Рубрика: Информатика
И компанијата Canon жртва на рансомвер напад
Објавено на 12.08.2020 - 12:45

Едвај се слегна прашината по кибер-нападот врз Гармин, по кој оваа компанија беше принудена да им плати неколку милиони долари на хакерите за да го добие клучот за декрипција на огромната количина нивни интерни податоци, а ете уште еден технолошки гигант стана жртва на ренсомвер напад.

Нападот врз Canon се случил кон крајот на минатиот месец, но за него се дозна минатата недела. Сторителите се сè уште непознати, но рансомверот Маze наводно продрел длабоко до внатрешните системи на Канон и ги онеспособил е-поштата, веб-страниците и алатките за интерна комуникација.

Она што можело да се забележи однадвор е недостапноста на голем дел од веб-страниците на оваа компанија низ светот, со изговор дека се работи за сервисни проблеми. Иако сајтовите на Канон Јапонија и глобалниот сајт се чини дека не биле таргетирани. Крајните корисници најнапред ја забележале недостапноста на сервисот за складирање на податоци во облак image.canon, каде Канон на корисниците им дава 10GB простор за бесплатно складирање на нивните фотографии. Од компанијата потоа било соопштено дека некои корисници изгубиле одредена количина на податоци од овој облак, но компанијата работи на тоа да се врати сè што е изгубено.

Дел од пораката од хакерите упатена до Канон

Но, порталот Bleeping Computer, кој ги дозна деталите за нападот на Garmin, пред некој ден пренесе дека и Canon САД бил жртва на рансомвер напад, и дека токму затоа биле предизвикани проблемите со клаудот. Се споменува и дека хакерите украле околу 10 терабајти интерни податоци за кои сега бараат откупнина. Во спротивно, се закануваат дека украдените податоци ќе станат јавно достпани, што би можело значајно да му наштети на Канон.

Од компанијата порачуваат дека го истражуваат случајот, а нивната веб-страница за американскиот пазар додека го пишуваме текстот сè уште јавуваше дека е во “фаза на одржување“.

Клучни зборови: