Рубрика: Омнибус
10 факти за... ИЗБОРИТЕ
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.06.2020 - 15:30

Во следниот напис ви пренесуваме неколку интересни занимливости за изборите како процес.

1. Честопати се вели дека Грција е лулка на демократијата. Но, најстарата држава со демократска традиција не е Грција, туку кралството Ебла коешто постоело некои 2000 години порано на просториите на денешна Сирија, а каде кралевите биле избирани на избори и имале 7 годишен мандат.

2. Уште едно изненадување. Луѓето не се единствените коишто имаат избори и референдуми. Кога ќе дојде време за промена на кошницата пчелите имаат своевиден референдум за одлучување на најдобрата локација: откако пчелите “извидувачи” ќе се вратат од можните локации за ново гнездо тие играат. Пчелите коишто играат најживо ги привлекуваат другите работничи сè дури еден од роевите (со најмногу гласови smiley ) не победи.

3. Во 2007 г. научниците решиле да се позанимаваат со мозочните активности на неодлучените избирачи додека ги следат обраќањата на водечките претседателски кандидати во изборната трка во САД. Мозочната активност на избирачите била на најмало ниво додека ги следеле обраќањата на Џон Меккејн и Барак Обама.

4. Во Белгија, каде излегувањето на избори е задолжително, има закон според кој на граѓаните коишто не се појавиле да гласаат на 4 избори во период од 15 години им е забрането да гласаат во наредните 10 години. Ако навистина се придржувааат до ова, кој гласа?

5. Ако сметате дека ова е збунувачки не знам што тогаш би можело да се каже за Венецијанците. Повеќе од 500 години Дуждот на Венеција го избираат 30 членови на Великиот Совет коишто се одбрани по случаен избор. Oвој избор потоа на ист начин се сведува на 9 луѓе коишто потоа избираат 40 нови луѓе чијшто број по случаен избор се сведува на 12, коишто потоа избираат 25, кои по случаен избор се сведуваат на 9, кои потоа избираат 45, коишто потоа, пак по случаен избор се сведуваат на 11, коишто потоа избираат 41 кои конечно ги избираат Великиот дужд. Иако изборниот процес е доста конфузен, во пракса правел чуда во поглед на избегнување на корупција и местење на изборите поради нечии посебни интереси.

6. Машината за гласање со лост е конструирана од страна на Јакоб Х. Мајерс и за првпат е употребена во Локпорт, Њујорк, САД. Според зборовите на нејзиниот пронаоѓач машината била конструирана со цел процесот на избирање да биде што поедноставен и вистински таен. Машината имала повеќе движечки делови од кој и да е друг уред кој бил во употреба во тоа време.

7. Во Швајцарија во 2007 за гаранција на тајноста на гласовите била употребена (верувале или не) квантната физика. Клучевите за кодирање и декодирање на електронското гласање при пребројувањето биле емитувани со употреба на поларизирани фотони.

8. За изборите во 2006 година американското Министерство за одбрана создало интернет базиран избирачки систем за да им се овозможи непречено гласање на американците коишто се наоѓаат надвор од нивната татковина. Изработката на целиот систем чинела 830 000 американски долари. Правото на глас на овој начин го искористиле 63 американци. Цената по глас пресметајте ја сами wink .

9. Местото на кандидатот на гласачкото ливче е битно. Постои т.н. вертикален ефект на блискост каде непознатите кандидати коишто се наоѓаат во близина на познати имиња од популарни кандидати добиваат повеќе гласови. Исто така постои и тенденција на заокружување на првото име на листата на гласачкото ливче. Во Австралија, кадешто излегувањето на избори е задолжително, на овој начин се добиваат 1% од гласовите.

10. Дури и времето влијае на изборите. Помеѓу 1948 и 2000 година на секои 2 cm дожд за време на Изборниот ден во САД имало 0,7% помал одѕив на гласачкото тело. Според некои компјутерски симулации доколку во 1960 за време на изборите во САД паѓал дожд Никсон ќе го победел Кенеди, а во 2000 Гор ќе го победел Буш.

Клучни зборови: