Рубрика: Психологија
Пандемијата и нејзиното долгорочно влијание врз психата
Автор: Ана Попризова
Објавено на 04.11.2020 - 15:30

Ковид-19 ја зголеми анксиозноста кај многумина; експертите предупредуваат дека дел од популацијата може да остане со ментални проблеми и по завршувањето на пандемијата.

Сузан Кемп имала активен социјален живот пред Covid-19, имајќи ги предвид вечерите во ресторани со нејзиниот партнер и со роднините, и посетите на клубови за книги со пријателите. Но, од април, таа само петпати го напушти својот стан во близина на Стокхолм, откако доживеа огромен пораст на социјалната анксиозност и опсесивно-компулсивно однесување предизвикано од мизофобија (фобија од микроби) за време на пандемијата.

Дополнителниот стрес како да ме поттурна да преминам преку една критична точка, нешто што успевав подобро да го регулирам во минатото“, вели Кемп, авторка на книги и вонредна студентка на триесетгодишна возраст. Таа е преплашена кога треба да користи јавен превоз, повеќе се грижи за чистотата на приборот за јадење и на очилата и ги доживува фотографиите на вирусот Covid-19 како извор на вознемирување.

Главен симптом е што почнувам да плачам. Се чувствувам небаре ќе умрам, а потоа плачам толку што тоа ми предизвикува болка во телото и во градите“, вели таа. Ова е проследено со силно разочарување од повторно влошување на нејзината состојба и страв дека ќе треба да поминат многу години за да се врати на вистинскиот пат кога станува збор за справување со нејзиното опсесивно-компулсивно нарушување.

Додека повеќето од нас станаа малку позагрижени за време на Covid-19, искуствата што ги споделува Кемп укажуваат дека за некои луѓе, пандемијата или предизвика проблеми со менталното здравје или ги влоши веќе постојните многу сериозни проблеми. И психолозите сè повеќе изразуваат загриженост дека овие состојби можат да траат подолго време.

Стивен Тејлор, автор на “Психологијата на пандемијата“ и професор по психијатрија на Универзитетот во Британска Колумбија, тврди дека “за дел од популацијата, можеби од 10 до 15% од луѓето, животот нема да се врати во нормала“ како последица што пандемијата ја остави врз нивната ментална благосостојба.

Институтот “Блек дог“ (Black dog) од Австралија, кој претставува водечка независна организација за истражување на менталното здравје, исто така, изрази загриженост за "значително малцинство кое ќе биде во состојба на долготрајна анксиозност“. Група водечки специјалисти за јавно здравје од Велика Британија, неодамна во Британскиот медицински журнал предупредија дека "влијанието на пандемијата врз менталното здравје веројатно ќе трае многу подолго од влијанието врз физичкото здравје“.

Да учиме од историјата

Она што ги загрижува психолозите е потенцијалното долгорочно влијание на Covid-19, темелено врз искуствата од претходните пандемии и националните катастрофи.

Глобалната епидемија на SARS во 2003 година беше поврзана со 30% зголемување на самоубиства кај луѓе постари од 65 години.

Стратегиите, како воведување карантин, кои се неопходни за да се минимизира ширењето на вирусите, може да имаат негативно психолошко влијание, како што е загуба на работно место и финансиски проблеми за време на глобалниот економски пад и се поврзани со долготрајно опаѓање на менталното здравје.

Историски гледано, негативните ефекти од катастрофите врз менталното здравје влијаат на повеќе луѓе и траат многу подолго отколку ефектите врз физичкото здравје“, објаснува  Џoшуа Ц. Морганштајн, помошник директор во Центарот за проучување на трауматски стрес во Мериленд, САД. Ако историјата е некаков предзнак, треба да очекуваме значителен пораст на потребите за унапредување на менталното здравје кои продолжуваат долго откако ќе се повлече епидемијата.

Едно клучно истражување на кое тој посочува е 25-годишен ретроспективен преглед на влијанието на нуклеарната несреќа во Чернобил во Украина. Истражувачите утврдиле дека две децении подоцна, првите луѓе што биле вклучени во спасувањето имале зголемена стапка на депресија и на посттрауматско стресно нарушување. (ПТСН).

Исто така заклучиле дека ефектите од менталното здравје се најзначајните последици од катастрофата, кои довеле до илјадници смртни случаи и длабоко ја оштетиле економијата на регионот. Слично на тоа, истражувањето сугерира дека проблемите со менталното здравје, особено психолошкиот стрес и ПТСН, и понатаму се присутни кај луѓето што ги изгубиле своите домови за време на ураганот Катрина во Њу Орлеанс, пет години по катастрофата во 2005 година. Состојбата особено се влоши кај оние што имаа проблеми со менталното здравје или ниски примања пред ураганот.

Кои долгорочни проблеми ќе бидат поврзани со Covid-19?

Што се однесува до тоа кои проблеми со менталното здравје поврзани со пандемијата од Covid-19 најверојатно ќе траат на подолг рок, психолозите веруваат дека опсесивно-компулсивното нарушување може да биде едно од главните нарушувања.

Тејлор објаснува дека ова може да има долгорочно влијание и се должи на фактот дека ова нарушување произлегува од интеракцијата меѓу генетскиот фактор и факторите на животната средина. "За луѓето со генетска предиспозиција кон некои форми на опсесивно-компулсивно растројство (т.е. опсесии со контаминација и нагон (компулсии) за чистење), стресот од Covid-19 веројатно ќе ја предизвика или ќе ја влоши состојбата“, вели тој.
Кај некои од овие луѓе ќе се појави хронична мизофобија (фобија од микроби), освен ако не добијат соодветен третман за своето ментално здравје. Заедно со опсесивно-компулсивното нарушување, што е манифестација на вознемиреност, генерализираното анксиозно нарушување е исто така многу важен облик на нарушено ментално здравје на кој треба да се внимава“, додава Јуко Нипода, психотерапевт и портпарол на Советот за психотерапија на Велика Британија.
Постојат многу луѓе кои веќе страдаат од анксиозност во нашето современо општество, но поради оваа смртоносна болест, луѓето што се склони кон чувство на вознемиреност полесно ќе продолжат во таа насока и состојбата може да се влоши“, вели таа. "Дури и кога ќе заврши пандемијата, некои луѓе може да бидат премногу вознемирени, поради можна закана од повторно јавување.

Хроничната осаменост предизвикана од социјална изолација или “недостаток на смисла“ во животот за време на пандемијата е уште една голема грижа, вели Нипода. Под влијание на препораките за социјално дистанцирање, некои луѓе неволно се најдоа изолирани, со помалку блиски врски, и за нив може да биде предизвик да ги обноват своите мрежи на контакти. Други, пак, намерно се повлекоа од надворешниот свет за да се почувствуваат “безбедни“ и може да станат отпорни на зголемување на личните социјални интеракции во иднина, вели Нипода.

Кога луѓето ќе искусат стрес во надворешниот свет, тие можат да се повлечат од тој свет. Откако ќе го доживеат ова повлекување, можеби ќе им биде тешко да излезат повторно во светот и да се поврзат со другите.“ Во меѓувреме, стресот да се преживее епидемијата од Covid-19 веројатно ќе земе поголем траен ментален данок од оние што имале болни животни искуства во минатото. Тоа може да предизвика сеќавање на траумата на свесно и несвесно ниво, што може да влијае врз единката. Во овој случај, нарушувањата на менталното здравје можат да станат долгорочни, бидејќи можат да го отворат патот до траумата“, објаснува Нипода.

Имам постојан страв да не изгубам некого повторно“, вели 35-годишната Линдзи Хигинс од Њујорк, која изгуби партнер поради самоубиство во 2014 година, па со појавата на пандемијата веќе доживеа повторно појавување на ПТСН. По неколку години советување, таа имаше чувство како “животот да се движи напред“, но сега се чувствува “многу нервозна“ секојпат кога нејзиниот нов партнер ќе ја напушти куќата. “Очигледно е дека тој нема да умре кога е надвор. Но, сè уште постои тој страв дека нешто може да се случи, дека може да го добие Covid-19 и да се разболи. Истото чувство го имам и за семејството и пријателите.

Тековната невработеност или загубата на приходот (предизвикана од пандемијата) може да влијае и на долгорочната благосостојба. Бројни студии пред Covid-19 ги ​​поврзуваат овие фактори со депресија, стрес или самоубиствени мисли. Неодамнешните податоци од анкетите од САД покажаа дека повеќе од половина од оние што биле без работа или им биле намалени приходите за време на пандемијата веќе пријавиле негативни влијанија врз менталното здравје, со повисоки стапки меѓу оние со пониски плати.

Психолозите нагласуваат дека непредвидливата природа и размер на кризата со Covid-19 додава дополнителен слој на несигурност во споредба со претходните финансиски кризи. Додека не дојде до појава на глобална вакцина, останува нејасно кога и дали некои од најтешко погодените индустрии, како што се туризмот или индустријата на забавата, ќе закрепнат. Нипода сугерира дека ова претставува особено предизвикувачка ситуација за луѓето кои “не се добри во справувањето со неизвесноста“ или се борат да се справат со ситуациите што не можат да ги контролираат. “Во моментов живееме во неизвесни времиња. Некои луѓе дури имаат страв од несигурноста и од непознатото. Овој страв може да продолжи да трае.“

 

Што уште треба да научиме

Историјата ќе биде судија за тоа колку од овие предупредувања и предвидувања ќе бидат вистинити. Различни организации низ целиот свет веќе создадоа упатства за решавање на ова прашање. На почетокот на оваа година, Светската здравствена организација објави препораки за заштита на менталното здравје, а слични упатства се издадени од владини агенции во САД, Велика Британија и други земји. Овој месец, Американската асоцијација за психологија објави извештај за долгорочните влијанија поврзани со стресот од пандемијата и како луѓето можат подобро да се справат во текот на овој период на несигурност.

Истражувачите собираат и емпириски податоци за кои се надеваат дека ќе обезбедат подобро разбирање на долгорочните несакани ефекти на менталното здравје од оваа уникатна криза, и за начините на справување со нив. Големите студии во Велика Британија специјално го проучуваат ментално здравје на пациенти хоспитализирани од Covid-19 и на медицински сестри што работат со заразените. Во Шведска, истражувачите од Центарот за психијатриски истражувања во Стокхолм спроведуваат едногодишен проект во кој учествуваат повеќе од 3.000 лица со претходно постоечки ментални здравствени состојби, вклучително и депресија, анксиозност и опсесивно-компулсивно нарушување. Австралиско истражување спроведено на национално ниво од страна на Центарот за истражување на менталното здравје “Матилда“ во Сиднеј го мери влијанието на пандемијата врз тековното ментално здравје и благосостојбата на општата популација.

Постои загриженост дека проблемите со менталното здравје можат да растат, но ова треба да биде подобро истражено“, вели Нитија Јајарам-Линдструм, оперативен менаџер за проектот Стокхолм. Таа вели дека шведското истражување ќе се фокусира на тоа колку Covid-19 може да ги влоши постојните нееднаквости во менталното здравје, како се развиваат или се менуваат симптомите на пациентите во текот на следната година и кои групи се најпогодени. "Исто така сакаме да ги разбереме факторите што придонесуваат за отпорност кои е исто толку важно да се разберат како и факторите на ризик“.

Џошуа Ц. Морганштајн од Центарот за истражување трауматски стрес во Мериленд, тврди дека ваквите проекти ќе бидат основен извор и за давателите на здравствени услуги и за владите.

Здравствениот надзор над различните популации за подобро разбирање на овие аспекти на ризик е од суштинско значење за да обезбедиме интервенции и план за следните пандемски бранови, како и за идните итни случаи во јавното здравство“, вели тој. “Стресот е како отров, како олово или радон. За да го разбереме и за да разбереме како тој влијае на општеството, треба да знаеме кој е изложен, кога, колку и какви ефекти биле предизвикани од изложеноста.

Иако досега има малку податоци, Морганштајн предвидува дека долгорочните студии веројатно дополнително ќе ги изложат разликите во благосостојбата меѓу расите, полот и приходите што веќе беа истакнати за време на пандемијата и треба да бидат земени предвид при дефинирање на идните чекори.

 

Отпорност и надеж

И покрај постојаната загриженост за долготрајните последици врз менталното здравје предизвикани од влијанието на Covid-19, психијатрите велат дека е важно да се истакне дека постојната состојба има и некои позитивни ефекти.

Психотерапевтот Нипода посочува дека за некои луѓе, неповолните околности на пандемијата навистина имале “неверојатно позитивно влијание“ врз нивното ментално здравје, кое исто така може да трае долго. Искуството од заклучувањето (карантинот), тврди таа, помогнало да се намалат нивоата на анксиозност или да се запрат нападите на паника кај некои луѓе кои имале високо ниво на стрес во надворешниот свет пред пандемијата. Ова е затоа што тие почувствувале поголемо чувство на слобода и безбедност поминувајќи повеќе часови дома.

 Иако постои ризик од социјална изолација и осаменост за оние што живеат премногу повлечено, таа вели дека ова наметнато време во затворен простор ги охрабри некои да се стремат кон подобар баланс меѓу животот и работата или да “развијат свое темпо во животот“ кога станува збор за социјализирање со наоѓање на “своја зона на комфор во границите меѓу домот и надворешниот свет.

Тејлор тврди дека иако значително мал дел од популацијата може да се бори долгорочно, пандемијата покажа постоење на високо ниво на отпорност на стрес кај пошироката популација, заедно со капацитет на луѓето “брзо да застанат на нозе“ по катастрофалните настани.

На пример, во Вухан, каде што за првпат започна пандемијата и состојбата беше ставена под контрола по строгото заклучување (карантин) и масовно тестирање на населението во период од 76 дена, градот организираше музички фестивал во воден парк во август. Илјадници луѓе застанаа заедно рамо до рамо, без маски и нула социјално растојание.

Исто така, големи концерти се одржаа и во Нов Зеланд, откако беше сопрено пренесувањето на вирусот во заедницата. Ваквите настани се случија и покрај фаталистичкото расположение на почетокот на 2020 година, кога “многу луѓе се сомневаа дека животот ќе се врати во нормала, а некои шпекулираа за мрачниот постпандемски свет, спореден со оној во делата на Чарлс Дикенс, свет на сиромаштија и мизерни социјални услови“, нагласува Тејлор. Тој верува дека “слични настани најверојатно ќе се случат на друго место во светот кога ќе заврши пандемијата.

Другите ја искористија ерата на социјално дистанцирање за да ги преуредат своите домови и “новиот простор во домот се рефлектираше позитивно на нивниот ум, речиси како да може на тој начин да ја средат збрката во главата“, вели Нипода. Времето поминато во хоби и во правење нови работи, исто така се смета дека им овозможило на многумина чувство на задоволство, исполнетост и ослободување од стрес.

Но, ваквите искуства не можат да бидат разбрани од луѓето како Сузан Кемп од Стокхолм, која страдаше од мизофобија (фобија од микроби), кои сè уште се борат со предизвикот за зачувување на менталното здравје, актуелизирани со пандемијата. "Јасно е дека треба да има одредена рамнотежа меѓу вниманието од другите и да се биде апсолутен пустиник, што јас не можам никако да го постигнам“, се жали таа. "Но, не можам да го надминам мојот ирационален страв. Многу е тешко овие денови да се одлучи кога ќе бидам рационална, а кога не.

 "Сметам дека е навистина тешко одново да воспоставам баланс“, се согласува Американката Линдзи Хигинс, која страда од пострауматско стресно нарушување. Таа вели дека не е сигурна оти симптомите ќе се намалат, дури и ако научниците развијат вакцина. "Ќе биде потребно време да се дистрибуира, па дури и подолго за да се убедат луѓето дека треба да се вакцинираат. Искрено, не сум сигурна дека некогаш повторно ќе се чувствувам сигурно.
 

извор: Меди Севиџ, ББЦ

Превод и адаптација: Ана Попризова

Клучни зборови: