При еден неодамна спроведен проект од Институтот за вселенска наука (Institute of Space Sciences, ICE - CSIC), истражувачки оддел при Институтот за вселенски студии на Каталонија (IEEC), со користење на техниката на спектроскопско интегрално поле (IFU – Integral Field Unit) биле идентификувани масивни црни дупки во џуџестите галаксии. Истражувачите откриле 37 вакви објекти, од кои 23 се новозабележани, бидејќи при претходните набљудувања на истите галаксии не биле пронајдени докази за нивно присуство. Ова е најшироката досега направена студија на џуџестите галаксии со примена на оваа техника.
Анализата која беше објавена вчера во Astrophysical Journal Letters, е најшироката студија на активни галактички јадра (АГЈ) во џуџести галаксии што некогаш била направена. За неа се употребени податоците од речиси 5 000 набљудувања на галаксиите направени со техниката IFU при мапирањето на блиските галаксии.
“Благодарение на IFU набудувањата, успеавме да најдеме АГЈ што се чинеа скриени при претходните истражувања“, истакнува Мар Мескуа, истражувач на ИЕЕЦ при ICE-CSIC.
Активното галактичко јадро претставува компактна област во центарот на галаксијата која зрачи енергија од нејзиниот централен регион, чијшто најчест извор меѓу останатото е масивна црна дупка. Од речиси 1609 џуџести галаксии што биле предмет на проучување, истражувачите пронашле АГЈ во 37 од нив, 23 од нив се нови случаи што претходно не биле идентификувани.
Како што појаснува коавторот на објавениот труд, Елена Домингез-Санчез, исто така истражувач при ICE-CSIC: “Едно од ограничувањата на класичната спектроскопија е тоа што го детектира само доминантниот извор на енергија, што значи дека во галаксиите каде што енергијата што произлегува од sвездената формација таа доминира во нејзината тотална емисија, па АГЈ останува “скриенo”. Предноста на IFU техниката наспроти класичните спектроскопски набљудувања кои овозможуваат набљудување на еден спектар по објект, е тоа што овозможува добивање на повеќе спектри, понекогаш и повеќе од илјада од една галаксија, од различни региони. На овој начин можеме подетално да ги проучиме sвездените популации, нивниот гас и кинематиката на обете структури“.
Факторите што ја објаснуваат тешкотијата при набљудување на овие јадра може да се поврзат со нивната активност или нивната локација. Од една страна, АГЈ можеби и не е веќе активно, а IFU техниката ја детектира неговата последна емисија, т.н. светлинско ехо, кое вообичаено е мошне слабо. Од друга страна, АГЈ може да биде активно, но да се наоѓа надвор од галактичкиот центар. Исто така, може да се случи јадрото е активно и да се наоѓа во центарот на галаксијата, но ѕвездената емисија од централниот регион да е посветла од активното јадро, што го отежнува неговото набљудување.
“Со ова истражување заклучуваме дека техниката на IFU ни овозможува да ја идентификуваме последната емисија од галактичките јадра кои повеќе не се активни, нешто што не може да се направи со други техники“, вели Мескуа и надополнува дека пронајдените активни имаат многу послаб сигнал од досега познатите.
Се претпоставува дека овие активни јадра можеби ги содржат елементите на првите црни дупки формирани во раниот Универзум, оние што не почнале да растат пред да се претворат во супермасивни објекти. Потрагата по АГЈ или масивни црни дупки во џуџестите галаксии ни овозможува да го продлабочиме нашето познавање за потеклото на Универзумот, со оглед на тоа што се смета дека овие галаксии се најслични со првоформираните.
“Се верува дека црните дупки што ги напојуваат AGJ се многу слични на првoформираните (seed) црни дупки, забележува Мескуа. Истражувачот додава дека научната заедница смета дека супермасивните црни дупки, оние со една милион пати поголема маса од онаа на Сонцето, веројатно се потомци на ваквите црни дупки.