Воздухопловната едрилица SZD- 24-4 Фока беше дизајнирана во 1960 година, за натпреварување во класата едрилици Стандард, како и за акробатско летање. Појавата на ова едрилица предизвика восхит поради нејзиниот аеродинамичен изглед, елеганцијата и удобното сместување на пилотот во полулежечка состојба. Со едрилицата Фока првпат се запознав во 1967 година, на Државното првенство во едриличарство во Вршац.
Токму пред 53 години, во далечната 1967 година, бев испратен како помошник на натпреварувач од Битола на Државното првенство во едриличарство во Вршац. Секако, кога ќе размислам сега, навистина храбар потег на ВСМ и АК Битола, младо момче од едвам 17 години да се кали на еден таков натпревар, да му помага на натпреварувачот и да учествува во одржувањето на воздухопловот – едрилицата Ваја. За среќа, од Скопје ми се придружи и Марко Марковски, поискусен едриличар, и составивме тим за помош на нашите натпреварувачи.
По првото слегување од авионот Курир Икарус, со кој долетавме на аеродромот во Вршац, видов една прекрасна слика – безброј едрилици, веќе пристигнати за натпреварот. Глетката беше импозантна. Прво што ми падна в очи беше поделбата според класата на едрилици. Сите беа високоспособни, од кои дел од типот Ваја, отворена класа, и едрилици Стандард до 15 метри, од типот Делфин, Либис 18, Илинденка и она што најмногу ме импресионира, SZD Foka 24-4C. Секако, се случи љубов на прв поглед. Овој текст го посветувам на таа едрилица.
Развој
Воздухопловната едрилица SZD- 24-4 Фока беше дизајнирана за натпреварување во класата едрилици Стандард, како и за акробатско летање. Дизајнот произлезе како предлог во рамките на СЗД, кој првично го доби името „Делфин“ за подоцна, во производниот процес да се преименува во СЗД- 24 Фока. Првиот лет се случи во 1960 година, во Биелско, но резултатите не беа на ниво на очекуваното. Еден од клучните проблеми беше што големината на воздушните кочници не одговараше на светските стандарди, односно максималната брзина не смее да биде поголема од издржливоста на воздухопловот.
Беше изграден втор прототип, со многу подобри воздушни кочници, подобрени елементи за спој на крилата за брза монтажа и демонтажа, подобрена е максималната издржливост во спојот меѓу двете половини на крилата со трупот и вметнат е дополнителен панел во задниот дел на трупот. Првиот лет со овој втор прототип, на 24 мај 1960 година, го изврши Адам Зиентек. Појавата на ова едрилица предизвика восхит поради нејзиниот аеродинамичен изглед, елеганцијата и удобното сместување на пилотот во полулежечка состојба. Претпроизводната варијанта, наречена СЗД- 24 А, беше подобрена за да се добие конечната варијанта за производство, СЗД- 32 Фока 5.
Опис (СЗД-24-4А)
Серијата СЗД-Фока се состоеше од воздухопловни едрилици од стандардна класа, на претежно дрвена конструкција, со фиксно тркало и подвлечено подвозје – скија.
Труп
Трупот се состои од дрвена структура со пилотска кабина (кокпит) во носот, потоа со многу чисти линии преоѓа кон вертикалниот стабилизатор во задниот дел. Внатрешната крошна (седиштето на пилотот) издигната при слетување, во случај на вонредна состојба, и во својот состав опфаќаше делови од плексиглас поставени во рамка од дуралуминиум. Методите за изработка на трупот еволуираа низ целата серија, кулминирајќи со големи панели од повеќеслоен авиошпер во сендвич од ПВЦ пена, со што се формира многу мазна површина, со висока цврстина и мала тежина. Пилотот седи во приспособливо седиште со потпирачки за главата и приспособливи педали на кормилото за правец. Инструментната табла е поставена малку погоре, помеѓу нозете на пилотот, со основните инструменти и дополнителни, вградени подоцна – вештачки хоризонт и електронски покажувач за состојбата на едрилицата со звучен сигнал, којшто дава податок дали и со која брзина едрилицата се качува или се спушта (изразено во метри во секунда). Предниот дел од кабината е поставен врз дуралуминиум шини, сместени вдолж целата горна половина на трупот. Натстрешницата е конструирана околу рамката од дуралуминиум, со транспарентен дел од плексиглас, обликуван во согласност со пресекот на носот.
