Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 1 октомври
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.10.2020 - 15:30

Во овој времеплов го славиме роденденот на Радио Белград, првата радиостаница на балканските простори и пошироко во регионот, како и роденденот на американската вселенска агенција НАСА. Покрај ова го одбележуваме и почетокот на првото масовно производство на блескави светилки.

 

1.10.1924 – Претходникот на Радио Белград, Радио Белград – Раковица започна со емитување на радио програма како прва емисиона станица на Балканот

На овој ден претходникот на Радио Белград, Радио Белград – Раковица започна со емитување радиопрограма како дел на радио-телеграфска станица. Уште во 1922 година Министерството за пошта и телеграф склучило договор со француската компанија за безжична телеграфија TSF за изградба на нова радио-телеграфска станица. За таа цел Министерството купило 23 хектари земја во Раковица, близу Белград. На таа површина била изградена и приземна зграда, наменски планирана за радиостаница (ноември 1923). Радиостаницата во Раковица била прва емисиона станица на Балканот. Во октомври 1924 година, на радио-телеграфската станица Белград – Раковица, која била во сопственост на француската компанија TSF, ѝ било дозволено да инсталира радиостаница и со “радиотелеграфски–телефонски апарат” трипати неделно да емитува по еден час радиопрограма. Програмата требало да содржи вести, берзански и метеоролошки извештаи, преноси од концерти.

На почетокот требало да се користи опремата која во 1915 година служела за одржување врска меѓу Врховната команда и српската Влада. Биле монтирани три предаватели кои служеле за радиодифузијата и радиотелеграфијата.

Уште во февруари 1924 година инжeнерите Михаило Симиќ и Добривоје Петровиќ, во просториите на  студиото на улицата “Кнез Михајлова” бр. 42 (зградата на Првата хрватска штедилница), ги монтирале потребните уреди, по што почнала пробната работа преку предавателот во Раковица со моќност од 2,5 KW. Истиот ден кога француската компанија добила одобрување за својата работа, бил емитуван првиот пробен концерт, на 19.9.1924 година. Програмата на концертот ја изведувале членови на Операта и Драмата на Народното позориште од Белград. Бидејќи пробниот концерт предизвикал огромен интерес кај слушателите, бил повторен по една недела на 26 септември.

На 1 октомври 1924, официјално се огласил Радио Белград со гласот на спикерката Јелена Билбија “Ало, ало овде Радио Белград на бранова должина од 455 метри. Ги молиме сите што нè слушаат да не известат за начинот на приемот, јачината на гласот и модулацијата".

Секој вторник, четврток и сабота од 18.45 до 19.45 часот биле пренесувани концерти. Најновите вести биле подготвувани од новинарите на весниците
“Политика” и “Дневни новости”. Белградската берза ги обезбедувала актуелните берзански извештаи, а дирекцијата на Белградската опера ја подготвувала музичката програма. Според српските извори токму оваа програма на Радио Белград – Раковица била првата формирана радиостаница на Балканот, пред многу европски метрополи. Програмата можела да се следи преку ден во целото Кралство Југославија, а ноќе и во околните земји. Во првите денови радио можеле да слушаат сопствениците на 61 регистрирани приемници во градот. Како што оваа новина станувала достапна за што повеќе слушатели, во неколку кафеани во градот биле поставени приемници, а тие биле преполни за време на емитувањето на радиопрограмата.

Од документите на Архивата на Меѓународната радиофонска унија UIR (организација која прва на полето на интернационалното радиско здружување ги обединувала приватните компании кои се бавеле со емисиона дејност), со седиште во Женева, може да се види дека на второто генерално собрание на 23 март 1926 година била примена “Компанијата за безжична телеграфија Белград” од Југославија, во истиот ден кога биле примени и радиодифузни компании од Данска,Унгарија, Италија и Шведска.

