Рубрика: Медицина
Разбивање на митот за колективен имунитет од SARS-CoV-2
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 24.06.2020 - 13:15

Иако преовладувачкото мислење кај научниците уште во февруари беше дека наводниот колективен имунитет (анг. herd immunity) којшто би се стекнал со прележување е голема, непозната и опасна авантура бидејќи во тој момент речиси ништо не се знаеше за антителата од SARS-CoV-2 и за нивното времетраење, сепак одредени здравствени и политички авторитети од влијателни европски држави, експлицитно или имплицитно, заговараа ваков приод, парафразирам:

Најдобар начин да се справиме со пандемијата предизвикана од новиот коронавирус e да дозволиме слободно да се шири и откако ќе се заразат 50-70% од населението, ќе постигнеме колективен имунитет и ќе го победиме вирусот.“

Но, за многу кратко време се премислија. Зошто? Едноставно, ја увидоа убиствената моќ на вирусот и под притисок на јавноста се свртеа кон конзервативната стратегија – општо затворање на општеството и социјална изолација од највисок степен. Меѓутоа, некои држави, сепак, одлучија да одат само со лабави мерки. Многубројни и гласни псевдонаучници и поборници на моделот со колективен имунитет, пак, и глобално и кај нас, не стивнаа со критиките на конзервативниот модел.

 

Како и да е, останаа неколку неодговорени прашања околу таканаречениот колективен имунитет:

1. Дали и какви антитела се создаваат по заразување со SARS-CoV-2 и прележување на COVID-19?

2. Дали и асимптоматските заразени развиваат антитела?

3. Колку време трае способноста на антителата и мемориските лимфоцити да заштитат од повторна инфекција?

Заговорниците на колективниот имунитет преку масовно заразување не ги знаеја одговорите на овие прашања, но тоа не ги спречуваше да ги шират своите псевдонаучни теории. Настрана фактот дека дури и да се постигне колективен имунитет со масовно заразување, цената што би ја платиле е во опсегот 0,5 – 1% смртни случаи од сите заразени (за повеќе детали, види овде). Во превод, тоа би значело 6-12 илјади починати во нашата држава, или глобално, би починале 25 – 50 милиони луѓе; под претпоставка дека за колективен имунитет, максимум 70% од целокупното население би се заразиле.

Бидејќи вирусот е нов и недоволно познат, истражувањата мошне бавно, но сигурно, веќе ги даваат одговорите. Во новата студија објавена пред неколку дена во списанието Nature Medicine, расветлени се дел од овие прашања. Накратко, за време на студијата биле испитувани две групи заразени со SARS-CoV-2: со симптоми на COVID-19 (симптоматски носители) и без симптоми на COVID-19 (асимптоматски носители). Двете групи биле хоспитализирани и нивоата на нивните вирусно-специфични IgG и IgM антитела биле мерени за време на акутната фаза (при големи количини на вирус детектирани во респираторни примероци) и осум недели по отпуштањето од болница. Резултатите се неочекувани и изненадувачки (слика 1):

 

Слика 1: а. Споредба на нивоата на вирусно-специфични антитела кај асимптоматски пациенти (n = 37) и симптоматски пациенти (n = 37) со акутни инфекции; b. Нивоа на IgG кај пациенти во конвалесцентна фаза кои биле отпуштени од болницата; c. Динамички промени на вирусно-специфични IgG нивоа во акутна и во конвалесцентна фаза; d. Динамички промени кај неутрализирачки серумски антитела во акутна и во конвалесцентна фаза. d. IgG-позитивни пропорции на пациенти со COVID-19 во акутнa и во конвалесцентна фаза.

  • Околу 20% од заразените во двете групи воопшто не развиле IgG антитела, и помеѓу 20 и 40 проценти од заразените воопшто не развиле IgM антитела (овие антитела, хронолошки, се првата линија на отпорот).
  • Осум недели по отпуштањето од болница, луѓето од двете групи имале значително намалени нивоа на неутрализирачки антитела, при што редукцијата кај симптоматските носители била дури и поизразена.
  • Две третини од асимптоматските носители имале абнормални радиолошки наоди на едното белодробно крило, додека останатите 33% имале абнормалности на двете белодробни крила.

 

Кои се импликациите од овие сознанија?

Прво, кај најмалку 20% од инфицираните со SARS-CoV-2, без разлика дали ќе развијат симптоми или не, воопшто не се развиваат антитела. Како би се заштитиле тие луѓе од повторна инфекција без антитела?

Второ, неутрализирачките нивоа на антитела значително опаѓаат кај најголемиот број заразени во рок од два месеца по ослободувањето од вирусот. Како би се заштитиле тие луѓе од повторна инфекција по неколку месеци од првата инфекција?

Сепак, меморијата на имуниот систем, освен антитела, содржи и мемориски T и B клетки кои во иднина можат да реагираат на нови напади од истиот патоген. За SARS-CoV-1 е познато дека мемориските T клетки биле детектирани и 6 години по инфекцијата. Но, за мемориските B клетки индуцирани од SARS-CoV-1 инфекција било утврдено дека се намалиле за повеќе од 90% во период од 2-8 месеци по инфекцијата. Колку време се задржуваат овие мемориски клетки кај опоравени од SARS-CoV-2 допрва треба да се истражи (слика 2).

Слика 2: Долгорочната заштита од повторна инфекција може да се постигне со мемориски T и B клетки. Во студија која ги анализирала мемориските B клетки индуцирани од SARS-CoV-1 било утврдено дека IgG мемориските B клетки се редуцирале за повеќе од 90% во период од 2-8 месеци по инфекција. За SARS-CoV-2 ова прашање допрва треба да се одговори.

Трето, веројатно најголемиот дел од инфицираните со SARS-CoV-2 поминуваат без симптоми. Но, дали поминуваат и без последици имајќи ги предвид абнормалностите што јасно се гледале на томографските снимки кај сите асимптоматски носители на вирусот (слика 3)? Долгорочните последици врз здравјето на овие луѓе се непознати.

Слика 3: а. Снимка од компјутерска томографија на 45-годишна жена, која покажува фокална полупроѕирност на долниот лобус на левото белодробно крило (стрелка); b. Снимка од компјутерска томографија на 50-годишна жена, која покажува полупроѕирност и ленти коишто коегзистираат во долниот лобус на десното белодробно крило (стрелка).

Новите сознанија за овој вирус и неговото влијание врз здравјето на луѓето допрва ќе доаѓаат, но и ова што досега го знаеме е доволно за да заклучиме дека целото човештво се соочува со еден исклучително опасен и подмолен непријател, а најголемата грешка што би можеле да ја направиме е да го потцениме.

Колективен имунитет со масовно заразување? Не, благодариме!

Клучни зборови:
Состојбата со антителата кај асимптоматски и симптоматски пациенти

а. Споредба на нивоата на вирусно-специфични антитела кај асимптоматски пациенти (n = 37) и симптоматски пациенти (n = 37) со акутни инфекции; b. Нивоа на IgG кај пациенти во конвалесцентна фаза кои биле отпуштени од болницата; c. Динамички промени на вирусно-специфични IgG нивоа во акутна и во конвалесцентна фаза; d. Динамички промени кај неутрализирачки серумски антитела во акутна и во конвалесцентна фаза. d. IgG-позитивни пропорции на пациенти со COVID-19 во акутнa и во конвалесцентна фаза.

Оштетувања на белите дробови по прележан Ковид-19

а. Снимка од компјутерска томографија на 45-годишна жена, која покажува фокална полупроѕирност на долниот лобус на левото белодробно крило (стрелка); b. Снимка од компјутерска томографија на 50-годишна жена, која покажува полупроѕирност и ленти коишто коегзистираат во долниот лобус на десното белодробно крило (стрелка).

Долгорочната заштита од повторна инфекција може да се постигне со мемориски T и B клетки.

Долгорочната заштита од повторна инфекција може да се постигне со мемориски T и B клетки. Во студија која ги анализирала мемориските B клетки индуцирани од SARS-CoV-1 било утврдено дека IgG мемориските B клетки се редуцирале за повеќе од 90% во период од 2-8 месеци по инфекција. За SARS-CoV-2 ова прашање допрва треба да се одговори.