Едно истражување од областа на хемијата може наскоро да му овозможи на целиот свет создавање низа корисни производи, од текстилни бои до фармацевтски производи, речиси од ништо. Па, добро, не баш од ништо, туку од воздух.
Откритието доаѓа од тимот хемичари од Универзитетот Јејл (Yale), кои пронашле начин за комбинирање на атмосферскиот азот со бензен за добивање на хемиското соединение наречено анилин. Анилинот е претходник, односно суровина за материјалите што се користат во создавањето на цела низа синтетички производи.
Како што објаснува еден од авторите на трудот, Патрик Холанд кој е професор по хемија на Јејл, тие се надеваат дека наскоро би можеле да го користиме изобилството атмосферски азот за синтетизирање на производите потребни за нашето општеството.
Досега вниманието воглавно беше насочено кон “фиксација на азотoт“, процес со кој атмосферски азот се користи за создавање амонијак. Но, како што истакнуваат Холанд и неговите колеги, има многу други соединенија, материјали и процеси што би можеле да користат азот во други форми, ако истражувачите најдат начини да ги создадат или изработат со користење на атмосферски азот.
Според Холанд претходните обиди на други истражувачи за комбинирање на атмосферскиот азот и бензен не успеале, воглавно поради тоа што при тие обиди биле употребувани високореактивни деривати на бензен кои се распаѓале пред да влезат во хемиска реакција со азотот.
Холанд и неговите колеги користеле соединение со железо за отстранување на една од хемиските врски во молекулата на бензенот. Исто така го третирале азотот со соединение од силициум што овозможило азотот да се комбинира со бензенот.
Наодите од истражувањето заедно со опис на целиот процес беа објавени во Nature.