Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 9/10 октомври
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 10.10.2020 - 01:45

Во овој времеплов ги славиме родендените на Макс фон Лауе, зачтник на рентген-кристалографијата, Херман Емил Фишер, хемичарот кој ги истражува шеќерите, и сестраниот научник Хенри Кевендиш, кој го откри водородот. Покрај ова го одбележуваме денот кога беа откриени втората месечина на Земјата и најголемата месечина на Нептун, како и денот кога нациите на светот постигнаа договор во врска со нашиот однос кон вселената.

 

9.10.1879 – Роден е Макс фон Лауе, зачетник на кристалографијата со x-зраци

Макс Теодор Феликс фон Лауе (Max Von Laue) е германски физичар со голем придонес во доменот на оптиката, кристалографијата, квантната теорија, суперпроводливоста, и теоријата на релативноста.

Лауе ги истражувал својствата на x-зраците, откриени 1895 година од Вилхелм Конрад Рентген. За потсетување x-зраците биле емитувани од катодна цевка и реагирале со фосфоресцентниот екран предизвикувајќи негово сјаење. Иако Рентген ги употребил зраците за фотографиртање на раката на неговата сопруга, тој не дал објаснување за нивната природа. Претпоставката на Лауе била дека се работи за електромагнетски енергетски бранови. Тргнувајќи од оваа претпоставка, дека x-зраците имаат својство на бран, Лауе правилно претпоставил и дека тие ќе бидат подложни на дифракција, па започнал со експерименти во оваа насока.

Дифракцијата се случува кога фронтот на бранот при неговото простирање ќе наиде на пречка во просторот. Тогаш фронтот на бранот се превиткува околу пречката и продолжува одново да се простира од таа точка. Ако бранот наиде на повеќе препреки, при нивното ширење брановите меѓусебно интерферираат, формирајќи при понатамошното простирање шема на места со висок и со низок интензитет. При проучувањето на овие шеми, природата на пречките може да се одреди според големината на индивидуалните препреки или според нивното меѓусебно растојание. Типично колку што е помал процепот помеѓу пречките, толку поголема фреквенција е потребна за да се генерираат интерферентните шеми.

Лауе забележал дека кога празнината го претставува растојанието помеѓу атомите во молекулата, x-зраците формираат интерферентни обрасци. Тој исто така открил дека со пропуштањето на x-зраци низ цврстите кристали можел да ја одреди кристалната структура зависно од шемата којашто ја формираат x-зраците. Всушност, ова е почетокот на едно сосема ново истражувачко научно поле наречено рентген кристалографија. Едноставните кубести кристали кои се состоеле од еден до два атоми, како што се на пример кристалите на обичната готварска сол, не претставувале некој особен предизвик за откривање на нивната кристална структура. Денес, со помош на современите сметачки машини и x-зраците може да се одреди структурата на кристализирани тридимензионални биолошки макромолекули изградени од илјадници поединечни атоми. Откритието на природата на x-зраците и рентген кристалографија во 1914 година ќе му ја донесат на Лауе Нобеловата награда за физика.

Интересно е да се знае дека Лауе жестоко се спротивставувал на нацистите и на политиката што тие ја спроведувале, меѓудругото мешајќи се и во доменот на науката. Имено нацистите ги оспорувале достигнувањата на научниците од ецрејско потекло. Така, на пример тие ја прогласиле и Општата теорија на релативитетот на Ајнштајн за ништожна, врз основа на еврејското потекло на научникот кој ја претставул. Макс фон Лауе јавно се изјаснил против оваа појава во повеќе прилики и јавни обраќања. Исто така, тој заедно со неговиот близок пријател Ото Хан им помагале на колегите научници Евреи да избегаат од прогонот во нацистичка Германија. Поради ова во еден момент и самиот морал да ја напушти Германија, а се вратил да живее и твори во неа по војната. (Н. С.)

 

9.10.1947 – Компјутерот BINAC е направен

Потпишан е договорот за развој на BINAC. BINary Automatic Computer бил  единствениот компјутер што го изградила компјутерската компанија Екерт-Маучли, основана од пионерите на ENIAC, J.Преспер Екерт и Maон Мошли. Компанијата подоцна се  поделила на Ремингтон Ранд Корп пред да го заврши својот следен проект UNIVAC. Првиот електронски дигитален компјутер со можност за складирана програма кој бил создаден во Соединетите американски држави, BINAC, имал капацитет од само 512 зборови. По цена од 278 000 американски долари, BINAC претставувал подобрување од  ENIAC првенствено во доменот на брзината и моќноста, користејќи “едвај” само 700 вакуумски цевки наспроти 18 000 колку што користел ENIAC. (И. З.)

 

9.10. 1867 – Остварен е првиот меѓуградски телефонски повик

Александар Греам Бел и Томас Вотсон го демонстрирале првиот двонасочен телефонски повик преку надворешни жици. Бел и Вотсон упатиле повик помеѓу градовите Бостон и Кембриџ. (И. З.)

 

9.10.1852 – Роден е Херман Емил Фишер

Херман Емил Фишер (Hermann Emil Fischer) е германски хемичар, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1902 година за неговите истражувања на синтезата на шеќер и пурин. Како пурин се именува едно цело семејство органски соединенија кои имаат структура составена од два прстена од молекули на азот и јаглерод. Фишер го смислил поимот пурин и синтетизирал неколку пурини – аденинот, ксантинот и кофеинот.

