Рубрика: Медицина
Најнова тактика во борбата со карциномот
Објавено на 02.10.2020 - 14:00

– аминокиселински тројански коњ исполнет со наночестички  

Новиот метод со којшто научниците се обидуваат да направат пресврт во борбата со ракот ја користи древната воена тактика на тројански коњ – наночестичките скриени во есенцијална аминокиселина навлегуваат во клетките на ракот за потоа да ги поттикнат да се самоуништат.

Кај оваа биофармаколошка тактика на тројански коњ е употребата на наночестички пресвлечени (а со тоа и скриени) во слој од L-фенилаланин, една од аминокиселините што клетките на ракот ја користат при нивниот раст. L-фенилаланинот е есенцијална аминокиселина. Ова значи дека и покрај тоа што е неопходна за живот, нејзе не ја синтетизираат клетките на нашето тело, туку ја апсорбираме преку храната, првенствено со внес на месо и млечни производи.

Со оглед на тоа што клетките рак се исто така и клетки од нашето тело, кои започнале неконтролирано да растат и да се развиваат, нивниот живот подеднакво зависи од апсорпцијата на есенцијални аминокиселини, соединенијата без коишто тие не можат да се развиваат и растат.

 

Карциномско самоуништување со слободни радикали

Согледувајќи го овој природен механизам како можност за нов начин на делување против опаката болест, истражувачите од сингапурскиот Универзитет Нанјанг решаваат да го искористат за дизајнирање на своевиден тројански коњ. Во нивните експерименти со глувци била користена наночестичката наречена нано-pPAAM (Nanoscopic phenylalanine Porous Amino Acid Mimic) којашто всушност претставува фениаланински наноскопски имитатор на аминокиселините.

Откако клетката на рак ќе биде измамена ја препознае честичката нано-pPAAM како пријателска аминокиселина,обичен L-фенилаланин, и откако ќе ја пропушти во себе, честичката нано-pPAAM  ефикасно и прецизно ги уништува клетките рак без притоа да ги оштети здравите клетки од организмот. Всуштност, иако структурата на нано-pPAAM е убиствена за карциономот, таа се заснова на наночестички од силициум диоксид, којшто е класифициран како безбеден за човекот.

До самоуништувањето на карциномот доаѓа така што нано-pPAAM во клетките на рак го поттикнува прекумерното формирање на споеви наречени реактивни кислородни облици, или на англиски reactive oxygen species (ROS), кои вклучуваат молекули и јони од кислород, супероксидни и пероксидни анјони, како и худроксилни радикали и јони. Нормалните клетки на телото имаат одбранбени механизми за детоксикација на ROS молекулите, но ова не е случај со клетките на карциномот кои не успеваат да се изборат со зголеменото производство на овие реактивни молекули и слободни радикали. На овој начин нано-pPAAM ги горат клетките на ракот одвнатре, додека околните здрави клетки остануваат недопрени.

Истражувањето е објавено во стручното списание Small, специјализирано за следење на иновациите во доменот на микро и нано технологијата.

 

Високоефикасен процес без штетни нуспојави

Во досега спроведените опити врз глувци се полажало дека нано-pPAAM уништува околу 80% од клетките од карцином на дојка, кожа и желудник, што е ефикасност речиси еднаква на онаа што ја имаат сега достапните лекови за хемотерапија. Но, за разлика од бројните нуспојави коишто ги придружува хемотерапијата, употребата на нано-pPAAM оваа ефикасност ја постугнува без нуспојави.

Последниве години наночестичките станаа мошне популарен избор во фармаколошките истражувања за сузбивање на ракот. Имено, во последно време мношво истражувања ги проучуваат начините на коишто со наночестички може да се делува врз карциномските клетки, а притоа да не се оштетуваат здравите клетки од остатокот на телото. Но, во сите овие експерименти наночестичките вообичаено се користат како пасивни носачи со “натоварени” со лекови, што не случај и со ова истражување.Употребата на наночестички како активен лек би можело да се покаже исклучително ефикасно при третманот на ремисиите, повторната појава на карцином. Во овие случаи клетките рак стануваат отпорни на лековите со коишто телото било бомбардирано при првичното сузбивање на ракот. Со оглед на тоа што при користењето на нано-pPAAM честички отсуствува користењето лекови, клетките рак нема на што да развијат отпорност.

Иако тројанската тактика за користење на наночестилни скриени во есенцијалана аминокиселина би можела да го поедностави овој вид на лекување, пред да стане збор за какви и да е клинички тестирања сè уште претстојат долотрајни лабораториски истражувања врз животни. Но иако до сега било експериментирано само врз глувци, првичните резултати навистина ветуваат многу и влеваат надеж дека во догледно време ќе може да се најде терапија со универзална и широка примена.

Клучни зборови:
Механизмот на новиот иновативен третман против карциномот

Механизмот на новиот иновативен третман против карциномот

Насловната страница на списанието Small каде беше објавен трудот претставен во овој напис

Насловната страница на списанието Small каде беше објавен трудот претставен во овој напис