Галаксиите се огромни космички структури составени од ѕвезди, прашина, гас и невидлива темна материја. Сите тие компоненти се меѓусебно поврзани со силата на гравитацијата. За да го сфатиме универзумот, нужно е најнапред да сфатиме како се формирале галаксиите, односно како материјата во универзумот се собрала во такви поединечни големи структури.
Според нашето современо разбирање на космологијата, најраните структури во универзумот биле топчести структури т.н. “халoa” (haloes) од материја, коишто колабирале под дејство на нивната сопствена гравитација. Гасот којшто ги опкружувал тие хало-структури паѓал во нив, и најнапред околу нив формирал гасовит акреционен диск, а подоцна, со тек на време, ги формирал и ѕвездите. Според тоа, да се детектираат тие гасовити дискови во најраните хало-структури, кога во нив сè уште не биле формирани ѕвездите, па и да се утврди времето кога тие структури постоеле, се едни од битните чекори што водат кон разрешување на текот на најраната историја на универзумот. Меѓутоа, таквото истражување бара екстремно моќни телескопски уреди со екстремно чувствителни инструменти, способни да ѕиркаат најдалеку назад во времето и така да откриваат многу далечни космички објекти коишто постоеле во периодот на најраната историја на универзумот.
Во најново време токму такво истражување направи една група космолози под водство на Марсел Нелеман (Marcel Neeleman), космолог од Институтот за астрономија Макс Планк во Хајделберг, Германија. Групата го направила истражувањето со еден од светски најмоќните радио-телескопски системи, опсерваторијата ALMA (Atacama Large Millimeter Array) лоцирана во пустината Атакама во Чиле.
Овој радиотелескоп е способен да детектира многу оддалечени космички објекти и со тоа да детектира објекти коишто постоеле во најраната историја на универзумот. На тој начин истражувачите го детектирале гасовитиот диск во едно галактичко хало. Потоа, со анализа, користејќи го феноменот на црвено поместување во спектарот на емитуваното зрачење од наведениот гасовит диск, тие утврдиле дека тој датира од времето пред околу 12,5 милијарди години, значи само 1,5 милијарда години по Биг Бенгот. И не само тоа, тие исто така утврдиле дека тој гасовит диск е структуиран од изладен гас.
Да објасниме, според постоечките сознанија, се смета дека се можни два начина на акреција на гасовити дискови – со изладен гас или со врел гас. Помеѓу тие две опции, акрецијата со изладен гас е временски побрза во однос на таа со врел гас. Понатаму, според степенот на радијацијата емитувана од поедини точки во детектираниот гасовит диск, групата го мапирала неговиот облик, а резултатот од мапирањето го гледаме подолу на сликата дадена во прилог.
Мапиран облик на откриениот гасовит диск, кој постоел само 1,5 милијарда години по Биг Бенгот.
Конечно, деновиве групата го објави наодот во научното списание Nature.
Вообичаено, наодот поттикна широка дебата помеѓу космолозите. Сепак, засега тие се воздржани во донесување на конечен став за прифаќање или неприфаќање на репрезентативноста на овој наод, со објаснување дека неговите автори простудирале само еден таков случај, па за негова верификација ќе биде нужно да се направи иста таква студија за повеќе откриени такви случаи, датирани од истиот тој најран период во историјата на универзумот.
Како и да е, наодот ги возбуди космолозите, и отвори нова епоха во историјата на универзумот.