Фишер за прв пат ги синтетизирал шеќерите гликоза, фруктоза и маноза. Тој исто така ги открил цикличните аминокиселини пролин и оксипролин и ја идентификувал пептидната врска што ги одржува аминокиселински синџири. (Н. С.)

 

10.10.1731 – Роден е Хенри Кевендиш

Хенри Кевендиш (Henry Cavendish) е англиски научник, хемичар и физичар, значаен поради неговото откритие на водородот или како што тој го нарекувал "запаллив воздух". Тој ја опишал густината на запалливиот воздух, кој формирал вода при горење.

Во 18 век научниците сè уште ги користеле термините гас и воздух како синоними. Кевендиш е првиот кој посочил дека воздухот можеби се состои од повеќе типови гас. Тој го собирал гасот којшто се ослободувал како нуспроизвод на реакцијата помеѓу метали и силни киселини. Собраниот гас тој го нарекол запаллив воздух. Потоа открил дека ако овој “запаллив воздух” се измеша со седум дела обичен воздух и се запали, доаѓа до експлозивно согорување по коешто останува вода. Кевендиш продолжил да експериментира и на крај успеал прилично точно да го одреди атмосферскиот состав, пронаоѓајќи дека 79,167%  од воздухот е флогистициран воздух (во најголем дел азот) и 20,833% е дефлогистициран воздух (односно кислород). Теоријата на Кевендиш подоцна ќе биде потврдена од Џозеф Присли.

Денес знаеме дека “обичниот воздух” на Кевендиш се состои воглавно од пет елементи: азот, кислород, водена пареа, аргон, и јаглероден диоксид.

Друг познат експеримент на Кевендиш е неговиот обид за мерење на тежината на Земјата, којшто всушност претставѕва обид за пресметка на Њутновата универзална гравитациска константа.

Хенри Кавендиш бил роден во богато семејство. По смртта на неговиот татко, лордот Чарлс Кавендиш, Хенри станал еден од најбогатите луѓе во Англија. Тој се сместил во својата лабораторија во неговиот приватен дом за да избегне интеракција со другите. Еден од неговите главни контакти со другите луѓе била неговата приватна библиотека. Тој им ги позајмувал книгите на мажи за кои претходно добил гаранција дека ќе ги вратат. Тој, исто така, ги заведувал и книгите што самиот ги “подигал” од библиотеката. Овој осаменички живот ќе се одрази и на неговите истражувања, па така тој многу ретко ги објавува своите наоди. По неговата смрт Џејмс Кларк Максвел открил неколку запечатени пакети со белешки од Кевендиш. Белешките биле објавени речиси 70 години подоцна. (Н. С.)

 

10.10.1986 – Откриен е објектот 3753 Cruithne

Објектот 3753 Cruithne, понекогаш нарекуван и втора Земјина Месечина, е всушност астероид со пречник од околу 5 километри. Откриен е од страна на шкотскиот аматер астроном Данкан Валдрон. Гледано од Земјата орбитата на овој објект наликува на потковица. Секој ноември овој објект поминува најблиску до Земјата, на оддалеченост 30 пати поголема од растојанието помеѓу Месечината и Земјата. (Н. С.)

 

10.10.1967 – Стапува на сила меѓународниот Довор за отворена вселена

Договорот за отворена вселена или во оригинал “Treaty on Principles Governing the Activities of States in the Exploration and Use of Outer Space, including the Moon and Other Celestial Bodies” (или скратено “Outer Space Treaty”) всушност претставува основа на меѓународното вселенско право. Со него се забранува која било држава да прогласи некое небесно тело за нејзина територија и се забранува поставување на орудија за масовно уништување во Земјината орбита. Со договорот во основа се забранува градење на воени бази или инсталации, тестирање на оружја или изведување на воени маневри во вселената. (Н. С.)

 

10.10.1846 – Откриена е нептуновата месечина Тритон

Месечината Тритон ја открива англискиот астроном Вилијам Ласел. Откриена е само 17 дена по откритието на планетата Нептун. Тритон е најголемата од 12 месечини што се наоѓаат во орбитата на Нептун и има ретроградна орбитална патека, односно се движи спротивно од насоката на ротација на нејзината матична планета. (Н. С.)

Клучни зборови:
Макс фон Лауе

Макс фон Лауе

Макс фон Лауе

Макс фон Лауе

Макс фон Лауе

Макс фон Лауе

Компјутерот BINAC

Компјутерот BINAC 

Компјутерот BINAC

Компјутерот BINAC 

Херман Емил Фишер

Херман Емил Фишер 

Херман Емил Фишер

Херман Емил Фишер 

 Хенри Кевендиш

 Хенри Кевендиш

 Хенри Кевендиш

 Хенри Кевендиш

Начинот на којшто Кевендиш го одвоил запалливиот воздух

Начинот на којшто Кевендиш го одвоил запалливиот воздух

Првото видување на 3753 Cruithne

Првото видување на 3753 Cruithne

Орбитата на Првото видување на 3753 Cruithne гледано од Земјата

Орбитата на Првото видување на 3753 Cruithne гледано од Земјата

Како излгеда една потковичеста орбита

Како излгеда една потковичеста орбита

Кој сè го усвои Договорот за вселената

Кој сè го усвои Договорот за вселената

Нептун и Тритон, уметничка визија

Нептун и Тритон, уметничка визија

Нептун и Тритон, уметничка визија

Нептун и Тритон, уметничка визија