Во договор со министерството за пошта и телеграф на Кралството на СХС воведена била и наплата на “радио претплата”. Но ова исто министерство кое со дел од претплатата ја финансирало работата на радиостаницата во 1926 година и ги укинало субвенциите. Овој Радио Белград-Раковица е угаснат на 1 јули 1926 година со доаѓање на Мариј Осана од Љубљана во Министерството, за Раководител на Одделението за радио сообраќај. Наводно Осана лично го побарал гасењето со образложение дека “станицата не ги исполнила очекуваните резултати". (Д. М:)

 

1.10.1880 - Првата фабрика за електрични светилки отворена од Томас Едисон

Во 1878 година Томас Едисон сакал да произведе долготрајна електрична сијалица со блескаво светло' (incadescent light), нешто што ќе биде погодно за внатрешна употреба. Сепак, тој не ја измислил сијалицата. Всушност, во годините што претходеле на пронајдокот на Едисон, електричното светло било нешто вообичаено во форма на електрични лачни ламби што се користеле во фабриките или за осветлување на градските плоштади. Едисон започнал со проучување на целата историја на осветлување. Сите овие рани светилки имале недостатоци како што е екстремно краток век и потребна голема електрична струја за работа, што ја отежнува комерцијалната примена во големи размери. Кога Едисон и неговите истражувачи од Менло Парк навлегле на сцената на осветлувањето, се фокусирале на подобрување на влакното - прво тестирање на јаглерод, а потоа платина, пред конечно да се вратат на јаглеродното влакно. До октомври 1879 година, тимот на Едисон произвел сијалица со карбонизирано влакно од памучна нишка без облога што може да трае 14,5 часа. Тие продолжиле да експериментираат со влакното (нишката, филаментот - делот што се усвитува кога електрична струја минува низ него и така произведува светлина) сè додека не го одбраа карбонизираното влакно од бамбус што им овозможил на светилките на Едисон живот до 1 200 часа – ова влакно станало стандард за сијалицата на Едисон за следните 10 години. Тој исто така направил и други подобрувања на сијалицата, вклучително и создавање на подобра вакуумска пумпа за целосно отстранување на воздухот од сијалицата и развој на “навојот Едисон”' (што сега е вообичаен приклучок за сијалиците). На 4 ноември 1879 година поднел барање за патент на САД 223.898 (доделен на 27 јануари 1880) за електрична ламба со употреба на “јаглероден филамент или лента завиткана и поврзана со жици за контакт со платина”.Патентот опишал неколку начини на создавање на јаглеродно влакно.

Во 1878 година, Едисон ја формирал “Електрична компанија Едисон” во Њујорк, со неколку финансиери, вклучувајќи ги P. П. Морган, Спенсер Траск и членовите на семејството Вандербилт. Првата јавна демонстрација на сијалицата со светилки со усвитено влакно, Едисон ја направил на 31 декември 1879 година. Тој ја поканил јавноста да ја посети неговата лабораторија во Менло Парк на новогодишната ноќ за да ги види околу 60-те светилки поставени на столбови кои ги осветлувале лабораториските терени и селските патишта во соседството. Другите светилки биле инсталирани во блиските куќи. При тоа рекол: “Ќе направиме електрична енергија толку ефтина што само богатите ќе горат свеќи“.

Фабриката била опремена со сопствена постројка за производство на гас  и за употреба во карбонизирачки печки, а исто така била инсталирана голема постројка со мотори и котли за загревање на зградите и за работа на шесте динама на Едисон, од оригиналниот тип „Z“. Овие динама произведувале електрична енергија за осветлување на зградите, за тестирање на светилките и за снабдување со струја на голем број електрични мотори кои биле користени за движење на пилата при сечење на бамбусот, во тоа време користен за производство на влакно на светилката Едисон; исто така и за ротирање на прицврстувачи во одделот за дување стакло и за работа на вентилаторот што се користел во печките за карбонизација и за дување стакло. Електричен мотор бил користен и за работа на пумпата за жива. Интересно е да се напомене дека оваа оригинална постројка од 1880 година користела систем за пренесување на електрична енергија во врска со нејзините производни операции. Она што го прави придонесот на Едисон во електричното осветлување толку извонреден е тоа што тој не застанал со подобрување на сијалицата - тој развил цел пакет пронајдоци што ја направиле употребата на сијалиците практична. (Д. М.)

 

1.10.1958 – Започна со работа Националната администрација за аеронаутика и вселена, позната под акронимот НАСА

НАСА беше создадена од претседателот Ајзенхауер на 28 јули 1958 година, со цел да ги оствари американските стремежи за превласт над Советскиот сојуз во вселенската трка.

НАСА започна ос работа една година по лансирањето на првиот вештачки сателит, Спутник. Првично, агенцијата имаше 8000 вработени и годишен буџет од 100 милиони американски долари, а нивното мото беше “За доброто на сите”. Еден од приоритетите на агенцијата беше истражувањето на тоа дали човекот може да преживее во вселената и како да се стигне до неа. Во оваа насока проектот Меркури во многу ги забрза научните и инженерските истражувања. На 5 мај 1961 година, кога Ален Шепард стана првиот американец во вселената, НАСА ги даде првите големи резултати со кои ја доосвои поддршката на американската јавност. До својот 11 роденден НАСА веќе имаше лансирано неколку сателити во вселената, неколку американци беа во вселената, а во 1969 година НАСА ги носи и првите луѓе до Месечината и назад, со што де факто го презема приматот во вселенската трка пред Соверскиот сојуз.

Во следните дваесет години НАСА ќе започне соработка со советите што ќе овозможи нивни астронаути да ја посетат советската вселенска станица МИР. Американците ќе изградат и сопствена вселенска станица, Скајлаб, а ќе констурираат и мала флота спејс-шатл летала кои ќе овозможат редовен транспорт до земјината ниска орбита. Ќе бидат лансирани и повеќе долгорочни вселенски мисии, од леталата Пионер и вселенските сонди Војаџер 1 и 2, кои денес крстосуваат во меѓуѕвездениот простор, а по ова ќе следат и мисиите Патфајндер, Касини, Џуно, Инсајт, Нови Хоризонти...

До 2000 година, НАСА заедно со РУсија и уште 15 други држави ќе учествува во изградбата на Меѓународната вселенска станица. Да не ја заборавиме и целата низа вселенски телескопи што НАСА самостојно или во соработка со други вселенски агенции ги конструираше, а кои придонесоа за огромен напредок во астрономските истражувања.

НАСА постојано вложува напори за подобрување на аеронаутичките истражувања и на вселенсите истражувања, а нивните научни мисии ја мапираат иднината на научните истражувања со константното создавање нови иновативни технологии од кои корист има целото човештво.

Клучни зборови:
Радио Белград - Раковица (1 октомври 1924 година).

Радио Белград - Раковица (1 октомври 1924 година). 

Јелена Билбија, првата спикерка на Радио Белград, и Иван Ковачевиќ

Јелена Билбија, првата спикерка на Радио Белград, и Иван Ковачевиќ

Првата фабрика за сијалици со блескаво светло на Едисон во  Менло Парк, Њујорк, 1880 година

Првата фабрика за сијалици со блескаво светло на Едисон во  Менло Парк, Њујорк, 1880 година

Првиот успешен модел на сијалица на Томас Едисон

Првиот успешен модел на сијалица на Томас Едисон

Првиот успешен модел на сијалица на Томас Едисон, користен на  јавни демонстрации во Паркот Менло, декември 1879 година

Првиот успешен модел на сијалица на Томас Едисон, користен на  јавни демонстрации во Паркот Менло, декември 1879 година

Томас Едисон со неговиот прв успешен модел на сијалица

Томас Едисон со неговиот прв успешен модел на сијалица

Логото на НАСА

Логото на НАСА

Луѓе на Месечината

Луѓе на Месечината

Некои од мисиите на НАСА

Некои од мисиите на НАСА