Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 10/11.8.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 11.08.2020 - 18:00

Во овој времеплов ги славиме роденденот на ултрапопуларниот соосновач на Епл компјутери, американскиот иноватор и пронаоѓач Стивен Возниек. Покрај ова го одбележуваме денот на основањето на една од најголемите американски институции – Смитсонијан, се сеќаваме на Магелан неговиот пат околу Земјината топка, како и лансирањето на сондата со негово име кон Венера.

 

10. 8.1519 – Фердинанд Магелан тргнува на пат околу Земјината топка

На 10. август 1519 година, португалскиот морепловец Фердинанд Магелан (1480 - 1521) со пет брода испловил од пристаништето на Севиља на своето патување околу земјината топка. Експедицијата на Магелан стана првата екпедиција којашто од Атлантскиот впловила во Тихиот Океан преку преминот што денес го носи името Магеланов Теснец. Оваа експедиција е и првата која го преминува Пацификот и прва што направила круг околу земјината топка. Самиот Магелан настрадал на Филипините во битка со домородното население и не го завршил патувањето. Повеќе за Фердинанд Магелан тука

Интересно е тоа што токму на истиов датум, 10.8.1990 година, вселенското летало Магелан на НАСА пристигнува на Венера. Ова летало е првата интерпланетарна мисија лансирана од спејс шатл, а неговата мисија беше мапирање на Венера и мерење на нејзиното гравитациско поле. (Н. С.)

 

10.8.1846 – Основана е институцијата Смитсонијан

Институцијата Смитсонијан основана од Американскиот Конгрес претставува групација од музеи и образовни и истражувачки центри, управувана од владата на САД. Нејзината цел е “зголемување и ширење на знаењето“. Институцијата е именувана по основачот и донаторот, британскиот научник Џејмс Смитсон (James Smithson), кој дал 500 000 американски долари за основање на Смитсонијан.

Смитсонијан првично бил организиран како Национален музеј на САД, но тоа име престанало да постои како административен субјект во 1967 година. Смитсонијан обединува 19 музеи, 21 библиотека, 9 истражувачки центри и зоолошка градина, поседува 154 милиони артефакти, а вклучува историски и архитектонски знаменитости, сите претежно лоцирани во округот Колумбија. Дополнителни капацитети се наоѓаат во Мериленд, Њујорк и Вирџинија. Повеќе од 200 институции и музеи во 45 држави се соработници на Смитсонијан.

Институцијата прима 30 милиони посетители на годишно ниво без надомест. Неговиот годишен буџет е околу 1,2 милијарди американски долари, а две третини доаѓаат од годишни американските сојузни средства. Втор извор на финансирање на институцијата се од приватни и корпоративни придонеси, наплатата на членарините и заработката од малопродажба, концесии и лиценцирање.

Институциијата се јавува и како издавач, меѓу другото и на списанијата Smithsonian и Air & Space. Заклучно со 28 март 2020 година во Смитсонијан се вработени 6375 лица.

Инаку, Џејмс Смитсон бил англиски хемичар и минеролог. Тој објавил бројни научни трудови за Кралското друштво во доцните 1700-ти. (Д. М.)

 

11.8. 1950 – Роден е Стив Возниек

Стив Возниек (Stephen Gary Wozniak), познат и под прекарот Воз, е американски пронаоѓач, електроинженер и програмер, филантроп, претприемач, сооновач на Apple компјутери. Заслужен е за низа хардверски и софтверски подобрувања од областа на информатиката.

Уште од рана возраст покажал интерес за техниката, особено електрониката. Учествувал на голем број училишни натпревари за наука, честопати претставувајќи ги своите сопствени конструкции.

На шестгодишна возраст го составил својот прв кристален радиоприемник, а на возраст од 11 или 12 години, заедно со пријателите направиле вистински интерком-систем со кој ги поврзале куќите од нивната улица. Во шесто одделение станува радиоаматер, а веќе во осмо одделение, тој прави 10-битен бинарен додавач и одземач, направен со транзистори (100) и диоди (200) кои ги сочинувале логичките елементи. Според Воз, ова бил неговиот првиот чекор кон градење вистински компјутер.

Првпат имал контакт со компјутер на почетокот од средно училиште, кога за компанијата Силванија, пишувал Фортран програми. Таму, тој ќе најде целосен прирачник за PDP-8 компјутерот, ќе го исчита и ќе започне со скицирање на сопствена верзија на PDP-8, која постојано ја подобрувал, користејќи сè помалку и помалку компоненти, а зголемувајќи ја ефикасноста. Овој вид мисловен тренинг ќе се преслика и ќе остане како трајна карактеристика во негова работа на сите подоцнежни проекти.

Иако академското образование го започнал на Универзитетот Болдер во Колорадо, уште во прва година бил избркан поради тоа што на шега го хакирал универзитетскиот компјутер испраќајќи лажни пораки со несериозна содржина. По ова се запишал на колеџот Де Анца во Купертино, Калифорнија, по што многу бргу се префрлил на Калифорнискиот универзитет Беркли.

Заедно со неговиот пријател Бил Фернандез, во 1971 година го изработува својот прв компјутер со 20 TTL чипови добиени на подарок и којшто се програмирал со перфорирани картички. Проектот бил наречен Cream Soda, според нивниот омилен пијалок. Некаде во овој период Возниек се откажува од Беркли и се запознава со Стив Џобс, преку нивниот заеднички пријател Бил Фернандез. Заедно со Џобс започнуваат со изработка и продажба на нелегалните уреди, т. н. “сини кутии”, со помош на кои корисникот ја презема телефонската линија и добива можност да воспостави контакт и да оствари бесплатни телефонски разговори на голема далечина. Овој “бизнис потфат" ќе им овозможи солидна заработка. Џобс ќе успее да продаде околу 200 вакви уреди по студентските домови, секој за по 150 американски долари, а заработката била поделена подеднакво.

Во 1973 година започнува да работи за Хјулит-Пакард како дизајнер на калкулатори, а во слободно време работи на подобрување на аркадната верзија на играта Понг, Брејкаут (Brakeout), со еден играч, за фирмата Атари. Работата ја добил преку Џобс, кој во тоа време работи за Атари. Атари давал награда за зголемување на ефикасноста на хардверот, која изнесувала 100 долари за секој отстранет чип од колото. Возниек успеал да елиминира 50 чипови од оригиналната шема со нивна замена со RAM. Џобс ја претставил шемата во Атари и иако решението не нудело можност за ресетирање со уфрлање паричка/жетон, сепак ја добил наградата, која овојпат не ја поделил ферски со Возниек. Имено, за својот труд Стив Возниек ќе добие само 350 долари, со изговор дека Атари исплатил само 700 долари. За оваа измама Воз ќе дознае цели 10 години подоцна.

Во 1975 година Возниек ќе започне со развој и проектирање на компјутерот кој ќе му донесе светска слава – Епл 1 (Apple 1). Првиот прототип го тестира во јуни истата година. Тогаш за првпат на еден ТВ екран ќе биде испишан текст којшто го генерирал еден домашен компјутер. Работата на компјутерот за Воз повеќе била мотивирана како предизвик којшто требал да биде претставен на еден од неделните состаноци на компјутерскиот/електроничарски клуб Homebrew одошто од желбата за заработка. Впрочем, Воз неколкупати им го понудил дизајнот и на Хјулит Пакард, фирмата во која работел, но секојпат бил одбиен. Можностите за солидна заработка ги увидел Џобс кој му предложил на Воз да започнат сопствен бизнис. За основачки влог Воз ги употребил парите добиени од продажбата на неговиот програмабилен HP калкулатор, а Џобс од неговото Фолксваген комбе.
Така, во 1976 година, со спецификациите во рака и нарачка за 100 уреди по цена 500 американски долари од Бајт магазин, тој и Џобс започнале да ги склопуваат компјутерите во гаражата на родителите на Стив Џобс, со оглед на тоа што домот на Воз бил преполн со проекти во развој, монитори, компјутерски игри и разно-разни електронски уреди.

По успехот на Епл 1, Возниек го дизајнира Епл 2, првиот компјутер со можност на испишување графички приказ во боја. Подоцна Возниек го дизајнира Disk II floppy disk drive кој ќе ја замени касетата како медиум за мемориски запис.

Во 1980 година Возниек и Џобс за првпат ќе пуштат во промет акции на Епл. Овој потег обајцата ќе ги направи милионери.

Во 1981 година, веднаш по полетување, ќе се урне авионот пилотиран од Стив Возниек. Воз ќе ја преживее авионската несреќа и долго ќе се опоравува од последиците. Некаде во овој период го напушта Епл. По Епл Воз ќе основа со помал и поголем успех неколку други компании. А во октомври 2017 година ќе го основа Woz U, образовна услуга од областа на техниката која од декември 2018 ќе биде лиценцирана како официјална школа. (Н. С. / И. З.)

Клучни зборови:
Портрет на Фердинанд Магелан

Портрет на Фердинанд Магелан

Рутата на Магелановиот брод на патот околу Земјата

Рутата на Магелановиот брод на патот околу Земјата

Сондата Магелан тргнува кон Венера

Сондата Магелан тргнува кон Венера

Логото на Смитсонијан

Логото на Смитсонијан

Дел од поставката во Смитсонијан музејот на воздухопловството и астронаутиката

Дел од поставката во Смитсонијан музејот на воздухопловството и астронаутиката

Авиони на изложба во Националниот музеј на воздухопловството и астроанутиката

Авиони на изложба во Националниот музеј на воздухопловството и астроанутиката

Дел од поставката во Природонаучниот музеј на Смитсонијан

Дел од поставката во Природонаучниот музеј на Смитсонијан

Еден од експонатите во Националниот музеј на железницата

Еден од експонатите во Националниот музеј на железницата

Џејмс Смитсон, донаторот и соосновач на Смитсонијан

Џејмс Смитсон, донаторот и соосновач на Смитсонијан

Стив Возниек – Воз

Стив Возниек – Воз

Стив Возниек – Воз и Стив Џобс

Стив Возниек – Воз и Стив Џобс

Стив Возниек – Воз и Стив Џобс и првиот Епл компјутер, Епл 1

Стив Возниек – Воз и Стив Џобс и првиот Епл компјутер, Епл 1

Воз и неговиот Епл 2

Воз и неговиот Епл 2