Една од најважните вештини што треба да ја стекне секој што сака да се занимава со практична електроника е лемењето. Па така, секој вистински и пасиониран електроничар, веќе одамна ги има прочитано сите објавени упатства и совети за лемење од стручните книги и списанија за електроника и има изгледано стотици видеа на YouTube на оваа тема. Поседува повеќе лемила и лемни станици за различни намени и се гордее со вештината со којашто знае да ги користи. За одржување на кондицијата, дневно леми и одлемува најмалку по сто компоненти на/од двострани плочки (за однапред зададено време), ужива во мирисот на растопениот калофониум и смета дека е кондициски подготвен за каков било натпревар или задача поврзана со лемење, барем на државно ниво. Но, дали неговата висока самодоверба и мислење за себе навистина соодветствуваат на неговите способности и на постигнатото ниво? А што ако направил некаков ситен превид, па некако се случило во темелите на своето знаење да стави и некои фалични елементи, сметајќи ги за исправни? Дали некогаш направил сериозен стрес-тест, за да ја провери стабилноста на својата градба?
Ако делумно или можеби целосно се препознавате со овој измислен лик од почетокот на написов, не грижете се премногу, особено не ако сте доволно самокритични и сте стекнале навика повремено да си го повторувате и проверувате наученото, со користење на постоечките и на нови извори. Како и за сè друго, и за лемењето е особено важно работите да се научат правилно и да се постават на здрава основа уште на почетокот, за да не се стекнат погрешни навики и да не се провлекуваат грешки во работењето понатаму. Верувам дека денес никој не може да се пожали дека недостасуваат печатени или информации во електронска форма на оваа тема. Вредните креатори на YouTube навистина имаат објавено стотици видеа за вовед и запознавање со техниките на лемење, со кои секој почетник кој има желба за тоа, може за десетина минути да стекне претстава за лемењето и да се охрабри да состави некој уред.
Но од големата понуда, некогаш е проблем и да се издвои кој навистина нуди квалитетни содржини и проверени информации. Затоа сме тука ние од Емитер, да ви помогнеме во изборот и да ви дадеме насока кон оној што сериозно ја сработил задачата. Па така, ако навистина сакате да разберете што точно се случува при лемењето и сакате да воспоставите целосна контрола над процесот на лемење, особено ви го препорачувам видеокурсот на PACE.
PACE е компанија со над 60-годишно искуство во развој и производство на опрема, алати и станици за лемење, одлемување и поправки во електронската индустрија. Компанијата нуди и обуки за користење на таква опрема за вработени во електронската индустрија. Курсот е снимен на почетокот на 80-тите и по стилот на презентирање на содржините е она што денес многумина би го нарекле класика. Освен за почетниците, сметам дека курсот е корисен и за напредните електроничари и за колегите што завршиле со формалната едукација, за дополнување на знаењата и унапредување на вештините за лемење. Верувам дека, по гледањето на овие видеа, оние што се едуцирале во 70-тите и 80-тите години со носталгија ќе се потсетуваат и ќе коментираат колку добри беа едукативните филмови во тоа време.
Кои содржини се опфатени во овој видеокурс:
Содржините се претставени на јасен и разбирлив начин, а користа од овој видео-курс е повеќекратна. Освен што ќе ги проширите знаењата за лемењето, добивате и одличен преглед на сите термини на англиски јазик од оваа област. Секако, само гледањето на видеата не е доволно и сѐ додека не се фатите за лемилото и не го испробате сето ова, нема да можете со сигурност да тврдите дека сте доволно вешти во таа работа.
Како бонус во написов ви го препорачувам и другиот видео-курс на PACE, за преработки и поправки во електрониката:
* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.