Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 17/18.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 17.06.2021 - 14:00

Во овој времеплов го славиме роденденот на Вилијам Крукс, но и на Статуата на Слободата и на првите LP изданија. Покрај ова ги одбележуваме подвизите на Амелија Ерхарт, првата жена која го прелета Атлантикот, и Сели Рајд, првата американка и трета жена која се вивна во вселената.

 

17.6.1832 – Роден е Вилијам Крукс

Вилијам Крукс (William Crookes) е англиски хемичар најпознат по откривањето на елементот талиум.

Поранешниот учител на Крукс, Август фон Хофман, му испратил примерок од згура. Крукс само што го променил фокусот на неговите истражувања од органска хемија во проучување на соединенијата на селенот. Згурата била нуспроизвод од фабриката за сулфурна киселина во Тилкероде, Германија и содржела селен. Хофман сакал да се изнајде некој метод за екстракција на селенот од примерокот. Крукс направил спектрална анализа на примерокот и потврдил дека згурата содржи поголема количина селен. Но, истовремено тој забележал светлозелена линија што досега не ја видел. Понатамошната истрага покажала дека зелената линија во спектарот припаѓа на нов елемент којшто Крукс го именувал како талиум, според грчкиот збор талос што значи фиданка, според зелената линија што го довела до откритието.

Крукс е познат и по Круксовиот радиометар, кој денес се продава како сувенир и интересна играчка во многу музејски продавници и продавници за подароци. Крукс го измислил уредот, откако се обидел да измери хемиски примероци на чувствителна, делумно вакуумирана вага. Тој забележал дека вагата се придвижува под дејство на сончевата светлина. Со цел да го испита овој феномен Крукс го создал радиометарот. Уредот се состои од вакуумирана стаклена топка во којашто е сместено вретено на коешто се закачени три или четири лесни метални листови. Листовите се сјајни од едната страна и зацрнети од другата. Кога светлината ќе ги погоди леталните ливчиња, вретеното започнува да се врти како резултат на светлосен притисок. Притоа сјајните страни се движат кон светлината, а темните страни се одбиваат. Ако радиометарот се лади, тој ќе се врти во спротивната насока. Подоцна е откриено дека инфрацрвената светлина има најголем ефект врз уредот. Па така радиометарот може дури и да почне да се врти и во темница ако ги поставите рацете околу стаклената сфера. Топлината од вашата рака ќе произведе доволно инфрацрвено зрачење за листовите да почнат да се вртат. Денес радиометарот се користи во училниците за демонстрација на принципите на топлински мотор кој се напојува од светлина. Освен оваа намена, радиометарот е и интересен украс за секоја канцелариска работна маса, секако поневообичаен од математичко нишало  ;) (Н. С.)

 

17.6.1928 – Амелија Ерхарт стана прва жена којашто го прелета Атлантикот

Првиот лет на Ерхарт преку Атлантскиот Океан е лет во којшто таа била дел од екипажот од тројца. Притоа, иако Ерхарт имала пилотска дозвола, таа не управувала со авионот, туку била задолжена за водење на дневникот на летот. Авионот од типот Fokker F.VII го пилотирал Вилмер Штулц, а копилот и механичар му бил Гордон Вест.  Летот траел вкупно 20 часа и 40 минути.

За реализирање на првиот соло-лет на жена илот преку Атлантикот, Ерхарт ќе почека уште четири години. (Н. С.)

 

17.6.1885 – Во Њујорк пристига Статуата на Слободата

Статуата на Слободата ја донесе францускиот брод Изер (Isere). Стотици илјади граѓани ја пречекаа статуата којашто ќе стане симбол на градот Њујорк и еден од најпрепознатливите симболи на Америка.
Статуата претставува подарок на САД од народот на Франција. (Н. С.)

 

18.6.1983 – Првата американка полета кон вселената

Првата американка и воопшто третата жена којашто ќе патува до вселената и назад, Сели Рајд, беше дел од четиричлениот екипаж на спејс-шатлот Челинџер за време на вселенската мисија STS-7. Во времето на оваа мисија Рајд била на возраст од 32 години, со што ќе стане и дотогаш најмладиот американски астронаут што патувал во вселената.

Примарна цел на мисијата беше лансирање на 2 комуникациски сателити, употреба на придружниот сателитски палет на спејс-шатлот (SPAS-1), спроведување низа експерименти во товарниот оддел од шатлот, и тестирање на TDRS сателитот.

При лансирањето на спејс-шатлот во вселената, првата американка во вселената добила голема поддршка. Голем дел од луѓето кои присуствувале на лансирањето носеле маички на коишто биле испишани стиховите “Ride, Sally Ride” од песната “Мустанг Сeли” на Вил Пикет. (Н. С.)

 

18.6.1948 – Претставена првата LP плоча

Истражувањата коишто доведоа до LP плочата каква што денес ја познаваме започнале во 1941 година, биле прекинати за време на Втората светска војна, за потоа да продолжат во 1945 година, за конечно да бидат крунисани со успех во 1948 година.

Колумбија Рекордс го претстави LP на прес-конференција во хотелот Валдорф Асторија на 18 јуни 1948 година, во два формати: 10 инчи (пречник од 25 сантиметри), коишто се репродуцирале со брзина од 78 вртежи во минута, иста како и сингловите, и со дијаметар од 12 инчи (30 сантиметри). Првично биле издадени 133 плочи со овој формат и тоа 85 плочи со пречник од 12-инчи и снимки од класична музика, 26 плочи со пречник од 10-инчи исто со класична музика, осумнаесет популарни песни на плочи од 10 инчи  и четири 10- инчни плочи со детски песни. Според каталогот на Колумбија Рекордс за 1949 година, издаден во септември 1948 година, првиот 12-инчен LP содржи запис од “Концерт на Менделсон во E-minorЌ со Натан Милштајн како солист на виолина заедно со Њујоршката филхармонија под диригентската палка на Бруно Валтер.

Биле објавени три серии од 10-инчни LP-а – со популарна музика, со реобјава на “Гласот на Френк Синатра“; со класична музика, во која е вклучено и издание на 8-та Бетовенова симфонија; и серијал со музика за деца. (Н. С.)

Клучни зборови:
Вилијам Крукс

Вилијам Крукс

Круксовиот радиометар

Круксовиот радиометар

Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт

Амелија Ерхарт

Од поставувањето на Статуата на Слободата

Од поставувањето на Статуата на Слободата

Групна фотографија на астронаутите од мисијата СТС-7

Групна фотографија на астронаутите од мисијата СТС-7

Сели Рајд

Сели Рајд

Промотивниот плакат за првите ЛП плочи од Колумбија Рекордс

Промотивниот плакат за првите ЛП плочи од Колумбија Рекордс

Правење на тонски запис на ЛП плоча

Правење на тонски запис на ЛП плоча