Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 26.5.2020
Објавено на 26.05.2020 - 22:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

26.5.1970 – За првпат патнички авион лета двапати побрзо од звукот

Советскиот патнички авион Туполев Ту-144 станува првиот патнички млазен авион кој ја постигнува и ја надминува брзината мах 2. Авионот е дело на конструкторското биро Туполев, водено од Алексеј Туполев. Првото јавно претставување на дизајнот се случило во 1962 година, додека првиот лет на прототипот е на 5 јуни 1969 година. Поради неговиот изглед и карактеристики, Ту-144 честопати е споредуван со англо-францускиот патнички авион Конкорд. (Н. С.)

 

26.5.1951 – Родена е Сели Рајд, прва американка во вселената

Сели Кристен Рајд (Sally Kristen Ride) е американски астронаут и физичар. Рајд и се приклучи на НАСА во 1978 година а во 1983 година стана прва американка и воопшто трета жена во вселената по Валентина Терешкова (во 1963 година) и Светлана Савитскаја (1982 година). На возраст од 32 години, Рајд беше и најмладиот американски астронаут што дотогаш патувал во вселената.

Рајд беше избрана за астронаутски тренинг во Групата 8, првата класа астронаути на НАСА којашто вклучи жени. За обуката аплицирала одговарајќи на огласот во студентскиот весник на Универзитетот цо Стенфорд. На истиот оглас аплицирале вкупно 8000 луѓе, од кои во потесен избор влегле 35. По успешното завршување на обуката во 1979 година, Рајд добила задолженија во оперативата на Земјата а помогнала и во конструкцијата на роботската рака Canadarm, којашто ја користеа вселенските шатлови.

На 18 јуни 1983 година, го направи својот прв лет во вселената како дел од вселенската мисија STS-7 на спејс-шатлот Челинџер. Примарна цел на мисијата беше лансирање на 2 комуникациски сателити, употреба на придружниот сателитски палет на спејс-шатлот (SPAS-1), спроведување низа експерименти во товарниот оддел од шатлот, и тестирање на TDRS сателитот.

При лансирањето на спејс-шатлот во вселената, првата американка во вселената добила голема поддршка. Голем дел од луѓето кои присуствувале на лансирањето носеле маички на коишто биле испишани стиховите “Ride, Sally Ride” од песната “Мустанг Сeли” на Вил Пикет.

На нејзината втора вселенска мисија во 1984 година таа повторно ќе патува со Челинџер и притоа ќе оствари престој од 343 часа во вселената.

По несреќата на спејс-шатлот Челинџер во 1986 година била дел од истражната комисија, а исто така учествувала и во истрагата при падот на спејс-шатлот Колумбија во 2003 година.

Сели Рајд почина во 2012 година од рак на панкреас. (Н. С.)

 

26.5.1897 – Од печат излезе “Дракула” на Брем Стокер

Оваа готска хорор-приказна ќе стане основа на цел нов литературен и филмски жанр во фантастиката, во чијшто епицентар на дејството ќе бидат вампирите.

Новелата е напишана во форма на дневници и журнали коишто ги пишуваат главните ликови, Џонатан Харкер, којшто прв го запознава вампирот, грофот Дракула, Вилхемина “Мина” Харкер свршеничка а потоа и жена на Џонатан, Др Џон “Џек” Сиворд, психијатар и администратор на санаториум, Луси Вестенра, пријателка на Мина и жртва на Дракула, по што ќе се повампири.

Приказната го следи Трансилванискиот вампир којшто со неговите натприродни моќи ќе допатува во Англија каде ги напаѓа невините луѓе за да им ја пие крвта, што му овозможува опстанок. По многу авантури, Харкер и неговите пријатели водени од менторот на Сиворд, д-р Аврам Ван Хелсинг, ќе успеат да го совладаат и уништат Дракула. Оваа извонредно популарна новела подоцна ќе доживее голем број театарски и филмски адаптации, од кои некои ќе постигнат огромен успех. (Н. С.)

 

26.5.1876 – Успешен крај на Експедицијата на Челинџер

Експедицијата на Челинџер беше истажувачко патување спроведено од страна на Британскиот адмиралитет и Кралското Друштво со цел спроведување на низа океанографки истражувања.

Челинџер (HMS Challenger) е всушнос, брод од типот корвета, со којшто командувал капетанот Џорџ Стронг Нерс (George Strong Nares) додека научниот тим работел под супервизија на сер Вајвил Томсон (Sir C. Wyville Thomson), шкотски природонаучник и океанограф, којшто прв го опишал животот во океанските длабочини.

Експедицијата заокружува набљудувања направени на 362 места и 492 извршени длабочински мерења и земање на 133 длабински примероци. Меѓу резултатите од експедицијата се одредување на океанската температура, океанските струи, длабочините и контурите на големите океански басени; притоа биле изведени и мапирање, сондажа и биолошки истражувања.

Извештајот со научните резултати од патувањето на Челинџер излезе од печат распределен во 50 дела, во периодот од 1880 до 1895 година. Обемот и темелноста на спроведените истражувања ги постави основите и насоките за понатамошните подводни истражувања. Подоцнежните истражувања ги дополнија наодите од научната група на експедицијата Челинџер, но не влијаеја за нивна промена.

Голем дел од податоците добиени од оваа експедиција се користат и ден денес. (Н. С.)