Светското дигитално радио (Digital Radio Mondiale – DRM) е збир на дигитални аудио-радиодифузни технологии, дизајнирани да работат преку опсезите што се користат за аналогната радиодифузија.
DRM може да испорача до FM споредлив квалитет на звукот на фреквенции под 30 MHz (долг бран, среден бран и краток бран), кои овозможуваат ширење на сигналот на големо растојание. DRM е повеќе спектрално ефикасен од AM и FM, дозволувајќи им на повеќе станици да бидат емитувани од ист предавател, со повисок квалитет, во одредена количина на ширина на опсег, користејќи одреден формат за аудиокодирање.
Токму поради овие предности Русија ги продолжи емитувањата DRM (Digital Radio Mondiale) на кратки бранови. Новиот сервис пробно се вика “Радио Пурга” (Радио снежна бура / меќава) и се емитува во регионот Чукотка на рускиот далечен исток. Аналогното емитување на кратки бранови порано функционирало во областа, но во раните 2000-ти радиодифузерот го напуштил аналогното емитување. Територијата на Чукотка е огромна (737 700 квадратни километри), но целната публика брои само неколку илјади. Па така, краткиот бран е единствениот практичен начин да се достигне до населението. Предавателната страна, Комсомолск Амур, која аналогно го емитувала “Гласот на Русија” и сега се користи за програмата DRM. Новата услуга е заеднички проект помеѓу владата во Чукотка и Регионалниот центар на Руската радиотелевизија и радиодифузна мрежа за Далечниот исток.
Користењето на DRM за Радио Пурга има неколку предности во однос на аналогните бранови. Радио Пурга преку DRM, на пример, нуди статичен сигнал и повисока верност. Студиите покажале дека DRM е подеднакво сигурен како и аналогниот краток бран преку оваа оддалеченост како преносот со еден скок.
Радиодифузерот размислува за пренесување на две аудио програми од еден DRM предавател. Ова е нешто што не може да се направи со аналогниот краток бран. Исто така, се планира да се користи можноста на DRM да пренесува кратки текстуални пораки или еден вид RSS-довод (Rich Site Summary). Преносите на DRM исто така користат само една четвртина од моќноста што е потребна за аналогните преноси.
“Во овие оддалечени места имаме 2000 жители на кои им е потребна комуникациска услуга. Северниот морски пат исто така бара внимание”, изјавил Роман Копин, гувернер на Чукотка, минатата пролет кога бил инициран проектот. Покрај морнарите на Северниот морски пат, публиката вклучува геолози, рудари, сточари задолжени за стадата на ирваси и ловци.
Teст-преносите започнале во август минатата година, преку различни DRM режими и широкопојасни опсези за проба на “поставување на хардверот и утврдување на прифатливоста на сигналот”, со цел да се покрие над 95% од областа. Програмата, која засега се состои од музика, се слушнала до САД. Редовното емитување на програма се очекува да започне некаде во наредните неколку месеци.
Една од најголемите предности на кратките бранови отсекогаш била нејзината способност да комуницира на тешко достапни локации. Публиката на Радио Пурга се шири низ неизмерен, далечен регион. Продолжувањето на емитување на кратки бранови преку DRM ќе му овозможи на населението комуникација и во аудио и во текст.