Рубрика: Астрономија и астронаутика
Детектирана најблиската црна дупка до Земјата
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 20.05.2020 - 13:15

Астрономите ja детектирале најблиската досега откриена црна дупка до Земјата, оддалечена приближно 1 000 светлински години од Земјата. Тука ве потсетуваме дека една светлинска година е растојанието кое светлината го поминува во време од 1 година. Црната дупка била детектирана во состав што претходно беше сметан за бинарен систем од две ѕвезди, познат како бинар HR6819. Составот може да се види и со “голо” око на јужното ноќно небо, но се разбира дека притоа не може да се види и црната дупка.

Наведениот состав, којшто астрономите го сметале за бинарен ѕвезден систем, го набљудувале од астрономската опсерваторија во Чиле. Откако неколку месеци ги набљудувале и студирале траекториите на двете ѕвезди во составот, тие ги мапирале нивните орбити, и притоа во орбитите препознале гравитациска интеракција од некој скриен трет објект во тој состав. Па според тоа наведениот, наводно “бинарен” состав HR6819, всушност претставува троен систем.

Да објасниме, кај вообичаените бинарни системи двата објекти орбитираат со иста периода околу еден заеднички центар којшто е всушност нивно заедничко тежиште. Но, сликата на “бинарот” HR6819  е сосема поинаква. Имено, ѕвездите во неговиот состав имаат различи траектории и периоди – едната од нив има периода на орбитирање со траење од 40 дена, по што е очигледно дека е во состав со некој невидлив објект, додека другата ѕвезда во истиот тој состав орбитира на прилично поголемо растојание и, соодветно, има подолга периода.

Шематскиот приказ на траекториите на овој троен состав е прикажан подолу на сликата, каде орбитите на двете ѕвезди се покажани со сина боја, а орбитата на невидливиот објект со црвена боја.

Шематски приказ на орбитите во тројниот систем ХР6819.

Според комбинацијата на тие орбити астрономите пресметале дека невидливиот, трет објект во составот, има маса најмалку 4 пати поголема од масата на нашето Сонце. Според лидерот на истражувачката група и автор на информацијата објавена во Astronomy & Astrophysics, Томас Ривиниус (Thomas Rivinius), "тој  невидлив објект може да биде само црна дупка од некоја згасната ѕвезда”.

Така е откриена најблиската црна дупка до нашата Земја, во нашата галаксија. Досега за најблиска откриена црна дупка се сметаше црната дупка оддалечена околу 3 000 светлосни години од Земјата. Интересно е што наведената откриена најблиска црна дупка не можеше да биде детектирана на вообичаен начин, т.е. со детекција на нејзината радијација во x-зрачното подрачје, затоа што таквата радијација не беше идентификувана, туку е откриена со идентификација на гравитациската интеракција со нејзините ѕвезди придружнички. Да објасниме, самите црни дупки не емитуваат радијација, туку таа радијација потекнува од материјата којашто црната дупка ја вшмукува во себе и која, со брзина блиска до брзината на светлината, спирално паѓа во црната дупка. Притоа доаѓа до интензивно триење помеѓу материјалните честички, па тие се загреваат и емитуваат радијација во Х-зрачно подрачје, а привидно изгледа дека црната дупка емитува млаз од плазма во насока на оската на ротација на нејзиниот акреционен диск (види ја сликата подолу).

Радијацијата којашто привидно изгледа дека потекнува од црната дупка.

Во тој контекст еве ја и изјавата на Петр Хадрава (Petr Hadrava), коавтор на студијата:

”Начинот на кој е откриена оваа најблиска  црна дупка, преку гравитациска итеракција а не преку x-зрачна радијација, може да помогне да се откријат и други, слични црни дупки во различни состави, коишто најверојатно ги има во голем број во нашата галаксија”.

Клучни зборови:
Шематски приказ на орбитите во тројниот систем ХР6819.

Шематски приказ на орбитите во тројниот систем ХР6819.

Радијацијата којашто привидно изгледа дека потекнува од црната дупка.

Радијацијата којашто привидно изгледа дека потекнува од црната дупка.