во контејнерот горел свеќа дури таа не се изгаснала и на крај палел фосфор сè додека материјалот повеќе не горел. Гасот којшто останал во затворениот контејнер го поминал низ алкален раствор со цел да се отстрани јаглеродниот диоксид. Она што останало како преостана гас Ратерфорд го нарекол “штетен воздух“ или “флогистиран воздух“, затоа што не поддржувал ниту живот или ниту согорување. (Н. С.)

 

3.11.1937 – Ајкен пристапи кон обидот на IBM да создаде огромен мозок

Хауард Х. Ајкен (Howard H. Aiken) од Универзитетот Харвард му напишал писмо на Џ. В. Брајс (J.W. Bryce) од IBM започнувајќи дискусија за конструирање на машина за автоматски пресметки која би се употребувала за пресметки од областа на физиката. Ова довело до создавање на суперкомпјутерот Харвард Марк I, тежок речиси пет тони. Харвард Марк I беше најмоќниот уред за машински пресметки на своето време. (И. З.)

 

4.11. 1933 – Роден е Чарлс Куен Као

Чарлс Куен Као е кинески електроинженер, добитник на половина од Нобеловата награда за физика во 2009 година за неговиот придонес во употребата на оптичките кабли за телекомуникациски цели и примени. Тој покажал дека првобитниот оптички кабел има голема загуба на сигналот на далечина поради нечистотиите во стаклото. Подоцна утврдил дека употребата на силициумско стакло со висока чистота може значително да ја намали загубата на сигналот, со што се отвори ново поглавје во преносот на податоци и сигнали. (Н. С.)

 

4.11.1922 – Одново е откриена гробницата на Тутанкамон

Еден од работниците кои работеле за британскиот археолог Хауард Картер случајно налетал на едно потонато скалило. Скалилото ќе биде првиот знак за постоење на поголем наод и ќе придонесе за октритието на гробот на Тутанкамон. Картер ќе ја отвори гробницата во којашто ќе биде пронајдена недопрена просторија со остатоците од младиот малку познат фараон, опкружен со низа артефакти. Откритието ќе даде нов увид во животот и посмртните ритуали во древниот Египет. (Н. С.)

Клучни зборови: