Рубрика: Астрономија и астронаутика
По речиси 10 години денес НАСА ќе испрати астронаути до МВС од американско тло
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.05.2020 - 16:00

Во минатото, пристапот на НАСА за обезбедување превоз на астронаутите подразбираше потпирање на сопствени сили и туркање на работите со сопствени мускули. Вака беше сè до "пензионирањето" на спејс-шатлите, по што се створи еден вакуум до развојот на следен вселенски брод на НАСА. Во овој период во којшто НАСА остана без превоз за испраќање на екипаж до МВС на помош дојдоа Русите, па американските астронаути од 2011 година до денес на МВС патуваа со капсулите Сојуз. Но, ако тест-мисијата на Crew Dragon помине како што треба, работите ќе се променат... од корен.

Уште од програмата Меркури, во раните 60-ти години од минатиот век, НАСА користеше речиси идентичен оперативен модел за да ги постигне своите цели за испраќање човек во вселената. Притоа, моделот на работа беше следен – НАСА ќе ја идентификува потребата од систем за превоз на екипаж, по што инженерите и специјалистите на агенцијата ќе го надгледуваат секој сегмент од развојот на леталото, системите за поддршка и оперативните планови. Притоа бил избиран и ангажиран комерцијален  изведувач за изградба на системот и строго се внимавало тој да ги почитува и да ги исполнува спецификациите наведени од НАСА. Персоналот од НАСА бил сериозно вклучен во процесот – тие ги надгледувале обработката, тестирањето, лансирањето и работењето на системот во сите фази, со цел да се постигне безбедност и сигурност. Целиот хардвер и инфраструктура биле и останувале во сопственост на НАСА. По овој терк “тераше” и остварувањето на Програмата за вселенски шатлови и изработката на американските делови од Меѓународната вселенска станица.

Комерцијалниот пристап за добивање нов систем за транспорт на екипаж е следен: НАСА ја идентификува потребата за нов систем за превоз на екипаж и широкиот опсег на побарувања што тој ќе мора да ги задоволи за да се осигура безбедноста на екипажот. При користењето комерцијален тим за изведба, потребата се концентрира околу безбедно, сигурно и економично средство за превоз на луѓето до ниска орбита на Земјата, вклучително и до Меѓународната вселенска станица и нивно безбедно враќање на Земјата. Заинтересираните компании имаат одврзани раце во поглед на дизајнот, при што се охрабруваат да ги применат своите најефикасни техники на производство и деловно работење. Компаниите го следат и го изведуваат процесот користејќи сопствен хардвер и инфраструктура. Инженерите и специјалистите за астронаутика при НАСА тесно соработуваат со приватните компании, со што се добива увид во процесот на развој, а се нуди и експертизата и достапните ресурси. Сега НАСА за првпат го применува овој модел за испраќање екипаж во вселената, кога леталото и ракетата остануваат во сопственост на приватниот претприемач (во случајов SpaceX) којшто НАСА го користи па речиси како "такси служба".

Лансирањето, планирано за денес во 21 часот и 22 минути по средноевропско време, треба да означи нова ера во лансирањето ракети од американска почва кон МВС. Астронаутите Роберт Бенкен и Даглас Харли ќе полетаат сместени во леталото Crew Dragon на SpaceX, коешто ќе биде лансирано во вселената со помош на ракетата Falkon 9. Лансирањето ќе биде извршено од комплексот за лансирање 39А, а во план е астронаутите да имаат подолг престој во вселената во рамките на мисијата Demo-2.

Бенкен и Харли се меѓу првите астронаути што започнаа да работат и да тренираат за користење на следната генерација вселенски летала од SpaceX. Tиe беа избрани поради нивното долгогодишно летачко искуство и искуство на позицијата како тест-пилот, а биле вклучени и во некои од мисиите на вселенскиот шатл.

Бенкен ќе биде командант на мисијата, одговорен за активностите како пресретнување, докинг и откачување од МВС, како и за активностите во рамките на мисијата Demo-2 за целото времетраење на нивниот престој на МВС. Тој бил избран за астронаут на НАСА во 2000 година и бил дел од екипажот на два лета со спејс-шатл. Бенкен бил дел од мисиите STS-123, во март 2008 година, и STS-130, во февруари 2010 година, при што извел три вселенски прошетки. Бенкен е физичар и машински инженер, со докторат во областа на машинството.

Харли ќе биде командант на вселенското летало за Demo-2, одговорен за активности како што се лансирање, слетување и закрепнување. Тој беше избран за астронаут во 2000 година и зад себе има две вселенски мисии. Харли служеше како пилот и водечки оператор за роботика на мисиите STS-127 и STS-135, којашто воедно беше и последната мисија со вселенски шатл. Има универзитетска диплома од областа на градежништвото, но и соодветно образование и обука за тест-пилот.

По лансирањето Crew Dragon ќе ги понесе двајцата патници на пат кон Меѓународната вселенска станица. По влегувањето во орбитата, екипажот во леталото и контролата на мисијата на SpaceX, треба да дадат потврда дека сè се одвива според предвидениот план. Притоа, меѓу другото, ќе се врши тестирање на системот за одржување на животната средина, на дисплеите и контролниот систем, како и на потисните мотори за маневрирање. За околу 24 часа, Crew Dragon ќе биде во позиција за средба и докинг на Меѓународната вселенска станица.

Иако вселенското летало е дизајнирано така што ќе ги врши овие работи автоматски, астронаутите во леталото внимателно ќе ја следат процедурата и ако за тоа се укаже потреба, ќе ја преземат контролата врз леталото и ќе ја спроведат процедурата мануелно.

По успешниот докинг, Бенкен и Харли ќе бидат дел од екипажот на Експедицијата 63. Тие ќе продолжат да го тестираат Crew Dragon, а покрај тоа ќе спроведуваат и истражувања и други задачи заедно со екипажот на вселенската станица.

Тест-леталото Crew Dragon може да остане во орбитата околу 110 дена, а специфичното времетраење на оваа мисија ќе биде одредено во зависност од подготвеноста за следно комерцијално лансирање на екипаж. Оперативното летало Crew Dragon, коешто ќе се користи во наредните мисии ако тестирањата поминат како што треба, според побарувањата на НАСА, ќе биде во можност да остане во орбитата најмалку 210 дена.

По завршувањето на мисијата, Crew Dragon автоматски ќе ја изведе процедурата за откачување од МВС носејќи ги двајцата астронаути назад на Земјата. Планирано е спуштањето да се изведе во водите на Атлантскиот Океан, во близина на брегот на Флорида, по што бродот на SpaceX Go Navigator ќе го преземе екипажот и ќе се упати кон Кејп Канаверал.

Мисијата Demo-2 е последниот чекор пред Crew Dragon да биде прифатен од НАСА како комерцијално превозно средство за нивните оперативни, долгорочни мисии на Меѓународната вселенска станица. Сертифицирањето и редовната употреба на Crew Dragon ќе овозможи НАСА да ги продолжи нејзините важни истражувачки мисии на МВС, од што ќе има корист целото човештво.

Сите заинтересирани ќе можат директно да го проследат лансирањето на сајтот на НАСА.

Директен пренос од случувањата во Кејп Канаверал
Клучни зборови: