Како што открива едно неодамнешно истражување, осумдесет и четири онлајн-списанија со отворен пристап (ОП) од областа на природните науки и речиси 100 други од областа на општествените и хуманистичките науки, исчезнале од Интернетот во последните две децении. Причина – издавачите престанале да ги одржуваат сајтовите, потенцијално лишувајќи ги научниците од мноштво откритија и корисни податоци за нивните истражувања.
И тоа не е сè! Како што открива трудот поставен на почетокот од овој месец на серверот arXiv, околу 900 други списанија, што функционираат единствено како интернет изданија, се подеднакво изложени на ризикот да исчезнат затоа што се неактивни. Бројот на ОП списанија се зголемил за трипати во периодот од 2009 до 2019 година, а исчезнатите журнали во просек функционирале речиси 10 години пред да ги снема, што “може да значи дека голем број списанија допрва ќе исчезнат“, предупредуваат авторите.
Трудот не посочува примери на изгубени истакнати списанија или написи, ниту пак дава податоци за факторите на влијание на исчезнатите списанија и стапките на цитирање на статиите објавени во нив. Издавачи на околу половина од списанијата биле разни истражувачки институции или научни здруженија. Она што може да биде некоја “утеха” e тоа што ниту едно од овие здруженија и институции не претставува некој голем играч во доменот на природните науки, ниту пак зад некое од списанијата стоел некој значаен комерцијален издавач на научни списанија.
Сепак, како што потенцира Андреа Маркители, главен уредник на JLIS.it (Италијанскиот журнал за библиотеки, архиви и информатички науки), кој не учествувал во истражувањето, “Анализата покажува дека интегритетот на истражувањата и зачувувањето на научните записи се изложени на ризик во сите академски дисциплини и географски региони“. Тој препорачува дека издавачите треба да издвојат посебен паричен фонд наменет за зачувување на интернет архивите.
Според новите правила за финансиерите на истражувања, што треба да важат од јануари 2021 година, истражувачките трудови можат да сметаат на некој вид план за зачувување, нешто што повеќето интернет списанија во моментов го немаат. Новото правило за зачувување е содржано во Планот С, поддржан претежно од европските финансиери за истражувања. Научниците финансирани од План С финансиерите ќе мора да дадат отворен пристап до нивните трудови при објавувањето.
Како што открива истражувањето, сè на сè само околу една третина од 14 068 списанија индексирани во 2019 година во Директориумот на списанија со отворен пристап обезбедуваат долгорочно зачувување на нивните содржини. Некои комерцијални сервиси го нудат тоа како можност, а најмалку еден од нив (иницијативата на повеќе универзитети Public Knowledge Project Preservation Network), го прави тоа бесплатно.
Не се знае точниот брoј на списанија чие функционирање било засновано на претплата а кои ги снема во последниве години. Но, според еден од авторите на научниот труд, Микаел Лаксо од Економската школа Ханкен, Финска, овој тип списанија имаат некои предности во однос оние со отворен пристап. Според неговата изјава за Science, списанијата засновани на претплата во минатото (веројатно и сега) биле подобро покриени од библиотеките, каде е поверојатно да се најдат и хартиени и електронски примероци од нив. Според него, ова се должи на веќе воспоставените правила во библиотеките за зачувување на купената содржина. Од друга страна, она што се добива како бесплатно издание во најголем дел не подлежи на овие процеси, и со тоа постои ризик за негова трајна загуба со исчезнувањето на неговиот издавач.
Засега нема некое општо правило кој е одговорен за понатамошното зачувување а трудовите со ОП, дали оваа улога ја преземаат издавачите, авторите, библиотеките или универзитетите. Зачувувањето на овој тип изданија може да чини многу пари, што е особено проблематично да се покрие за издавачите што не ја наплаќаат објавата на научните трудови од авторите. Од друга страна, буџетите на библиотеките се мошне ограничени, а ниту пак сите универзитети каде овие истражувања биле спроведени не можат да го гарантираат нивното трајно зачувување. Имено, иако универзитетските архиви нудат можност за зачувување со т.н. “зелен“, отворен пристап, не сите институции или финансиери имаат зацртано правило дека научните трудови треба да бидат депонирани во овие архиви.
За да се утврди списокот на 176 исчезнати списанија, авторите на гореспоменатиот труд биле соочени со обемна, дигитална детективска работа, со оглед на тоа што знаците за претходно постоење на овие журнали веќе биле фрагментарни. Така, на пример, откако еднаш списанијата ќе исчезнат, нивните имиња веќе не се појавуваат во библиометриските бази на податоци.
Авторите Лаксо, Лиза Матијас од Слободниот универзитет во Берлин и Најко Јан од Универзитетот во Гетинген, го дефинираат едно списание како исчезнато ако неговото издавање на содржини со непосреден отворен пристап траело најмалку една цела година, а преку интернет сега се бесплатно достапни помалку од 50% од овие содржини. Дел од содржините може да биде достапен во вид на хартиен отпечаток или со плаќање на некој од комерцијалните сервиси.
За да го утврдат моментот кога списанието престанало со издавање и кога содржината исчезнала од интернетот, авторите ја користеле историската архива на интернет содржини Internet Archive Wayback Machine. Во просек списанијата исчезнувале некаде 6 години по нивното прво издание, а во рок од 5 години по последното издание исчезнуваат три четвртини од содржината на овие списанија. Седиштата на исчезнатите списанија биле во 50 различни земји, повеќето од нив во земји со високи примања, а изгубените списанија воглавно објавувале написи само на англиски јазик.
Со оглед на тоа што добар дел од научната заедница ја гледа иднината на научното издаваштво во списанијата со отворен пристап, авторот на ова истражување Лаксо предупредува дека е потребно досозревање на овој модел за објава на научни трудови.