Рубрика: Индустриски дизајн
Човечко влакно појако и од челик
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.08.2020 - 11:30

Иако вашата коса, мустаќите, брадата се многу помеки од челикот, сепак оние што се бричат знаат дека кој и да е жилет трпи само неколку употреби. Претходно, истражувачите ова го објаснуваа со затапувањето на остриот раб, кој постепено се аби со секоја употреба. Но, едно ново истражување (да, и овие секојдневности се предмет на сериозни истражувања ;) ) открива дека главен виновник за брзото трошење на вашиот брич е сосема различен процес.

Истражувачите користеле моќен електронски микроскоп за набљудување на начинот на којшто сечилото на бричот се менуваат по секое бричење. И наместо остриот раб од бричот полека и рамномерно да затапува, тие забележале формирање на мали пукнатини, а потоа и поголеми парченца челик како се распрснуваат од работ на сечилото.

Набљудувајќи го процесот под микроскоп истражувачите откриле дека грубата структура на работ од сечилото на бричот го прави подложен на поткршувања. Имено, иако челикот како материјал е извонредно цврст, неговата цврстина варира низ целата негова микроструктура. Кога при бричење влакното ”удира” во помек регион, што се граничи со поцврст регион, стресот / заморот на материјалот што се јавува на оваа граница го поткршува сечилото.

По ова отктритие научниците се надеваат дека ќе успеат да направат подолготрајни алтернативи за сегашниот брич. Тие експериментираат со примена на висок притисок за добивање остар, рамномерен раб на челикот, а наскоро се планира и тестирање на издржливоста на овој нов вид жилети.

Трудот со резултатите од ова истражување беше објавен на почетокот од овој месец во Science.
 

Клучни зборови: