Рубрика: Историја и археологија
Таинствениот примерок од карпеста уметност направен со пчелин восок
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.06.2020 - 18:15

500-години стариот примерок на карпеста уметност, пронајден на местото наречено Јилбилиџи во близина на Заливот Карпентарија во Северна Австралија, е меѓу најретките во светот. Непознатиот уметник насликал човечка фигура со бумеранг (десно), опкружена со повеќе бумеранзи, комплексен цртеж којшто подразбира создавање минијатурни контури на луѓе, алатки и други форми. Слични вакви, но многу постари мини-графики се пронајдени на повеќе други места во Австралија и насекаде низ светот. Сега, научниците сметаат дека можеби конечно ја решиле загатката за начинот на којшто древните луѓе ги создале.

Абориџинските популации во Австралија создаваат карпеста уметност најмалку 44 000 години. Вообичаено при цртањето, уметникот ја поставувал раката или друг предмет врз карпата а потоа прскале пигментирана течност врз поставката, по што на карпата зад предметот останувал “насликан” неговиот негативен отисок во природна големина.

Но, цртежите на надвиснатите црвени карпи на Јилбилиџи содржат значително помали фигури – 17 минијатури, бумеранзи и геометриски обрасци, сите до еден премали за да може сликарот при нивното создавање како модел да ја користи сопствената рака или некој вистински предмет. Еден од коавторите на трудот објавен минатиот месец на Cambridge Core во секцијата Antiquity, се сетил дека Абориџините честопати користат пчелин восок како еден вид глина за правење на детски играчки со форми на домашни животни и коњи. Можеби и древните уметници што ја создале сликата на карпите користеле пчелин восок за да формираат матрици за пресликување?

Работејќи со претставници на локалното домородно Маорско население, истражувачите се обиделе да ја реплицираат античката уметност користејќи само природни материјали достапни во регионот. Со загревање и обликување на пчелиниот восок, лепење на матриците врз карпата и прскање со пигментна бела боја, тие успеале да произведат карпеста уметност мошне блиска на оригиналите пронајдени на Јилбилиџи.

Како што забележуваат истражувачите минијатурите можеби имале некоја духовна или ритуална намена, но исто така е веројатно да се работи и за детски цртежи. Во прилоф на последново е и самата поставеност на сликите кои се позиционирани релативно ниско на карпестиот ѕид.

Клучни зборови: