Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 1/2 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.11.2020 - 13:30

Во овој времеплов го славиме јубилејот 20 години од почетокот на работата на Меѓународната вселенска станица. Покрај ова ги одбележуваме родендените на американските физичари Роберт Лафлин и Ричард Тејлор, како и на контроверзниот астроном  Харлоу Шејпли.


1.11.1950 – Роден е Роберт Лафлин

Роберт Б. Лафлин (Robert B. Laughlin) е американски физичар, еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за физика во 1998 година. Заедно со Даниел Цуи и Хорст Штермер учествува во откривање на нов облик на квантен флуид со фракциска распределба на електричниот полнеж.

Цуи и Штремер спровеле експерименти на температури блиски до апсолутната нула во услови на силно магнетно поле при што го откриле фракцискиот квантен Холов ефект, додека Лафлин дал теоретско објаснување на ефектот којшто совршено ги објаснил резултатите добиени при експериментите, односно дека екстремните магнетни полиња вршат индукција на носителите на електричен полнеж доведувајќи ги во состојба на квантен флуид при што се формираат нови квази-честички кои се носители на 1/3 од електричниот полнеж. (Н. С.)

 

2.11.2000 – Меѓународната вселенска станица започна со работа

Пред точно 20 години еден американски астронаут и двајца руски космонаути се “искрцаа” на Меѓународната вселенска станица и го вклучија електричниот систем и системот за одржување на живот. Со овој чин МВС официјално ја започна нејзината работа.

Вилијам Шепард, Сергеј Крикалев и Јури Гризенко остварија телевизиски видеолинк со Руската контрола на мисијата и го започнаа нивниот четиримесечен престој на вселенската станица. Првите тројца жители на МВС имаа на располагање само две простории, сè до декември. Тогаш со спејс шатл беа испорачани соларните панели неопходни за генерирање на електрична енергија во остатокот од вселенската станица. (Н. С.)

 

2.11.1929 – Роден е Ричард Тејлор, канадско-американски физичар

Во 1990 година Ричард Едвард Тејлор (Richard Edward Taylor) заедно со Џером Фридман (Jerome Friedman) и Хенри Кендал (Henry Kendall), ја освои Нобеловата награда за физика за нивните експериментални истражувања кои придонесоа за откритието на кваркот. Тејлор, Фридман и Кендал насочиле сноп од електрони кон атомско јадро и го истражувале распрснувањето што го предизвикувале чистичките во јадрото. Тие откриле дека нискоенергетските електронски снопови речиси и не се распрснувале што било во склад со идејата дека нуклеоните немаат внатрешна структура. Но, ова не бил случај и при користењето на високоенергетски електронски снопови. Во овие случаи имало големо расејување на зракот што укажувало на тоа дека протоните и неутроните се составени од помали честички. Овие честички подоцна ќе бидат идентификувани како кваркови. (Н. С.)
 

2.11.1885 – Роден е Харлоу Шејпли, астроном

Харлоу Шејпли (Harlow Shapley) е американски астроном, познат по неговата теорија за “појасот на течна вода” во планетарните системи, денес познат како “животна зона”.

Шејпли бил поборник на идејата дека Млечниот Пат е единствената галаксија во вселената, што било сосема спротивно гледиштето на неговиот современик Едвин Хабл, чиишто теории подоцна ќе бидат потврдени. Но, и покрај оваа заблуда, Шејпли има низа други придонеси на полето на астономијата. Познат е по мерењето на оддалеченоста на ѕвездите со користење на променливиот сјај на цефеидите, а со мерењето на промената во сјајот на ѕвездата PR Лира успеал да го процени и дијаметарот на Млечниот пат, пресметувајќи го на 300 000 светлински години. За ова мерење подоцна се покажа дека е мошне преценето, односно дека добиената бројка е трипати поголема од реалниот пречник на нашиот галактички дом. Покрај ова, успеал да ја одреди местоположбата на Сонцето во склоп на Млечниот Пат, сместувајќи нè на оддалеченост од 30000 светлински години од галактичкиот центар, во непосредна близина на централната галактичка рамнина.
Но, она што го погодил е неговото откритие дека цефеидите не се двојни ѕвезди што повремено се засенуваат, туку дека претставуваат ѕвезди со променлив сјај, односно пулсари.

Шејпли бил директор на Харвардската опсерваторија повеќе од три децении. (Н. С.)

Клучни зборови: