Нов чип постави рекорд во брзина на преземање податоци
Малиот чип, наречен микрочешел, би можел еден ден да ги замени постоечките интернет инфраструктури, овозможувајќи проток на податоци со неверојатна брзина и обезбедувајќи стабилна врска на луѓето низ целиот свет, дури и при големи оптоварувања.
Експертите од Австралија постигнале рекордна интернет брзина од 44,1 терабити во секунда, овоможувајќи им на корисниците да преземат и до илјада HD филмови во секунда. За префрлување на податоци низ подтоечката комуникациска инфраструктура во Мелбурн тимот, составен од истражувачи од Универзитетите Монаш, Свинберн и РМИТ, користел специфичен тип на оптички чип, таканаречен микрочешел, којшто содржи стотици инфрацрвени ласери.
Најбрзата комерцијална интернет брзина во светот моментално ја ужива Сингапур, каде просечната брзина на проток на податоци од 197,3 мегабити во секунда.
Во Австралија оваа брзина изнесува 43,4 мегабити по секунда, што е милион пати побавно од брзината постигната на тестот.
Докторот Бил Коркоран, од Универзитетот Монаш, рекол дека во моментов постои глобална трка за адаптација на оваа технологија на комерцијално ниво, со оглед на тоа што овој микрочешел може да има мошне голема примена во широк дијапазон технологии. Тој истакнал дека смета дека технологијата најнапред, за две до три години, ќе стане достапна за употреба во специјалните институции и истражувачките лаборатории, а првата комерцијална употреба би се случила по приближно пет години.
Оваа голема брзина за проток на податоци не е толку битна за квалитетното стримување на Нетфликс колку што ќе овозможи поддршка за бројни други технологии кои имаат многу поголеми побарувања за проток на податоци, како што се комуникациските технологии, на пример, и ред други. Можноста за брз трансфер на огромни количини податоци би била корисна од различни аспекти – кај автономните возила и идните видови на транспорт, во медицината, образованието, финансиите, во комерцијална индустрија итн.