Рубрика: Аудио и видеотехника
Зошто мојот глас звучи толку чудно кога го слушам на снимка?
Автор: Димац Митковски
Објавено на 16.09.2020 - 12:45

Повеќето од нас се изненадени кога за првпат ќе го слушнат својот глас на снимка и, главно, реакцијата секогаш е “дали навистина звучам толку ужасно?“. Затоа, многумина не сакаат да се слушаат себеси на снимка.

За да разбереме зошто звучиме поразлично за себе, треба да ги разгледаме двата начина на кои се слуша нашиот глас – како го слушаме ние и како го слушаат другите. Имено, работите функционираат на следниов начин: секој звук што го слушаме претставува звучен бран што минува низ воздухот. Нашите уши ги фаќаат овие бранови и ги насочуваат низ ушните канали, кон ушното тапанче, каде што удираат во мембраната и предизвикуваат вибрации. На крајот, нашиот мозок ги препознава како звуци.

Овој процес е непречен кога звуците доаѓаат од нашето опкружување. Сепак, вибрациите што се случуваат во нашето тело додека зборуваме, патуваат и низ внатрешноста на главата, минувајќи низ коските на черепот пред да стигнат до тапанчето. Овој втор пат ги засилува вибрациите на пониските фреквенции, што резултира со подлабок глас. Значи, кога зборуваме, слушаме комбинација на бранови што стигнуваат однатре и однадвор. Затоа никогаш нема да го слушнеме нашиот глас онака како што го слушаат другите луѓе.

Слушањето снимка од сопствениот глас, каде што е елиминиран вториот пат кога звучните бранови поминуваат низ телото, така што ги слушаме само повисоките фреквенции – не е ни чудо што за нас звучи чудно. Вистинскиот звук е оној што го слушаме од снимките (глас што се пренесува преку воздухот) и така го слушаат сите околу нас, а ние ретко, па затоа ни е чуден.

Јасно е дека може да се научи и “вистинскиот“ звук. Пејачите или радио и телевизиските најавувачи постојано внимаваат како звучат пред другите, користејќи снимки и повратни информации за да го направат својот глас уште подобар. Она што за другите е најдобар звук, не звучи подеднакво добро во вашата глава.

Барем може да ве утеши фактот дека не сте единствените што го забележуваат ова несовпаѓање со вашиот глас. Луѓето што ве слушаат, секогаш слушаат само еден ваш глас. И добро е да се знае како оваа чудна “промена“ на гласот е вообичаена за сите луѓе, благодарение на, повеќе или помалку, истата анатомија. Не грижете се, тоа не ви се случува само вам – сите се слушаме себеси низ резонантна комора од коски, односно черепот.

Клучни зборови: