Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5/6.7.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.07.2020 - 22:30

Во денешниот времеплов ја одбележуваме годишнината од смртта на германскиот физичар Георг Ом, познат по омовиот закон којшто ја објаснува врската помеѓу напонот, отпорот и јачината на електричната струја. Покрај ова ја славиме годишнината од објавувањето на едно од капиталните дела на физиката, Математички принципи на природната филозофија од сер Исак Њутн.

 

5.7.1687 – Исак Њутн го објавува своето капитално дело “Математички принципи на природната филозофија”

Philosophiae Naturalis Principia Mathematica е грандиозно дело коешто го измени дотогашниот поглед на светот. Почестите кои му биле укажувани на Њутн не ги има доживеано ниеден Англичанец пред него. Во тоа дело поставени се математичките основи на динамиката и механиката (вклучително и небеската механика). Во него се претставени трите аксиоми на кои почива механиката и е математички изведено (дефинирано) движењето на планетите. (Т. С.)

6.7.1854 – Починал Георг Ом, германски физичар

Георг Ом (Georg Simon Ohm, 16.3.1789 – 6.7.1854) бил германски физичар и математичар. Како наставник во училиштето, Ом го започнал своето истражување со новата електрохемиска ќелија, измислена од италијанскиот научник Алесандро Волта (Alessandro Volta). Користејќи опрема како сопствена креација, Ом открил дека постои директна пропорционална врска помеѓу напонот (разликата во потенцијалите) отпорот на спроводникот и јачината на излезената електрична струја. Оваа врска е позната како Омов закон (U = R • I ; напон = отпор x струја).

Роден е во протестантско семејство во Ерланген, Бранденбург-Бајројт (Erlangen, Brandenburg-Bayreuth), тогаш дел од Светото римско царство. Иако неговите родители биле без формално образование, таткото на Ом бил почитуван човек кој се самообразувал на високо ниво и можел да им даде одлично образование на своите синови преку сопствените учења. Ом ја посетувал гимназијата во Ерланген од неговата единаесетта година до петнаесеттата, но тука напреднал многу малку во доменот на научната обука. Неговиот татко, загрижен дека синот ја троши својата образовна можност, го испратил во Швајцарија. Таму во септември 1806 година Ом прифатил позиција како учител по математика во училиште во Готштат беј Нидау (Gottstadt bei Nidau). Паралелно со учителската кариера ги продолжува приватните студии по математика,а во април 1811 година се вратил на Универзитетот во Ерланген.

Сопствените студии го подготвиле Ом за докторатот којшто го остварил на Универзитетот во Ерланген, на 25 октомври 1811 година. Тој веднаш се придружил на тамошниот факултет како предавач по математика. Незадоволен од својата работа, сменил неколку работни места и започнал да пишува учебник за основите во геометријата, како начин да ги докаже своите способности. Го испратил својот комплетен ракопис до кралот Вилхелм III од Прусија. Кралот бил задоволен од книгата на Ом и му понудил позиција во језуитската гимназија во Келн на 11 септември 1817 година. Ова училиште имало углед за добро научно образование и од Ом се барало покрај математиката да предава и физика.

Лабораторијата за физика била добро опремена, дозволувајќи му на Ом да започне експерименти во физиката. Во 1852 година го објавил своето дело “Галванското коло, математички истражувано” (Die galvanische Kette, mathematisch bearbeitet). Колегите не ја ценеле неговата работа, поради што си дал оставка и се вработил во Tехничкото училиште во Нирнберг во 1833 година. Во 1849 година го објавил делото “Молекуларна физика” (Beiträge zur Molecular-Physik), а во 1852 година станал професор по експериментална физика на Универзитетот во Минхен. Ом починал во Минхен 1854 година каде е и погребан.

Иако делото на Ом силно влијаело врз теоријата, во почетокот било примено со мал ентузијазам. Сепак, неговото дело на крајот било признаено од Кралското друштво со доделувањето на медалот Копли (Copley Medal) во 1841 година. Тој станал странски член на Кралското друштво во 1842 година, а во 1845 година станал полноправен член на Баварската академија на науките и хуманитарните науки. Името на Ом, во негова чест, е вметнато во терминологијата на електричната наука во законот на Ом каде пропорционалноста на струјата и напонот во отпорник е усвоена како SI единица за отпор - Ом (симбол Ω). (Д. М.)

Клучни зборови: