Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 22-25.5.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.05.2020 - 01:00

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

22.5.1990 – Лансиран Windows 3.0

Компанијата Мајкрософт го лансира оперативниот систем со графичко опкружување Windows 3.0. Набргу по неговото пуштање на пазарот, ова трето издание станува првата широкоприфатена верзија на Windows којашто успешно им парира на ривалите Macintosh од Apple и Amiga на Comodore. (Н. С.)

 

22.5.1960 – Се случи најсилниот земјотрес забележан во 20 век

Големиот Чилеански земјотрес од 1960 година беше проценет дека бил со магнитуда од 9,5 степени иако некои подоцнежни проучувања ја сместија неговата јачина на 9,4 според едни и 9,6 степени според други научници.

На настанот му претходеа серија силни потреси, меѓу кои и еден од 8,1 степен. Изворот на земјотресот беше  лоциран во должина од 1000 километри на раседната линија сместена на дното од Тихиот Океан, место каде Наска плочата навлегува под континенталната Јужноамериканска плоча.

Земјотресот однесе голем број човечки животи, некои од нив згаснаа директно во самиот земјотрес, а голем дел погинаа во последователните цунами бранови ширум Пацификот, кои на бреговите на Чиле достигнаа висина до 25 метри. (Н. С.)

 

23.5.2015 – Во сообраќајна несреќа погина Џон Неш

Џон Форбс Неш помладиот е американски математилар познат по неговата работа на Теоријата на игри, на полето на диференцијалната геометрија и диференцијалните равенки. Работата на Неш обезбеди нов увид во некои од факторите коишто управуваат со среќата и одлучувањето во рамките на комплексните системи коишто се среќаваат во секојдневниот живот.

Неговите решенија имаат широка примена во повеќе домени – економијата, пресметките, еволуционарната биологија, вештачката интелигенција, но и во политичките и воените теории. Добитник е на Нобеловата награда за економија за 1994 година. Во 2015 година му беше доделена и наградата Абел којашто ја сподели со Луис Ниренберг, за неговата работа на нелинеарни парцијални диференцијални равенки.

Неговата борба со параноидната шизофренија и закрепнувањето се опишани во биографското дело “Прекрасен ум” од Силвија Насар. Истоимениот филм во 2002 година беше награден со три Оскари и еден Златен Глобус.  (Н. С.)

 

24.5.1844 – Испратена првата телеграма по електричен пат во САД

На 24 мај 1844 година, од страна на Семјуел Морзе (Samuel Finley Breese Morse 1791-1872), американски сликар и пронаоѓач, била испратена првата телеграма по електричен пат од Вашингтон Д.Ц до Балтимор, Мериленд. Тој ја испратил првата официјална телеграма преку линијата, со пораката „Што создал Бог?“ („What hath God wrought?“).

Морзе придонел за пронаоѓањето на едножичниот телеграфски систем заснован на европските телеграфи. Тој бил соразвивач на Морзеовиот код и помогнал да се развие комерцијалната употреба на телеграфијата. Во 1838 година, за првпат на растојание од 3 км го демонстрирал својот изум, во кој буквите и броевите биле претставени со точки и цртички. Во 1843 година успеал конечно да го убеди Конгресот да ја финансира изградбата на првата телеграфска линија во САД, со вредност од 40.000 долари, која се протегала од Вашингтон до Балтимор, што е растојание од 71 км. (Д. М.)

 

25.5.1994 – Прва меѓународна светска веб-конференција

CERN бил домаќин на првата меѓународна конференција на World Wide Web, која траела до 27 мај. На конференцијата, истражувачите се надоврзаа на концептот на Тим Бернерс-Ли за единечно складиште за најразлични информации – дизајн што во голема мера ќе му помогне на неговото истражување во CERN , каде што претходно морал да користи голем број различни програми и локации за да дојде до потребните информации. Додека учесниците ја разбраа корисноста на концептот на Бернерс-Ли и на „Јазикот за обележување на хипертекст“, или HTML, малкумина претпоставуваа колку брзо мрежата ќе се прошири на милиони корисници на глобално ниво. (И. З.)

 

25.5.1977 – “Војна на ѕвездите” почна да се прикажува во кината

Првиот филмуван дел од вселенската опера Војна на ѕвездите (позната како Војна на ѕвездите, епизода 4 – Нова надеж) на Џорџ Лукас почна да се прикажува во кино салите. Филмот означи старт на една од најуспешните и највлијателни франшизи од областа на научната фантастика и вопшто во светот на филмот.

Филмот се снимаше четири години, на локации во Тунис, во Долината на смртта во Калифорнија, како и во студиски простории во Англија. Во првата недела од прикажувањето заработи 3 милиони долари, а до крајот на летото веќе имаше на конто заработка од 100 милиони долари.

Приказната во филмот сместена “многу одамна, во една далечна галаксија” се одвива околу младиот Лук Скајвокер,  којшто одненадеж од пустините на галактичката забит ќе се најде во средиштето на меѓупланетарната граѓанска војна каде бунтовниците се борат против авторитарната тиранија на Царството. Филмот ќе освои 6 Оскари и ќе постави нови стандарди во доменот на специјалните аудиовизуелни ефекти. (Н. С.)

25.5.1889 – Роден е Игор Сикорски, таткото на хеликоптерот

Игор Сикорски (Igor Sikorsky) е познат украинско-руски и американски пионер на аеронаутиката. Го дизајнирал првиот повеќемоторен воздухоплов во светот и учествувал во развојот на првиот патнички хидроавион, изработен за потребите на компанијата Пан Ам, во 1930 година.

Сикорски има огромни заслуги во развојот на хеликоптерот како воздухоплов. Моделот Sikorsky R-4, развиен од Сикорски е првиот модел на хеликоптер којшто влегол во сериско произведство. Иновацијата на Сикорски, којашто се состои во вметнување на заден ротор којшто овозможува дополнителна контрола на правецот на летот, и денес е составен дел кај најголем дел од хеликоптерите.

Неговата компанија за производство на воздухоплови, Сикорски, основана 1925 година, и денес е еден од најголемите производители на хеликоптери во светот. (Н. С.)

Клучни зборови:
Урнатинини по земјотресот во Чиле од 1960 година

Урнатинини по земјотресот во Чиле од 1960 година

Епицентарот на најсилниот земјотрес во поновата историја

Епицентарот на најсилниот земјотрес во поновата историја

Простирање и силина на цунами брановите предизвикани од земјотресот во Чиле

Простирање и силина на цунами брановите предизвикани од земјотресот во Чиле

Џон Неш и неговата жена Алиша на церемонијата за додела на Нобеловата награда во 1994 година

Џон Неш и неговата жена Алиша на церемонијата за додела на Нобеловата награда во 1994 година

Семјуел Морзе

Семјуел Морзе

Телеграфот на Морзе

Телеграфот на Морзе

Испраќање на првата телеграма по електричен пат во САД

Испраќање на првата телеграма по електричен пат во САД

Џорџ Лукас и сер Алек Гинис на сетот од Војна на ѕвездите

Џорџ Лукас и сер Алек Гинис на сетот од Војна на ѕвездите

Сцена од Војна на ѕвездите

Сцена од Војна на ѕвездите

Најсимпатичните роботи во далечната галаксија многу одамна

Најсимпатичните роботи во далечната галаксија многу одамна

Игор Сикорски

Игор Сикорски