Рубрика: Медицина
Маските се клучен фактор за забавување на пандемијата
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 15.06.2020 - 16:15

Која рута за пренесување на корона вирусот (SARS-CoV-2) е најчест начин за инфицирање? Колкав е ефектот од мерките „социјално дистанцирање“, „полициски час“ и „носење маски“? Студијата објавена пред неколку дена во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“ дава одговори на овие исклучително важни прашања.

Конечно, сознанијата стекнати од различни истражувања спроведени од различни светски истражувачки центри, водат кон исти и цврсти заклучоци:

1. Доминантен начин на заразување е по воздушен пат. Заразениот (со или без симптоми) преку зборување, викање, кашлање или кивање исфрла големи количества капки (>5 μm) и аеросоли (<5 μm). Вториве се најопасни бидејќи се задржуваат најдолго во воздухот, се вдишуваат и вирусот почнува да се размножува.

2. Интересен, но изненадувачки заклучок е дека мерките за социјално дистанцирање и карантин даваат резултати, но ни приближно толку колку мерката за покривање на лицата, т.е. маските.

а) Италија и Њујорк се фантастични примери за ефектот на маските. На слика 1 многу јасно се гледа дека кумулативниот број на инфекции во Италија и во Њујорк, за неколку дена по воведувањето на мерката за задолжително носење маски, на 6 и 17 април, соодветно, од линеарно растечки се претвора во експоненцијално забавувачки.

б) Споредбата на Њујорк и САД (без Њујорк) е уште пофантастична. Слика 2 прикажува драматична разлика меѓу САД (без Њујорк, графикон B) и Њујорк (графикон A). Мерката „социјално дистанцирање“ речиси не дава резултати. По неа следува мерката „седи дома“. Оваа дава резултат, но дневниот број на новозаразени останува речиси константен. Конечно, во Њујорк, се воведува мерката „носи маска“ на 17 април. Но, во остатокот од САД не е задолжителна.

И бум! Њујорчаните можеби не биле толку дисциплинирани во носењето маски како граѓаните на Хонгконг и Тајван, но ефектот е очигледен. Додека САД сè уште имаат речиси константен дневен прираст, Њујорк полека се приближува кон запирање на пандемијата (слика 3).

Како што заклучуваат авторите на студијата, науката мора да биде основа на којашто ќе се темелат политиките за справување со пандемијата. Овие цврсти научни сознанија треба да бидат пренесени до креаторите на политиките и треба да служат како примарна основа при носењето одлуки во врска со реотворањето на економијата.

Клучни зборови:
Слика 1

Слика 1

Слика 2

Слика 2

Слика 3

Слика 3