C/2020F3 (NEOWISE), или едноставно кометата NEOWISE, е ретроградна комета со речиси параболична орбита, откриена на 27 март 2020 година, од вселенскиот телескоп NEOWISE. Кометата е веќе видлива на утринското небо, веднаш над североисточниот хоризонт, непосредно под Капела, близу до сјајот на самракот. Јасно може да се види со голо око ако знаеме каде да погледнеме. Кометата ќе остане видлива со голо око до крајот на овој месец.
Кометата NEOWISE помина најблизу до Сонцето на 3 јули, на растојание од 0,29 AU (43 милиони км). Гледано од Земјата, во периодот од 11 јуни до 9 јули, кометата се наоѓаше на нешто помалку од 20 степени од Сонцето. Сè до 10 јуни, кометата се губеше во сјајот на Сонцето, а нејзиниот сјај беше со магнитуда 7. Кога кометата влезе во видното поле на SOHO LASCO C3 на 22 јуни, кометата се осветли до магнитуда 3. Од јули, кометата NEOWISE се осветли на магнитуда +1, надминувајќи ја осветленоста којашто ја достигна кометата C/2020F8 (SWAN). Покрај ова, таа разви втора опашка. Опашката со синкаста нијанса претставува мешавина од гас и јони, додека втората, златна опашка, е всушност прав, слично како кај кометата Хале-Боп.
Кометата C/2020F3 (NEOWISE) ќе се најде најблиску до Земјата на 23 јули, кога ќе помине на растојание од 0,69 AU (103 милиони километри) од нас. При преминот низ перихел, кометата ќе го зголеми нејзиниот орбитален период од приближно 4 500 години на околу 6 800 години.
Астрономите аматери од Македонија, Радан Митровиќ и Мартин Стојановски (Скопско астрономско друштво), и Стојан Стојановски (Охридско астрономско друштво) веќе направија неколку одлични фотографии од оваа комета. Кометата е видлива и со голо око, но е навистина спектакуларна ако се набљудува со двоглед или, уште подобро, со телескоп.
Сите оние што сè уште немале можност да уживаат во спектаклот на ноќното небо, видлив секоја вечер овој јули, од 3 до 4 часот наутро, нека не чекаат. Една до две непроспиени ноќи се мала жртва за можноста лично да се види “опашестата ѕвезда”. Читателите кои би сакале да направат сопствена фотографија од овој несекојдневен небесен спектакл, најдобро е да користат фотоапарат со статив. Доколку ни испратите свои фотографии од кометата NEOWISE ние со задоволство ќе ги објавиме.