Рубрика: Астрономија и астронаутика
Нашиот Сончев систем можеби настанал со меѓугалактички судир?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 09.06.2020 - 13:15

Ова чудно сценарио произлезе од најновите сознанија за историјата на нашата галаксија Млечен Пат. Веќе од порано на научниците им е познато дека во соседство на нашата галаксија орбитираат неколку џуџести галакси, меѓу кои најблиска до нас е џуџестата галаксија Стрелец (Sagittarius). Исто така им е познато и дека поради нејзината голема близина до нашата галаксија, таа неколкупати во минатото се судрувала со халото од нашата галаксија, и при тие делумни судири материја од нејзината периферија се преточувала во нашата 10 000 пати помасивна галаксија. Па така, денес од џуџестата галаксија Стрелец останал само нејзиниот компактен средишен дел.

Дали овие преточувања при судирите имале некакво дејство врз постоечката ѕвездена популација во нашата галаксија и, што е особено интересно, дали тие имале влијание и врз формирањето на нашиот Сончев систем? Како одговор на ова прашање, група истражувачи од Институтот за астрофизика во Канара Тенерифе, Шпанија, објави нова студија во списанието Naturе Astronomy. Студијата се заснова врз податоците од проектот ГАИА (GAIA –Green Awareness In Action), амбициозен проект на ЕСА, кој што има за цел да состави тридимензионална мапа на нашата галаксија Млечен пат.

Веќе од претходните истражувања се знаеше дека досега научниците евидентирале 3 такви судири што се случиле во минатите 6 милијарди години помеѓу овие две галаксии. Првиот судир бил пред околу 5 до 6 милијарди години, вториот пред околу 2 милијарди години и, конечно, третиот пред околу 1 милијарда години (види го приказот на сликата во прилог). За да утврдат дали овие судири имале влијание врз ѕвездената популација во нашата галаксија, научниците го утврдувале времето на појавување на ѕвездите во сфера со радиус од околу 6 500 светлосни години околу нашето Сонце, и ги проучувале нивните светлински спектри. Добиените податоци ги споредиле со податоците содржани во постоечкиот еволуциски модел за ѕвездите.

Трите судири на џуџестата галаксија Стрелец со нашата галаксија Млечен Пат

Резултатот од студијата го обелоденил Томас Руиз-Лара, главниот автор на споменатата студија од Naturе Astronomy. Еве го неговото објаснение:

Кога ние ја гледаме нашата галаксија Млечен пат, според податоците од мисијата ГАИА, во нејзината историја наошаме три периоди на изразито помасовен пораст на ѕвездената популација. Првиот таков пораст бил пред 5-7 милијарди години, вториот пред 1,9 милијарди години, и третиот пред 1 милијарда години. Овие временски периоди во голема мера се совпаѓаат со периодите во кои галаксијата Стрелец се судирала, т.е. поминувала низ халото на нашата галаксија Млечен Пат. Па реално, може да претпоставиме дека при тие судири, кон нашата многу помасивна галаксија се слевала дополнителна материја од гас и прашина со потекло од таа џуџеста галаксија. Ова прелевање на материја од “надворешно” потекло, предизвика на некои места во нашата галаксија да се зголеми густината на претходно постоечката материја, и тоа зголемување било своевиден “прекинувач” којшто иницирал поинтензивното формирање на нови ѕвезди во тие региони”.

Но, дали ова влијание од судирот имало удел и на формирањето на нашиот Сончев систем? Во врска со тоа прашање еве го ставот на истражувачот Карме Гаљарт (Carme Gallart), коавтор на студијата, кој вели:

Ние не знаеме дали во потеклото на нашиот Сончев систем имала удел и материјата од гас и прашина којашто потекнува од галаксијата Стрелец, меѓутоа, знаеме дека староста на Сонцето се совпаѓа со староста на ѕвезда формирана како последица од дејството на таков судир помеѓу двете галаксии. Па според тоа, таквото сценарио е реално можно, а тоа фактички би значело дека можеби Сонцето и неговите планети не би постоеле ако џуџестата галаксија Стрелец не се судреше со нашата галаксија Млечен пат”.

Во иднина, џуџестата галаксија Стрелец ќе продолжи повремено да поминува низ халото на нашата галаксија Млечен Пат, но ќе биде сè поблиску до неа, за на крајот целосно да се соедини.

Клучни зборови:
Трите судири на џуџестата галаксија Стрелец со нашата галаксија Млечен Пат

Трите судири на џуџестата галаксија Стрелец со нашата галаксија Млечен Пат