Астрофизичарите неодамна се соочија со еден парадокс. Имено, тие брзоплето утврдиле дека староста на една ѕвезда, позната на научниците уште од порано, изнесува 16 милијарди години, што значи дека таа е цели 2,2 милијарди години постара од Бинг-Бенгот, кој што датира од пред околу 13,8 милијарди години и од кој потекнува универзумот според актуелниот научен модел. Таа ѕвезда научниците шеговито ја нарекле со името на најстариот човек според библијата Метузалем (Метуселах – Methuselah) , кој што наводно живеел многу долго, 969 години. Ѕвездата, според научниците, потекнува од некоја мини-галаксија, а денес таа е во фаза на “црвен џин”, и се наоѓа на минување со прилично голема брзина низ халото на нашата галаксија. Овој парадокс ги збуни научниците, па некои од нив изразиле сомнеж во точноста на актуелниот модел на универзумот, иако тој се заснова на познатите Ајнштајнови теории, научно докажани.
Ќе го објасниме принципот на кој научниците ја откриваат староста на ѕвездите. Тие тоа го прават според процентот на железо којшто ѕвездите го содржат во нивниот состав, покрај водородот и хелиумот. Тој процент зависи од процентот на железото содржано во универзумот, а тој бил најмал во најраниот универзум, но потоа перманентно се зголемувал пропорционално со староста на универзумот. Тоа се рефлектирало и на ѕвездите. Па така, колку се тие помлади – содржат пропорционално поголем процент на железо, и обратно, колку што се постари содржат сè помал процент, така што најстарите ѕвезди може да бидат составени речиси исклучиво од водород и хелиум. Процентот на железо во составот на ѕвездите научниците го откриваат со спектроскопска анализа, и оттаму тие ја детектираат и староста на ѕвездите. Во конкретниот случај научниците утврдиле дека процентот на железо во загадочната ѕвезда HD140283 е околу 100 пати помал од процентот на железо во нашето Сонце, а тоа е екстремно мал износ, којшто соодветствува со ѕвезда стара околу 16 милијарди години.
Но, очигледно е дека се работи за некоја “грешка во чекори”. Имено, да се потсетиме на еден сличен таков претходен парадокс, кога научниците објавија дека кај честичките неутрина забележале поголема брзина на движење во споредба со брзината на светлината, но подоцна тие се корегираа објаснувајќи дека се работело за грешка во мерењето. Многу е веројатно дека и во случајот со ѕвездата HD140283 се работи за некоја слична грешка. Затоа неодамна била формирана нова истражувачка научна група под лидерство на Хауард Бонд (Howard Bond), член на Државниот Универзитет на Пенсилванија, и член на Институтот Space Telescope Science во Балтимор, со цел да ја преиспита целата постапка според која е добиена наведената бесмислено голема старост на ѕвездата Метуселах. За проучување на звездата истражувачката група го користела вселенскиот орбитален телескоп Хабл, со цел да ги преиспита и евентуално да ги корегира сите параметри на ѕвездата: нејзината оддалеченост од Земјата, нејзиниот сјај, составот и структурата. Резултатот од оваа најнова истрага го објави лидерот на групата, Хауард Бонд, па еве ја неговата изјава:
”Кога сите новоутврдени параметри ги составивме во една целина, дојдовме до нова констатација за староста на таа ѕвезда. Имено, заклучивме дека таа е стара “само” околу 14,5 милијарди години со толеранција од плус-минус 800 милиони години, што значи дека нејзината старост сепак може да се вклопи во староста на универзумот, датирана според актуелниот модел на 13,8 милијарди години “.
Изјавата е објавена минатиот месец во списанието Astrophysical journal Letters.