Крила
Крилата имаат трапезоидна форма, а изработени се од импрегниран авиошпер, со поддршка на ребра, заради задржување на саканиот аеропрофил. Во основата (коренот) е употребен аеропрофилот НАЦА 633-618, кој постапно преминува кон краевите на крилата во НАЦА 4415. Обвиткани со специјално импрегнирано платно и најверојатно со употреба на епоксидни смоли, бидејќи од она што го видов, не е можно да е класично обвиткување како кај дрвените едрилици изработени дотогаш. Големите метални воздушни сопирачки подготвени на соодветниот влез со приближно ¾ чекор, за побурен проток на воздух, за да ја намалат брзината соодветна на издржливоста на конструкцијата на едрилицата. Контролата за аголот на навалување (roll) е обезбедена од елероните (крилцата) поставени во специјални рабови на краевите на крилата кон излезниот раб. Кај СЗД 24-2 Фока се намалени, за да се намали влечењето на навалување.
Вертикален и хоризонтален стабилизатор
Остро закосениот вертикален стабилизатор се користи за зголемување на моќта на контролата и стабилност со помал труп. Интегриран е во трупот и заедно со кормилото за правец и длабочина се изработени од дрвени ребра (авио-шперплоча) и покриени со ткаенина.
Површинска завршна обработка
Вообичаено за Фоките беше да имаат слична површинска шара на дизајнот – со широка лента, намалена од средишниот дел до носот и опашката, на едната страна на трупот и контрастна боја на остатокот од трупот. Во лентата под пилотската кабина е додадено големо стилизирано лого на Фока. Крилата вообичаено беа обоени бели.
Едрилицата Фока со која настапи натпреварувач од АК Борово, Хрватска, којашто внимателно ја следев, а повремено и помагав при нејзиниот транспорт во хангар, беше подобрена верзија со ознака Фока SZD- 24C и со регистрација YU- 4117. Следејќи ја нејзината историја, според веб-страницата на АК Сараево, била продадена на АК Бихаќ. Завршила несреќно, односно била искршена 100% при вонтеренско слетување (за судбината на пилотот нема податоци).
Прелистувајќи по документацијата, произлегува дека е градена од дрво и платно, а сепак според официјалните информации во книгата Воздухопловно едриличарство, Фоката е изработена од мешавина дрво и стаклопластика. Споредувајќи ја со другите дрвени едрилици, таа се издвојуваше со квалитетот на изработка, врвната технологија и мазните линии. И нормално, тоа е сепак тајна што произведувачот не ја открива, но се насетува. Самиот факт што е ставена во кругот на најдобрите воздухопловни едрилици за тоа време укажува на нејзиниот квалитет.
Резиме
Споредувајќи ги податоците и земјите што ја користеле, произлегува дека се работи за извонредна едрилица и неслучајно ми паднала во очи на прв поглед. По оваа едрилица се менуваат правилата за градба на воздухопловни едрилици и се преминува од мешовита кон градба со стаклопластика. По примерот на Фока, со употреба на CNC технологијата се изработуваат и едрилици едноседи и двоседи од дрво и од стаклена ткаенина.
СЗД-24А – Фока
Тип: Едрилица
Производител: SZD – Полска
Дизајнери: Piotr Mynarski & Władysław Okarmus
Прв лет: 2.5.1960 год.
Изработени: 220 едрилици
Димензии
Распон: 14,98 m
Должина: 7 m
Висина: 1,4 m
Распон: 14,16 m2
Површина: 12,16 m2
Профил на крила: NACA 633-618 кон NACA 4415 на крај на крилото.
Маса
Сопствена: 228 kg
Максимална: 313 kg
Перформанси
Минимална брзина: 64 km/h
Дозволена максимална брзина: 260 km/h
Минимална брзина на пропаѓање: 0,66 m/s на 75 km/h
Структурен фактор на оптоварување: +6Г/–3Г
Земји корисници: Полска, Англија, Аргентина, Австрија, Австралија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Југославија, Канада, Источна и Западна Германија, Романија, Швајцарија, Шведска САД, Унгарија, Италија, СССР.