Научниците открија и известуваат за нови мошне чудни сознанија коишто се однесуваат за една група ѕвезди. Имено, тие утврдиле дека однесувањето на овие ѕвезди отстапува од стандардите за однесувањето на сите други ѕвезди.
Да објасниме, сите ѕвезди се класифицирани во вкупно 8 (осум) различни категории, а наведеното отстапување е утврдено кај групата којашто припаѓа во категоријата ѕвезди со маса од 0,4 до 6 Сончеви маси. За оваа категорија ѕвезди карактеристично е дека тие завршуваат како бели џуџиња, но откако претходно ќе поминат низ фазата на т.н. црвени џинови. Ова се случува кога тие ќе го потрошат сето нивно нуклеарно гориво содржано во нивното јадро, а термонуклеарниот процес ќе продолжи уште само извесно време под дејство на нуклеарното гориво (водородот) заостанато надвор од јадрото. Притоа нивниот волумен драстично ќе порасне, па така ѕвездата ќе стане црвен џин, а кога и тој процес ќе згасне, ѕвездата ќе колапсира во себе и ќе заврши како бело џуџе. Патем кажано, таквата судба го чека и нашето Сонце по околу 4,57 милијарди години. Тогаш неговиот волумен ќе порасне досегајќи преку орбитите на планетите Меркур, Венера и Земјата. Но, бидејќи тогаш Сонцето ќе загуби дел од неговата маса, според физичкиот закон за запазување на моментот на ротацијата, сите планети соодветно ќе се оддалечат од него на ново растојание, па според пресметките на космолозите, жртва ќе биде само планетата Меркур.
Споредба на ѕвезда во фаза црвен џин со нашето Сонце.
Така е кај вообичаените ѕвезди од наведената категорија со 0,4 до 6 Сончеви маси. Меѓутоа, кај извесни ѕвезди од истата таа категорија, ова не е случај. Ова го открила една група истражувачи, предводена од Јзан Момани (Yazan Momany), космолог при Астрономската опсерваторија во Падова, Италија.
Набљудувајќи го ѕвездениот состав во една од ѕвездените групации т.н. глобуларни јата (globular clusters), истражувачите утврдиле дека една група ѕвезди од наведената категорија, кога ќе го потрошат сето нивно нуклеарно гориво, не поминуваат низ фазата на црвени џинови, туку таа фаза ја прескокнуваат и директно преминуваат во состојбата на бели џуџиња, што е невообичаено чудно за поголемиот број ѕвезди од оваа категорија.
Тоа е првата многу чудна особина на дел од оваа категорија ѕвезди. Втората подеднакво чудна особина е невообичаениот начин на циклична промена на нивниот светлински сјај, т.е. циклусното намалување и повторно зголемување на сјајот. Да не дојде до забуна, овде ќе кажеме дека ѕвездите со циклусно променлив сјај се вообичаена категорија ѕвезди, и досега се откриени околу 30 000 такви ѕвезди. Впрочем и нашето Сонце перманентно циклусно го менува неговиот сјај со периода од 11 години, но во многу мали граници – околу 0,01%, што е забележливо единствено со најпрецизни инструменти. Меѓутоа, проблемот е во тоа што променливиот сјај кај вообичаените ѕвезди се појавува како резултат на цикличната појава и исчезнување на темни, постудени места во однос на температурата на околната површина. Кај нашето Сонце тие места се наречени сончеви пеги. Оваа појава го намалува светлинскиот сјај на таа ѕвезда, но кај наведените чудни ѕвезди е обратно. Кај нив наместо циклична појава и исчезнувања на темни постудени места, се појавуваат и исчезнуваат посветли и пожешки места, и при нивното појавување ѕвездата добива поголем светлински сјај (види ја сликата подолу). Научниците засега немаат објаснување за ваквото однесување на тие ѕвезди, туку само наведуваат дека нешто чудно се случува кај нив. Сепак, таа појава тие ја поврзуваат со истата причина како и кај сите други ѕвезди со променлив сјај – турбуленции во нивното магнетско поле.
Причината за промена на ѕвездениот сјај – појава и исчезнување на жешки сјајни места.
Истражувањето продолжува и се очекува разрешница на енигмата. Дали се работи за нов, досега непознат тип ѕвезди?
Наодот е објавена на 1 јуни оваа година во списанието Nature Astronomy.