За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови пишуваме за математичкиот гениј на Џон Неш и за човекот којшто ги откри крвните групи кај луѓето, Карл Ландштајнер.
13.6.1928 – Роден е Џон Неш, американски математичар, нобеловец
Џон Неш (John Forbes Nash) бил американски математичар кој дал фундаментални придонеси во теоријата на игри, диференцијалната геометрија и проучувањето на парцијалните диференцијални равенки. Неговата работа обезбедила увид во факторите што управуваат со шансите и одлучувањето во комплексните системи што се наоѓаат во секојдневниот живот. Неговите теории се широко распространети во економијата.
Роден е на 13 јуни 1928 година во Блуфилд, Западна Вирџинија. Посетувал јавно училиште. Родителите на Неш имале можност да го надополнат образованието на нивниот син и тој земал напредни курсеви по математика во локалниот колеџ за време на последната година од средното училиште. Го посетувал Карнеги институтот за технологија (Carnegie Institute of Technology ) со добиена целосна стипендија, првично специјализирајќи за хемиски инженер. Советуван од неговиот професор по математика се префрлил на математика. После дипломирањето на 19 годишна возраст (1948), ја прифатил стипендијата од Универзитетот Принстон (Princeton University), каде што продолжил понатаму на постдипломски студии по математика. Советникот на Неш и поранешен професор на Карнеги, Ричард Дафин (Richard Duffin) напишал препорака за неговиот прием на Принстон во која стоело: “Тој е математички гениј.“ На Принстон започнал да работи на својата теорија на рамнотежа, подоцна позната како рамнотежа на Неш. Докторирал во 1950 година со дисертација од 28 страници за не-кооперативни игри.
Во 1959 година, Неш започнал да покажува јасни знаци на ментално заболување и поминал неколку години во психијатриски болници на лекување од параноидна шизофренија. По 1970 година, неговата состојба полека се подобрила и со огромната поддршка од сопругата, се вратил на академска работа до средината на 1980-тите години.
Помеѓу 1945 и 1996 година, тој објавил 23 научни студии. Работејќи како постар математичар за истражување на Универзитетот Принстон во текот на подоцнежниот дел од животот, ја споделил Нобеловата меморијална награда за економски науки во 1994 година. Во 2015 година, исто така ја споделил наградата Абел за неговата работа на нелинеарни парцијални диференцијални равенки. Неш е единствената личност што ја добил Нобеловата меморијална награда за економски науки и наградата Абел.
На 23 мај 2015 година, Неш и неговата сопруга Алиша загинале во сообраќајна несреќа додека се возеле во такси на турнир во Њу Џерси.
Неговите борби со болеста и закрепнувањето биле основа за биографијата напишана од Силвија Насар (Sylvia Nasar), со наслов “Прекрасен ум” (A “Beautiful Mind”), според која е снимен и истоимениот филм. (Д. М.)
14.6.1868 – роден е Карл Ландштајнер
Карл Ландштајнер (Karl Landsteiner) е австриски биолог, лекар и имунолог. Дали ја знаете вашата крвна група? Ознаката со буква што се користи за крвните групи е развиена од Карл Ландштајнер. Тој е првиот што направил типизација на крвните групи преку идентификација на антигените на површината на крвните клетки. Притоа тој нашол четири различни класификации или типови: А, Б, АБ и О.
Крвта од тип А има анти-Б антитела и антигени од типот А.
Крвта од тип Б има анти-антитела и антигени од типот Б.
Крвта од тип АБ нема антитела и антигени од типот А и Б.
Крвта од тип О има анти-А и анти-Б антитела и нема антигени.
Ландштајнер понатаму ќе го рафинира својот систем во соработка со Александар С. Винер, воведувајќи резус или Rh фактор. Rh е дополнителен симбол со којшто се означува присуството на Rh антигени во крвта. Позитивната ознака значи дека Rh антигените се присутни во крвта, додека негативната значи дека тие недостасуваат.
Типизирањето на крвта коешто го направи Ландштајнер ги зголеми шансите за успешна трансфузија на крв и за трансплантација на органи. Лекарите сега можат да идентификуваат дали некое лице може да донира или да прима крв врз основа на неговата крвна група и Rh факторот. За оваа работа во 1930 година Ландштајнер ќе биде награден со Нобеловата награда за медицина.
Но ова не е единственото достигнување на Ландштајнер. Тој прв, заедно со со Ирвин Попер, го идентификувал вирусот на детска парализа (polio). Откритието ќе биде од огромна корист во борбата за сузбивање на оваа ужасна болест. (Н. С.)