Оваа астрофотографија на маглината Орел, верувале или не, е направена од двор во Скопје, на само неколку стотини метри од центарот на градот. Фотографијата е дело на астрономот-аматер Сашо Панов, којшто ја сликал на 28 јуни користејќи ја професионалната астрономска фотокамера ZWO ASI183MM Pro и првокласниот апохроматски рефракторски телескоп Meаde 6000 APO triplet со 115 mm дијаметар на објективот, поставен на врвната компјутерски/GPS контролирана екваторијална монтажа iOptron CEM40 EC.
Фотокамерата има вградено ладење до -45˚C (за помалку шум во сликата) и CMOS сензор со резолуција од 20 М пиксели. Само за илустрација – фотокамерата чини 1 000 долари, телескопот 1 900 долари, а монтажата 3 000 долари! При фотографирањето се користени теснопојасните (7 nm) филтри OIII, SII и Hɑ (производство на ZWO), а обработката е направена со софтверот PixInsight. Вкупното времетрање на експозицијата била 14 часа и 42 минути.
Маглината Орел, наречена и Ѕвездена Кралица, каталогизирана како Месие 16 (М16) и сместена во соѕвездието Змија, е гасен облак составен претежно од водород, многу мал дел од кислород, сулфур и други елементи, во чиј склоп се наоѓа и младо отворено јато ѕвезди. Маглината е откриена од Жан-Филип де Шезо во 1745/1746 година. Називот Орел доаѓа од обликот на темната силуета во центарот на маглината, област позната како Столбови на создавањето, којашто е истовремено и една од попознатите астрофотографии направени со вселенскиот телескоп Хабл. Маглината има неколку активни региони со ѕвезден прав и гас, кадешто се формираат млади ѕвезди, вклучително и Столбовите на создавањето кои се познати како ѕвездени јасли. гасови
М16 е дел од дифузно-емисиската маглина, регионот H II, којашто ја носи каталошката ознака IC4703. Младото ѕвездено јато ги јонизира гасовите во маглината и со тоа ја индуцираат нејзината емисија на светлина. Оваа област со ѕвездените јасли е оддалечена 5700 светлински години од нас. Шпицот од гас, којшто може да се забележи како излегува од маглината е долг 9,5 светлински години односно 90 трилиони километри. Ѕвезденото јато во оваа маглина има приближно 8100 ѕвезди, кои најмногу се концентрирани во празнината на молекуларниот облак во северозападниот дел од Столбовите. Најсјајната ѕвезда HD168076 има привидна магнитуда од +8.24 и е лесно видлива со добар двоглед. Се работи всушност за бинар, со маса од приближно 80 сончеви маси и сјај 1 милион пати поголем од сјајот на Сонцето. Староста на ѕвезденото јато е проценета на 1 до 2 милиони години.
Повеќе информации за авторот на оваа фантастична астрофотографија, Сашо Панов, може да најдете тука, каде што има прекрасна галерија од сите негови досега направени астрофотографии.