Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 14/15.7.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.07.2020 - 00:30

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на Џеј Форестер, творецот на Wirlwind, и на Џослин Бел, астрономот што ги откри пулсарите. Покрај ова ги одбележуваме и лансирањето на конзолата за игри Фамиком, социјалната мрежа Твитер и испраќањето на првата шифрирана порака со машината Енигма.

 

14.7.1918Роден е Џеј Форестер

Џеј Форестер е еден од пионерите во компјутерската индустрија и професор на MIT. Заедно со Роберт Еверест работеле на еден од најважните рани компјутерски проекти – Whirlwind.

Whirlwind е компјутер со електронски ламби, создаден во 1951 година во Лабораторијата за сервомеханика на МИТ (MIT Servomechanism Laboratory). Компјутерот бил дизајниран за потребите на морнарицата на САД. Неговите 4 500 електронски ламби овозможуваа меморирање на 2 048 збора со по 16 знака. Поради огромниот број ламби, компјутерот зафаќаше површина од речиси 300 метри квадратни (278,7 м2). Можеше да работи до 35 часа неделно со 90% искористливост на капацитетот.

Whirlwind е еден од првите електронски компјутери кои во реално време овозможуваа излез на податоци, а истовремено и првиот уред кој не беше само електронска замена за постарите, механички системи. (З. И.)

 

15.7.1983  – Нинтендо го пушти во продажба Системот за забава познат како Фамиком

Системот за забава на Нинтендо или во оригинал Nintendo Entertainment System (NES) е 8-битна домашна видео-конзола од третата генерација на компанијата Nintendo. Оригиналниот модел којшто на 15 јули започна да се продава во јапонија го  носеше прекарот Family Computer или скратено Фамиком. Две години подоцна системот со неколку клучни измени измени беше пуштен во продажба и во Северна Америка, а година дена по ова и во Европа.

NES конзолата ќе стане една од највлијателните системи за игри до сега. По нејзиниот пример и примерот на Нинтендо ќе еволуира и индустријата за видео-игри во доцните 80-ти и раните 90-ти години од минатиот век. (И. З.)

 

15.7.2006 – Стартуван Твитер (Twitter.com)

Биз Стоун, Џек Дорси, Ноа Глас и Еван Вилијамс ја лансираат оваа социјална мрежа каде статусната мисла мора да ја скоцкаш со 140 карактери. Иако програмерите започнаа да работат на создавањето на твитер уште во март 2006 година, мрежата нема да биде стартувана сè до 15-ти јули. Во моментов Твитер има над 200 милиони корисници. (И. З.)

 

15.7.1928 – Машината Енигма ја кодира првата порака

Машината Енигма беше првата електронска криптографска машина, а нејзина примарна намена била шифрирање и размена на шифрираните пораки. Уредот којшто го создаде германскиот инженер Артур Шербиус во 1928 година ја претвораше пораката во неуреден куп код што пораката ја правеше нечитлива за тој што ќе ја пресретне.

Енигма машината, голема колку преносна машина за пишување, на корисникот  му овозможува безбедност во комуникациите преку уникатниот процес при којшто испишаните букви се заменуваат со шифриран текст прикажан со осветлување на ламби. Шифрирањето е симетрично, така што оригиналната порака може се репродуцира само со внесување на шифрираниот текст во друга Енигма машина. Дополнителната безбедносна заштита на Енигма ја обезбедува комплетот роторски котури и серија од кабелски прикличоци чијшто распоред на вметнување и аранжирање бил однапред договорен.

ЕНИГМА ја користеше германската војска за време на Втората светска војна за пренесување на борбени планови и други тајни информации. Сепак, до декември 1941 година, британските разбивачи на код успеале да го реплицираат начинот на работа на уредот што ќе им овозможи рутински да го читаат поголемиот дел од комуникацииите кои се одвивале со помош на машината Енигма. (И. З. / Н. С.)

 

15.7.1943 – Родена е Џослин Бел Барнел, жената што ги откри пулсарите

Џослин Бел Барнел (Jocelyn Bell Burnell ) е британски радиоастроном, позната по откритието на првиот, односно првите четири пулсари.

Пулсари се високо магнетизирани ротирачки неутронски ѕвезди кои емитуваат снопови од електромагнетна радијација. Снопот од електромагнетна радијација  се движи во склад со ротацијата на ѕвездата при што се создава ефект на светилник, односно пулсирачки светлински извор. Пулсарите го добиваат своето име со спојување на зборот пулс(pulse) и ѕвезда’ (star). Видливите периоди на нивното пулсирање се движат од 1,4 милисекунди до 8,5 секунди, а емисиите можат да бидат во видливото, рендгенското, радио и гама зрачното подрачје.

Во 1966 година Џослин Бел била докторанд на Кембриџ под менторство на Ентони Хјуиш. Таа го поминала летото помагајќи во изградбата на радиотелескопот со повришина од 4 и пол хектари. Телескопот бил конструиран за да помогне во откривање и идентификување на неодамна откриената појава наречена квазари. Квазарите се откриени во раните 1960-ти како извори на радио-шум, но без видлив извор. Сите радиоастрономи во тоа време ја прилагодуваа нивната  опрема за истражување на квазарите.

Една од обврските на Бел била да работи со новиот телескоп и да ги анализира податоците добиени од него. Сигналот од телескопот се снимал на лента и се печател на хартиена ролна. Во еден ден се отпечатувале речиси 50 метри хартија со добиените подаотци. Обврска на Бел била да го провери отпечатокот, барајќи пикови на сигналот, коишто би укажале на извор на радиосигнал. При идентификација на пикот, таа морала да го разликува од шум, интерференција или од вистински извор. Во еден мал дел од записите таа забележала нешто што не е пик, но не е ниту појава што се должи на интерференција. Понатамошното истражување покажало дека станува збор за сигнал што се повторува на секои 3,66 секунди. Првата реакција била дека сигналот е премногу редовен и дека веројатно е создаден од човек. Но по елиминацијата на можните извори на интерференција, се наметнал заклучокот дека сигналот мора да потекнува од вселената. Поради правилната шема на емитување тимот се шегувал дека можеби станува збор за сигнал од вонземска цивилизација. Тие дури го означиле сигналот со LGM-1 или Little Green Men - 1 (Мали зелени човечиња - 1). Откриени биле четири различни извори на радиоемисиите, за кои подоцна ќе биде утврдено дека се форма на неутронски sвезди, кои на ќе се бидат наречени пулсари.

По објавувањето на трудот со резултатите од ова истражување во списанието Nature, откритието ќе се најде и во фокусот на медиумите. Откако се дозна дека во откритието била вклучена и жена, настанот добива уште поголемо медиумско покритие. Џослин преку ноќ станува славна личност. За нејзината работа во областа на астрономијата како и за нејзините напори за подобрувањето на статусот на жените научници, Џослин ќе добие голем број признанија.

Но една награда којашто не и ја освои, иако учествуваше во откритието, е Нобеловата награда за физика во 1974 година за откритието на пулсарите. Наградата му беше врачена на нејзиниот ментор Ентони Хјуиш. Некои луѓе укажаа на тоа дека Нобеловиот комитет со овој потег на изоставување прави сериозна грешка, но не и Бел. Таа во оваа пригода ќе каже дека супервизорот на истражувањето е крајно одговорен за успехот или неуспехот на процедурите и откритијата во нивната лабораторија. Таа, исто така, веруваше дека Нобеловите награди не треба да им се доделуваат на сите што помогнале во откритието, затоа што тоа ја намалува честа. (Н. С.)

Клучни зборови:
Jay Forester, творецот на Wirlwind

Jay Forester, творецот на Wirlwind

Whirlwind на дело

Whirlwind на дело

Whirlwind денес, во музејот на науката во Бостон, Масачусетс, САД

Whirlwind денес, во музејот на науката во Бостон, Масачусетс, САД

Системот за забава на Нинтендо или во оригинал Nintendo Entertainment System (NES)

Системот за забава на Нинтендо или во оригинал Nintendo Entertainment System (NES)

Верзијата од 86 година

Верзијата од 86 година

Музејски примерок на Енигма машината

Музејски примерок на Енигма машината

Чудото на криптографијата - машината Енигма

Чудото на криптографијата - машината Енигма

Како Енигма функционира

Како Енигма функционира

Џослин Бел во времето на докторските студии

Џослин Бел во времето на докторските студии

Џослин Бел денес

Џослин Бел денес