Оваа недела Европската јужна опсерваторија објави дека астрономите за првпат успеале да фотографираат екстрасоларен планетски систем. Имено, тие фотографирале две егзопланети што орбитираат околу една иста ѕвезда, слична на нашето Сонце.
Досега астрономите идентификувале околу 4 000 други единечни егзопланети во нашата галаксија. Овој потфат е реализиран со индиректна т.н. транзитна метода, која се заснова на детектирање на делумно затемнување на ѕвездениот сјај кога егзопланетата поминува пред ѕвездата околу којашто орбитира. Но, од сите егзопланети детектирани на тој начин, досега научниците успеале да фотографираат само многу мал број од нив, и тоа секогаш само по една егзопланета околу нејзината матична ѕвезда. Ова е првпат тие да фотографираат две егзопланети во орбита околу една иста матична ѕвезда, па според тоа, за првпат тие фотографирале егзопланетски систем.
Графички приказ на локацијата на фотографираниот егзопланетски систем
Ѕвездата која носи ознака TUC 8998-790-1 е одалечена околу 300 светлосни години од нас, а се наоѓа во една помала ѕвездена констелација, наречена Мува (Lisca). Соѕвездието е видливо само од јужната Земјина хемисфера.
Фотографијата е направена од страна на Европската јужна опсерваторија (ESO), со помош на моќниот, многу осетлив телескопски систем VLT (Very Large Telescope), и со примена на специјална апаратура која го овозможува фотографирањето. Европската јужна опсерваторија е лоцирана во пустината Атакама во Чиле.
За првпат е направена фотографија на екстасоларен планетски систем.
Интересна е методата со која астрономите успевале да фотографираат, инаку невидливи егзопланети. Методата се заснова на принципот да се блокира светлината емитувана од матичната ѕвезда, со што се овозможува забележливост на многу послабото зрачење во инфрацрвеното светлинско подрачје, емитувано од егзопланетата која орбитира околу таа ѕвезда. За таа цел во опсерваторијата ESO е вградена специјално дизајнирана апаратура со т.н. коронограф (coronagraph), уред кој служи за блокирање на ѕвездениот сјај.
На овој начин може да се фотографираат само релативно помлади егзопланети бидејќи тие се потопли од постарите, па емитуваат појако зрачење во инфрацрвеното подрачје, кое би можело да се детектира со екстремно осетливите инструменти вградени во опсерваторијата ESO. Во конкретниот случај, според интензитетот на зрачењето од двете фотографирани егзопланети, научниците заклучиле дека тие припаѓаат на релативно млад егзопланетарен систем, којшто се наоѓа во многу раниот степен од неговата еволуција. Тие пресметале дека тој планетарен систем е стар само околу 17 милиони години. За споредба, нашиот Сончев систем е стар околу 4,5 милијарди години. Понатаму, според орбитите на двете егзопланети научниците утврдиле дека тие орбитираат околу нивната матична ѕвезда на прилично големи растојанија – едната на растојание коешто е 160, а другата на растојание 320 пати поголемо од растојанието помеѓу нашата Земја и Сонцето. За споредба, двете џиновски планети во нашиот Сончев систем, Јупитер и Сатурн, орбитираат на растојание 5, односно 10 пати поголемо од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Освен тоа, истражувачкиот тим констатира и дека обете егзопланети се од типот гасни џинови, коишто се многу помасивни во споредба со најмасивната планета во нашиот Сончев систем, планетата Јупитер. Имено, внатрешната егзопланета е 14 пати помасивна, а надворешната е 6 пати помасивна од Јупитер.
Наодот може да им помогне на научниците попрецизно да ја утврдат еволуцијата на планетските системи, односно поточно да утврдат како тие настануваат и како понатаму се развиваат.
Наодот е публикуван деновиве во научното списание The Astrophysical Journal Letters.