Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 29/30.9.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 30.09.2020 - 17:45

Во овој времеплов ги славиме родендените на Енрико Ферми, архитектот на нуклеарното доба, и Бери Маршал, кој учестуваше во откритието на хеликобактер пилори. Покрај ова ги одбележуваме денот на основањето на ЦЕРН, лансирањето на првиот канадски сателит и пуштањето на првата вистинска хидрицентрала за создавање електрична енергија.  Исто така си спомнуваме и за таткото на дизел-моторот – Рудолф Дизел.

 

29.9.1901 – Роден е Енрико Ферми, италијанско-американски физичар

Енрико Ферми (Enrico Fermi) e италијанско-американски физичар и креатор на првиот нуклеарен реактор во светот, Чикаго Пил-1. Наречен е “архитект на нуклеарното време“ и “архитект на атомската бомба“. Бил еден од малкуте физичари кои се одликувале широки познавања и во теоретска и во експериментална физика. На Ферми му била доделена Нобелова награда за физика во 1938 година за неговата работа во доменот на индуцирана радиоактивност, постигната со бомбардирање неутрони, и за откривањеро на елементот трансураниум. Заедно со колегите, Ферми поднел неколку патенти врзани со употребата на нуклеарната енергија. Сите биле преземени од владата на САД. Тој дал значаен придонес во развојот на статистичката механика, квантната теорија и физиката на нуклеарните честички.

Енрико Ферми е роден во Рим, Италија, на 29 септември 1901 година. Средно училиште завршил во јули 1918 година, а потоа се пријавил во Scuola Normale Superiore во Пиза. Првично за главен предмет ја избрал математиката, но многу бргу неговиот главен интерес се префрлил на физика. Останал главно самоук, проучувајќи ја општата релативност, квантната механика и атомската физика. Во текот на 1921 година, додека бил трета година на универзитетот, Ферми ги објавил своите први научни дела во италијанскиот журнал Nuovo Cimento. Првиот бил насловен “За динамиката на цврстиот систем на електричните полнежи при преносно движење“ (Sulla dinamica di un sistema rigido di cariche elettriche in moto), а вториот труд бил “За електростатиката на униформното гравитациско поле на електромагнетните полнежи и за тежината на електромагнетните полнежи“ (Sull'elettrostatica di un campo gravitazionale uniforme e sul peso delle masse elettromagnetiche). Користејќи ја општата релативност, тој покажал дека полнежот има тежина еднаква на U/c2, каде U е електростатска енергија на системот, а c е брзината на светлината. Ферми поминал еден семестар кај Макс Борн на Универзитетот во Гетинген, а потоа студирал во Лајден кај Пол Еренфест во 1924 година, со стипендија од фондацијата Рокфелер. Од јануари 1925 година до крајот на 1926 година, Ферми предавал математичка физика и теоретска механика на Универзитетот во Фиренца.

Првиот голем придонес на Ферми се однесувал на полето на статистичката механика. Откако Волфганг Паули го објавил својот принцип на исклучување во 1925 година, Ферми одговорил со труд “За квантизација на совршен моноатомски гас“ (Sulla quantizzazione del gas perfetto monoatomico), во кој го применил принципот на исклучување на идеален гас, сега  позната како статистика на Ферми-Дирак. Честичките што го почитуваат принципот на исклучување денес се нарекуваат “фермиони“.

Во 1926 година, на 24-годишна возраст, Ферми се пријавил за професор на Универзитетот Сапиенца во Рим. За овој период во Рим, Ферми и неговата група дале важен придонес во многу практични и теоретски аспекти на физиката. Во 1928 година, тој го објавил својот Вовед во атомската физика (Introduzione alla fisica atomica).

На 18 март 1929 година Ферми е назначен за член на Кралската академија на Италија од страна на Мусолини, а на 27 април се приклучил на Фашистичката партија. Подоцна тој се спротивставил на фашизмот поради расните закони од 1938 година. Овие закони ја загрозиле Лора Капон, сопругата на Ферми која била Еврејка, а многумина асистенти за истражување од тимот на Ферми ги оставиле без работа. Ја напуштил Италија во 1938 година. Емигрирал во Соединетите Држави, каде работел на проектот  Менхетен за време на Втората светска војна. Го предводел тимот што го дизајнирал и изградил Чикаго Пил-1, првиот нуклеарен реактор во светот на 2 декември 1942 година. Во Лос Аламос, бил на чело на Ф дивизијата, дел од кои работеле на термонуклеарната бомба “Супер“ на Едвард Телер. Бил присутен на тестот Тринити на 16 јули 1945 година, каде го искористил својот метод за да го процени приносот на бомбата. По војната, Ферми работел под Роберт Опенхајмер во Генералниот советодавен комитет, кој ја советувал Комисијата за атомска енергија за нуклеарни прашања. По детонацијата на првата советска фисиона бомба во август 1949 година, остро се спротивставил на развојот на водородна бомба од морална и техничка основа.

Многу награди, концепти и институции се именувани по Ферми, вклучувајќи ги и наградите Енрико Ферми, Институтот Енрико Ферми, Националната лабораторија за акцелератори Ферми (Фермилаб), вселенскиот телескоп Ферми гама, нуклеарната станица “Енрико Ферми” и синтетичкиот елемент фермиум, што го прави еден од 16 научници кои имаат елементи именувани по нив.

Во октомври 1954 година во Меморијалната болница Билингс  врз Енрико Ферми била направена експлораторна хируршка операција чија цел е дијагностичка, по што бил отпуштен од болницата. Педесет дена подоцна, на 28 ноември 1954, Ферми починал од рак на желудник, на 53-годишна возраст во неговиот дом во Чикаго. (Д. М.)

 

29.9.1913 – Исчезна Рудолф Дизел

Потрагата на Рудолф Дизел (Rudolf Christian Karl Diesel) за изградба на што е можно поефикасен мотор со внатрешно согорување била крунисана со создавањето на дизел-моторот. Кај повеќето мотори со внатрешно согорување, горивото се меша со воздух, се компримира за потоа да се запали со помош на електрична искра. Кај дизел-моторот, воздухот се компримира пред да се додаде горивото. На овој начин самиот воздух се загрева до таа точка што неговата топлина е самата доволна за да го запали горивото, исклучувајќи ја потребата од палење со електрична искра. На овој начин моторот станува термички поефикасен од обичниот бензински мотор.

Смртта на понаоѓачот на дизел-моторот е обвиткана со превез на мистерија. Рудолф Дизел за последен пат бил виден како вечера на парниот бродот Дрезден со кој патувал за Англија, каде требал да разговара за производството на неговите дизел-мотори во оваа земја. Откако вечерал, Дизел нарачал утринско будење за 6 часот и 15 минути и се повлекол во кабината. По ова му се губи речиси секоја трага.

За волја на вистината, десетина дена откако исчезнал екипажот на холандскиот рибарски број Керцен извадил тело од морето. Откако од облеката биле отстранети сите лични предмети, телото било вратено во морето. Иако самото тело било во напредна фаза на распаѓање и не била можна директна идентификација, синот на Рудолф Дизел подоцна ги идентификувал предметите како сопственост на неговиот татко.

Веднаш по инцидентот почнале шпекулации за судбината на пронаоѓачот. Не се знае дали тој бил убиен, дали се самоубил или можеби случајно паднал од палубата. Некои претпоставки одат толку далеку што тврдат дека Рудолф Дизел можеби се искрцал во Англија и продолжил да живее под друго име. Мистеријата секако е подгреана и од неговото противење на барањето на германската морнарица за ексклузивна употребата на дизел-моторот. (Н. С.)

 

29.9.2001 – Претставена верзијата Пума на Apple OSX

Уникатната верзија на Apple OS X со назнака Puma, или OS X 10.1, беше претставена пред јавноста. Ажурирањата вклучуваа значителни подобрувања на перформансите, поширока лепеза на поддржани печатачи и подобар Apple Script, побрз приказ на 3D елементи, подобрено управување со датотеките, подобар софтверски пакет за приказ на бои, проширена ДВД поддршка и можност за “пржење”, односно снимање на DVD-RW. Но и покрај ова не беше мал бројот на оние што се противеа на оваа нова верзија на софтверот.

Имено, голем број корисници на Mac системите сè уште го преферираа користењето на постариот оперативен систем со ознака 9. Тие сметаа дека системските перформанси сепак не биле доволно подобрени, што е делумно точно, особено ако се земе предвид дека голем дел од проблемите на OS 9, меѓу кои и некои багови што предизвикува пад на целиот систем, сè уште не беа разрешени. Па така OS X се стекна со етикетата на “излишна“ надградба. Новата верзија на Apple OS ќе следи за неполна година.(И. З./ Н. С.)

 

29.9.1954 – Основана е CERN

Европската организација за нуклеарни истражувања CERN (Conseil Européen pour la Recherche Nucléaire) беше основана како совет за изградба на ултра-современ лабораториски комплекс. CERN обезбедува инфраструктура и опрема за истражувања во областа на високоенергетската физика.

Од неговото основање до денес CERN е заслужен за многубројни достигнувања во доменот на физиката на честици, како што е например откритието на W и Z бозоните, издвојувањето на антиматерија од водородни атоми, како и откритието на субатомската честичка чиишто карактеристики одговараат на Хигс-бозонот.

Но, покрај ова, малкумина знаат дека CERN има заслуги и во доменот на информатиката. Имено, интернет-системот www (World Wide Web)  каков што денес го знаеме, своите зачетоци ги има токму во просториите на CERN. (Н. С.)

 

29.9.1962 – Лансиран првиот канадски сателит

Првиот сателит на Канада, наречен Чучулига 1 (Alouette 1), беше лансиран во орбита од Пацификот. Сателитот беше создаден за проучување на јоносферата. Ова е прв сателит којшто не бил лансиран од една од тогаш водечките светски сили, САД и СССР, кои се бореа за примат во вселенската трка. (Н. С.)

 

30.9.1951 – Роден е Бери Џејмс Маршал

Бери Џејмс Маршал (Barry James Marshal) е австралиски научник којшто заедно со Џеј Робин Ворен е заслужен за откритието на бактеријата Helicobacter pylori.

Во 1982 година Маршал и Ворен добиле средства за едногодишно истражување на нивната хипотеза за бактериското потекло на гастритисот и пептичниот чир. Првите 30 од 100 земени примероци не оделе во прилог на нивната хипотеза. Како што подоцна се покажало, ова се должело на тоа што лабораториските техничари по 2 дена ги фрлале културите. Се работи за вообичаена практика при истражувањето на култури добиени од брисеви од грло, каде присуството на други организми ка изменува микробиолошката слика за културите по 2 дена. Но, по игра на случајот, заради друга болничка работа, лабораториските техничари немале време веднаш на вториот ден да го исфрлат 31-от тест, па така овој примерок останал да се развива од четврток до понеделник. И токму во овој примерок, за првпат е откриено присуството на H. pylori. Заклучокот бил дека бактеријата H. pylori расте побавно од 2 дена, а поради специфичните услови во желудникот примероците не биле загадени од други организми.

Во 1983 година, Маршал и Ворен ги доставуваат своите дотогашни наоди до Гастроентеролошкото друштво во Австралија за објава во нивниот журнал. Но, рецензентите го одбиваат овој труд, сместувајќи го по квалитет и значај во последните 10% од сите трудови добиени во 1983 година.

По низа неуспешни обиди за заразување на прасиња со бактеријата H. pylori во 1984 година, Бери Маршал, решил да експериментира на себе си. Откако направил почетна ендоскопија, тој испил чорба во којашто имало култура од H. pylori, очекувајќи, можеби неколку години подоцна, да развие чир. Но, тој бил изненаден кога само по три дена  добил симптоми на нејасно гадење и халитоза (лош здив којшто се должи на недостатокот од киселина која би ги убила бактериите во желудникот, а нивните отпадни производи го дават ложиот мирис од устата). На 5-8 дена, тој развил ахлорхидрично (без киселина) повраќање. На осмиот ден, тој повторно направил ендоскопија, која покажала масивно воспаление  на желудочната обвивка (гастритис). При направената биопсија била култивирана H. pylori, што било доказ дека бактеријата го колонизирала неговиот желудник. На четиринаесеттиот ден по ингестијата, направена е трета ендоскопија а Маршал започнал да зема терапија од антибиотици. Маршал не развил антитела за H.pylori, што укажува на тоа дека вродениот имунитет понекогаш може да ја искорени акутната инфекција со H.pylori. Болеста и закрепнувањето на Маршал, засновано врз културата на организми извлечена од пациент, оди во склад со постулатите на Кох за врската помеѓу H.pylori и гастритис, но не и за пептичниот чир. Во 1985 година овој беше објавен во Медицинскиот журнал во Австралија и е еден од најцитираните написи од ова научно списание.

За оваа работа во 2005 година на Бери Маршал и Џеј Ворен ќе им биде врачена Нобеловата награда за медицина.

Бери Маршал сè спроведува истражувања за бактеријата H.pylori. (Н. С.)

 

30.9.1882 – Започна со работа првата комерцијална хидроцентрала во светот

На овој ден започна со работа првата комерцијална хидроцентрала во светот, подоцна позната како Appleton Edison Light Company, сместена на реката Фокс во Аплтон, Висконсин,САД. Идејата за нејзина реализација била иницирана од производителот на хартија од Аплетон, Х. Џ. Роџерс (Н.J. Rogers,), кој бил инспириран од плановите на Томас Едисон за неговата електрана во Њујорк. За разлика од електраната на Едисон во Њујорк, која користела пареа за да ги движење на своите генератори, електраната во Аплетон ја користела природната енергија на реката Фокс. Кога хидроцентралата била отворена, таа произвела доволно електрична енергија за да го осветли домот на Роџерс, самата фабрика и зградата сместена во нејзина непосредна близина. (Д. М.)

Клучни зборови:
Енрико Ферми

Енрико Ферми

Енрико Ферми во '40 години од минатиот век

Енрико Ферми во '40 години од минатиот век

Енрико Ферми како професор

Енрико Ферми како професор

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Рудолф Дизел

Графичкот опкружување на Пума

Графичкот опкружување на Пума

Седиштето на ЦЕРН во Женева

Седиштето на ЦЕРН во Женева

Логото на ЦЕРН

Логото на ЦЕРН

Првиот сателит што не беше лансиран од ниедна од двете тогашни велесили, а сепак се најде во орбитата на Земјата

Првиот сателит што не беше лансиран од ниедна од двете тогашни велесили, а сепак се најде во орбитата на Земјата

Алует 1 во вселената, уметничка визија

Алует 1 во вселената, уметничка визија

Бери Маршал

Бери Маршал

Бери Маршал

Бери Маршал

Нобеловците Бери Маршал и Робин Ворен

Нобеловците Бери Маршал и Робин Ворен

Микрографија на која е прикажан гастритис

Микрографија на која е прикажан гастритис

Првата хидроелектрана изградена на реката Фокс

Првата хидроелектрана изградена на реката Фокс

Куќата на Х. Џ. Роџерс

Куќата на Х. Џ. Роџерс