Вака оди еден типичен дијалог во добата на коронавирусот:
A: – Слушна дека починал? Ковид.
Б: – Да бе. Па, стар беше. А, имал ли некоја друга болест?
А: – Имаше и шеќер.
Б: – Е, па, нормално е тогаш.
Се прашувам, што е тука нормално? Нормално е постари луѓе со коморбидитети да умрат токму две-три недели откако се заразиле со SARS-CoV-2?! Или, можеби, нормално е млади, здрави луѓе, без коморбидитети, да умираат од ковид-19? Нормално ли ќе беше да умираат во толкав број ако беа заразени со грип или настинка?!
Да го погледнеме графиконот. Ова се официјални податоци од САД.
Еве ја смртноста од грип по старосни групи:
– до 4 години: 0,01%
– од 5 до 17 г: 0,01%
– од 18 до 49 г: 0,02%
– од 50 до 64 г: 0,06%
– над 65 г: 0,83%
Еве ја смртноста од ковид-19 по старосни групи:
– до 19 години: речиси 0%
– од 20 до 44 г: 0,1%
– од 45 до 54 г: 0,5%
– од 55 до 64 г: 1,4%
– од 65 до 74 г: 2,7%
– од 75 до 84 г: 4,3%
– над 85 г: 10,4%
Значи, малолетните во случајот на ковид-19 се речиси 100% заштитени од ковид-19, а од оние над 75 години, умира секој 20-ти до секој 10-ти. Кај грипот, од инфицираните над 65 години, умира помалку од еден во 100. И сега, исти ли се овие две болести? Безопасен ли е ковид-19? Или, пак, не ни е грижа за постарите и хронично болните?
Како што знаеме од повеќе студии и од повеќе азиски земји (Тајван, Тајланд, Хонг Конг, Виетнам и др.), каде што маски се носат секаде и секогаш штом излезете од својот дом, ширењето на коронавирусот е многу слабо, а бројот на починати на 1 милион жители e помал од 20 (Хонг Конг, Сингапур), а кај некои помал и од 1 (Тајван, Тајланд, Виетнам)!
Кај нас бројот на починати надмина 500 на 1 милион жители, а бидејќи заразата се шири експоненцијално, до Нова година многу веројатно е да се стигне или да се надмине и стапката од 1 000 починати на 1 милион жители.
И, се разбира, да ја скратам приказната, ова е директен резултат на примитивната, имбецилна недисциплина на голем број граѓани. Знам што ќе кажат сега некои. Дали и граѓаните во повеќе развиени европски држави каде што повторно се случува брзо ширење на заразата имаат примитивна, имбецилна недисциплина? Одговорот е – да. И тие се однесуваат имбецилно. Зарем треба да се гордееме што нашето однесување е глупаво и неодговорно исто како тоа на милиони Европјани?
Но, ајде да замислиме да беше обратно. Вирусот да беше таков што најпогодени да беа децата, а најстарите да беа заштитени. И да слушавме секојдневно како умреле 15-20 деца до 10 години, 10-15 деца од 10 до 15 години и 1-2 старци над 75 години. Дали и тогаш ќе имаше ваква недисциплина за носење маски и масовно дружење во кафеани и во затворени простории? Дали и тогаш власта ќе ги молеше непочитувачите на мерките и протоколите да бидат подисциплинирани? Или, пак, казните за непочитување на мерките ќе беа драконски?
Се прашувам, дали можеби, не само кај нас, туку по целиот свет, а претежно во западниот свет, се случува една општа, срамна рамнодушност и отсуство на емпатија кон масовното страдање и умирање на постари и хронично болни луѓе?
Сè повеќе ми личи дека, за жал, е така.